Стручното списание „Правен дијалог” се издава со цел развивање, унапредување и размена на правната мисла помеѓу теоретичарите и практичарите од областа на правото и човековите права. Оттаму произлегува и називот на списанието кое алудира на развивање на дијалог, и изразување на различни ставови и гледишта по однос на теми кои ги засегаат човековите права и владеење на правото.
Првото издание на Правен дијалог беше објавено на 20 Ноември 2010 година.
Започнувајќи од 2020 година стручното списание „Правен дијалог” ќе излегува два пати во годината со објавување на трудови кои се очекува да имаат влијание врз разрешување на дилеми во однос на правни и теоретски прашања кои опфаќаат теми поврзани со човековите права и владеењето на правото.
Манчо Митевски
Главен и одговорен уредник на Правен дијалог
д-р Весна Стефановска
Заменик на главниот и одговорен уредник на Правен дијалог
д-р Мерсел Биљали (професор на Факултет за правни и политички науки - ФОН Универзитет)
м-р Славица Димитриевска (докторанд на Факултетот за безбедност Скопје - Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола)
д-р Ангелина Станојоска (вонреден професор на Правен факултет - Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола)
Пред Вас е најновиот број на „Правен дијалог“ во кој можете да прочитате текстови од областа на човековите права: доживотната казна и човековите права, затворската казна и нејзините фундаменти во македонското законодавство, меѓународното хуманитарно право, наспроти меѓународното право за човековите права, пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во врска со насилното исфрлање на новинарите од галеријата на Собранието на Република Македонија, текстови за мерит системот во јавната и државната администрација, како и трудот кој го обработува проблемот со перењето пари како дел од организираниот криминал и неговото санкционирање во нашата земја. Од меѓународно-правната проблематика, внимание ќе привлечат текстот кој ги третира критичките аспекти на оригиналистичкото толкување на Уставот на САД, како и текстот за улогата на полицијата во Република Српска во решавањето на кривичните дела против службената должност и овластувања.
Во овој број ќе имате можност да прочитате трудови и поблиску да се запознаете со владеење на правото и остварување на човековите права и повредата на правото на слобода и безбедност согласно Европската конвенција за човекови права. Понатаму, ќе можете да се запознаете со типологијата на системската корупција во Република Северна Македонија и да дознаете нешто повеќе за фидуцијарниот пренос на правото на сопственост. Со цел развивање и прикажување на критичката мисла, ќе имате можност да прочитате есеј за правата на жените гледано низ призмата на родовата еднаквост некогаш и денес.
Ова издание на „Правен дијалог“ е карактеристично по шареноликоста на темите, сегментите кои ги анализираат човековите права и владеењето на правото обезбедено и гарантирано од институциите на државата. Воедно, и овој број се карактеризира со различниот профил на автори меѓу кои има актуелни и поранешни судии од Уставниот и Врховниот суд на Република Северна Македонија, универзитетски професори, доценти, постдипломци и докторанди како и експерти од граѓанските организации. Со ова всушност се исполнува и целта на Редакцискиот одбор во стручното списание да преовладуваат различни теми напишани од широк профил на експерти во своите области.
Во овој број ќе имате можност да прочитате трудови и поблиску да се запознаете со заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот пред Уставниот суд како и дилемите кои се јавуваат во врска со функционирањето и надлежностите на Уставниот суд. Од Европската конвенција за човекови права ќе можете подетално да се запознаете со Протоколот 1 кој го уредува правото на сопственост и Протоколот 16 кој се однесува на можноста националните судови да побaраат од Европскиот суд за човекови права советодавно мислење во однос на конкретен предмет. Од национален аспект, разработено е прашањето поврзано со правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија и дилемите поврзани со законските решенија и дали тие обезбедуваат подобра заштита.
Воедно, ќе имате можност да прочитате трудови кои обработуваат не толку актуелни, но сепак важни теми кои треба да бидат прикажани и акцентирани како што се прашањата поврзани со управување со радиоактивен отпад и со искористени радиоактивни извори во Република Северна Македонија и функционирањето и надлежностите на Државното правобранителство како заштитник на имотните права и интереси на Републиката.
Се надеваме дека содржините во овој број ќе го привлечат Вашето внимание, почитувани читатели, ќе иницираат дијалог и размена на мислења, а со тоа ќе Ве мотивираат да истражувате и да подготвите труд за некој од наредните броеви на „Правен дијалог“.
