news-bg

Блог

МЛАДИНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ТОЛЕРАНЦИЈАТА И МЕЃУЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА

Авторка: БЛЕРОНА БЕРИША


(оригиналниот текст на албански можете да го прочитате тука)


Ние, младите во земјата, како надежта на нацијата, како најенергичната и најамбициозна возрасна група, сонуваме за светла иднина и се стремиме кон постигнување на највисоките стандарди за живот во услови каде што можеме да развиваме разни активности врз основа на нашите вештини. