news-bg

Новости

Проект:
УСТАВНИОТ СУД – ЗАШТИТНИК НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Анализа на одлуките и решенијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија по поднесени барања за заштита на слободите и правата

Уставното судство на сега Република Северна Македонија, во континуитет постои речиси шест децении. Уставниот суд, според својата положба, не претставува дел од системот на организацијата на државната власт, туку е посебен уставен орган со статус sui generis, состав, организација и надлежности конкретно утврдени во самиот Устав. Таквата независна положба на Уставниот суд се смета за претпоставка за непречено вршење уставносудска функција, заштитена од политички влијанија и одвоена од редовното судство.

Една од најважните надлежности на Уставниот суд на РСМ е да одлучува по барања за заштита на слободите и правата и затоа Институтот за човекови права изготви „Анализа на одлуките и решенијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија по поднесени барања за заштита на слободите и правата.“ 

Анализата има за цел, преку разгледување на сите одлуки и решенија донесени од Уставниот суд на Република Северна Македонија (РСМ) во периодот од 1992 до 2023 год., да го согледа остварувањето на надлежноста на Уставниот суд во заштита на слободите и правата. Дополнително ги идентификува прашањата што би можеле да бидат основа за унапредување на нивото на заштита на слободите и правата, особено од гледиште на меѓународните документи, како што се Декларацијата за човековите права на Обединетите нации, Европската конвенција за човекови права и други, како и од гледиште на влијанието на пресудите на Европскиот суд за човекови права во одлучувањето на Уставниот суд.

Анализата е достапна на македонски јазик тука.

Анализата е достапна на албански јазик тука.

-----------------
Анализата е изготвена во рамките на проектот „Уставниот суд – заштитник на човековите права“ кој го спроведува Институтот за човекови права, со финансиска поддршка од Германската амбасада во Скопје.
project-img project-img