„Правен дијалог“, од број во број е сé поинтересен за авторите кои сакаат да објавуваат свои текстови, од една страна, а авторите, кои се сé побројни, нудат навистина интересни и квалитетни текстови од сферите на нивната научна и стручна преокупација. Овој број е карактеристичен по шареноликоста на темите и пристапите кои се предмет на опсервација, но и по професионалниот профил на авторите, меѓу кои има универзитетски професори, доценти и научен подмладок од додипломските, постдипломските и докторските студии, афирмирани активисти од невладините организации и експерти од правната фела. Нормално, поради карактерот на списанието, доминираат текстовите од сферата на човековите права, состојбите со спроведувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права и следењето и имплементацијата на практиката и пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на националните судови. Во ерата на пандемијата на Ковид-19, иако таа полека стивнува, обработени и анализирани се некои аспекти на националните политики за справување со епидемија со големи размери кога многу земји во светот, во регионот, како и во нашата земја, прогласуваа вонредна состојба, при што владите донесуваа мерки кои беа на работ или нарушуваа одделни уставно загарантирани човекови права, посебно на најранливите категории – што претставуваше избор меѓу поголемото и помалото зло – секако со ограничено временско траење. Се надеваме дека содржините во овој број ќе го привлечат Вашето внимание, почитувани читатели, а со тоа ќе Ве мотивираат и Вие, во рамките на Вашите лични научни и стручни преокупации, да се појавите со текст во некој од наредните броеви. Со голема жал соопштуваме дека неодамна почина Коста Петровски, истакнат правник, кој целиот работен век до пензионирањето го помина во обвинителството, искачувајќи ги сите скалила, од најниските до највисоките – од заменик јавен обвинител на Општинското јавно обвинителство Скопје до обвинител во републичкото Јавно обвинителство, член на Советот на јавни обвинители и основач на Здружението на јавните обвинители. Коста Петровски беше член на Управниот одбор на Институтот за човекови права и член на Редакцискиот одбор на списанието „Правен дијалог“. Со смртта на Петровски правната фела во Република Северна Македонија, Институтот за човекови права и списанието „Правен дијалог“ загубија исклучително мудар и искусен правник, целосно посветен на својата професија и голем борец за заштита на човековите права.
Во ова издание на стручното списание „Правен дијалог“ ќе имате можност да прочитате текстови на актуелни теми поврзани со човековите права во време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Тука се издвојува праксата на Европскиот суд за човекови права во однос на заштита на здравјето преку ограничувањето на правата и слободите, при што допрва ќе се анализира праксата на Судот во однос на одлуките што ќе произлезат од поднесените апликации за можни прекршувања на човековите права за време на пандемијата КОВИД-19. Несомнено може да се констатира дека вонредната состојба прoгласена во нашата држава, но и пошироко низ Европа имаше најголем ефект врз работничките права, при што голем број работници се соочија со откази од своите работни места или со намалување на платите.
Следејќи ги светските трендови како и потребата од внесување новини, започнувајќи од овој број, стручното списание „Правен дијалог” ќе излегува два пати во годината со објавување на научни трудови кои се очекува да имаат влијание врз разрешување на дилеми во однос на конкретни прашања на национално ниво, додека пак анализата на одлуките на Европскиот суд за човекови права ќе овозможи правилна примена на одредбите од Европската конвенција за човекови права во националното законодавство на Република Северна Македонија.
Во ова издание на Правен дијалог застапени се трудови од различни теми и области поврзани со човековите права и владеење на правото со цел да го задржиме вашето внимание и да внесеме разноликост во изборот на теми кои се актуелни не само во нашата држава, туку и пошироко. Од таа причина, во овој број ќе може да прочитате за праксата на Европскиот суд за човекови права преку анализа на конкретни случаи, статусот на судиите, животната средина која во последно време го зазема своето место во праксата на Стразбур, улогата на омбудсманот во Црна Гора, состојбата со човековите права при активирање на членот 15 од ЕКЧП како и за улогата на Уставниот суд за време на вонредна состојба. Понатаму, може да дознаете и нешто повеќе за теориите на граѓанското субјективно право, дејството на правосилноста на судските одлуки, состојбата околу, за жал сè позачестената трговија со луѓе во Северна Македонија како и да се запознаете со обврските кои произлегуваат од договорот за продажба согласно Законот за облигациони односи.
Особено не радува фактот што во овој број застапени се и млади автори кои ја негуваат љубовта кон правото и науката и кои со своите истражувања и трудови го збогатија ова издание на Правен дијалог.
Ова јубилејно (дваесетто) издание на стручното списание „Правен дијалог“ е посветено на проблематиката околу сè позачестената дискриминација во Република Северна Македонија во сите сфери од општествениот живот како и проблемите околу нејзиното препознавање и санкционирање. Од таа причина се одлучивме ова издание да го посветиме на дискриминацијата, односно на спречување на дејствијата на дискриминација, препознавање на дискриминаторските основи како и претставување на начините за заштита од дискриминација пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, но и пред редовните судови. Со ова тематско издание на „Правен дијалог“ ја одбележуваме и десетгодишнината од основањето на Институтот за човекови права чија цел и мисија и понатаму остануваат промовирање, унапредување и заштита на човековите права и слободи преку континуирана едукација на професионалната јавност и анализа на состојбите во државата преку јакнење на капацитетите и механизмите за заштита на основните човекови права и слободи.