news-bg

Блог

УЛОГАТА НА МЕДИУМИТЕ ВО ГРАДЕЊЕТО НА МУЛТИЕТНИЧКО И СЕОПФАТНО ОПШТЕСТВО

Автор: ЕДИ ЌЕРИМИ


(оригиналниот текст на албански можете да го прочитате тука)


Медиумите имаат извонредно влијание и моќ во градењето на мултиетничко општество, бидејќи тие можат да бидат промотори и најбрзи дистрибутери на идеи. Дали имаме таков медиум во нашата земја кој има посебна стратегија за градење меѓуетничка хармонија? Да, медиуми имаме, но посебна стратегија – не. Нашата земја повеќе од кога и да е има потреба од емисии кои се занимаваат со оваа проблематика, или промовираат мултиетнички држави како пример за хармоничен живот. Авторите на медиумските програми треба да размислуваат за иднината, односно да имаат визија.

Примарната визија на еден медиумски лидер би била кога уредникот на програмите ќе го прекине дистрибуирањето на мислења на лица со застарени ставови кои сеат омраза или се против толеранција: верска, родова, расна, етничка итн. Овој визионер, кој му недостига на мојата земја, треба да создаде емисии за сите возрасти:

➡️ Емисии за деца каде што се промовира детската насмевка со пријатели од различни етникуми, каде што се промовира играта, животот и културата меѓу нив. Токму таму, каде што се гаси злобниот свет, треба да се прикаже радоста на животот исполнет со толеранција, без никаква омраза. Да се промовираат децата кои зборуваат на повеќе јазици од своите пријатели, бидејќи јазикот не е само средство за комуникација, туку и мост на љубов или толеранција. Да се покаже вредноста на познавањето на еден јазик повеќе, бидејќи не губите ништо, дури можеби добивате цел народ.

➡️ Емисии за младите, каде што се прикажува соработка: на пример, како учениците од различни етникуми заеднички учествуваат во проект во некое училиште, со еднаков број на млади од двата пола. Да се претстави мултиетничката уметност и култура од групи млади и да се прикажат заедничките успеси на овие групи.

Времето оди заедно со возраста на човекот, па треба да има емисии за секоја возраст со главната вредност и цел ширење на хармонија во мултиетничка земја.

Ми се врти едно чудно прашање додека пишувам! Каде се наоѓа клучот? Зошто нашата земја, колку и да ги подобрува меѓуетничките односи, по некое време тие се нарушуваат?! Зошто им е дозволено на оние со застарени ставови кои создаваат поделби и омраза меѓу етникумите да се промовираат и да ја уништат хармонијата?

Наместо тоа, би претставил пример од некој цивилизиран град, каде што живеат етникуми од целиот свет. Една ретка глетка кога кај сите има јазик на соработка со резервирана насмевка.

Ах, повторно ми се вртат прашања во мојата глава! Дали народот во тој град е тесно поврзан со политичките партии? Дали размислуваат за политиката или за своите професии и благосостојбата на својот живот?

Мислам дека тука лежи разликата меѓу нашата земја со старомодниот менталитет и една европска држава која е различна од нашата во поглед на развојот на менталитетот и начинот на живеење. Како?! Таму луѓето ја оставаат политиката на професионалците, и не се под влијание да создадат поделби меѓу народите. Додека тука, кај нас, медиумите се под силно влијание на политичките партии и играат според нивните директиви. Со цел остварување на нивните интереси, не се држат до никаков новинарски етички код и затоа кај нас честопати се нарушува меѓуетничката хармонија.

Дали нашите медиуми се слободни? Не, тие се зависни од политиката, бидејќи се формирани или отворени како приватни медиуми од самите политички субјекти за да и служат на нивната политика, со новинари кои се подготвени да промовираат сè за своите шефови без да го земат предвид меѓуетничкиот живот.

Затоа, пред сè, нашите медиуми треба да се посветат со себе, да ги коригираат сопствените грешки, а потоа да се грижат за институционалното образование, за да не се повтори оваа појава на нарушување на благосостојбата. Да, многу полесно се контролира човек кој е врзан со лисици, отколку некој кој има слободни раце. Оковите на сè во мојата земја ја уништуваат насмевката кај секоја возраст и боја.

Ако медиумот би бил независен, економски и политички, неговите следбеници би биле во многу поголем број. Влијанието врз населението би било толку големо што на секој повик од таквиот медиум би имало одговор.

Значи, во мојата земја медиумите ја изгубиле својата моќ поради зависноста. Ако имаме независни медиуми кои се посветени на благосостојбата на меѓуетничкиот живот, тие ќе можат да го постигнат тоа. Сонувам да видам таков медиум кој ќе посее љубов и насмевка кај секој човек, без оглед на неговата возраст, пол, вера, етничка припадност или раса.



Автор на овој блог е Еди Ќерими, средношколец од СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, Скопје.


ОБЈАВЕНО НА 19.11.2024 ГОДИНА


________________________________________________________________________________________________

Овој блог е дел од серијалот на блогови на тема „Унапредување на мултиетничко општество и промоција на мултикултурата во нашата држава“ напишани од средношколци во рамки на проектот „Младински активизам за инклузивно општество“.  

Проектот „Младински активизам за инклузивно општество“ на Институтот за човекови права се спроведува во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

project-img project-img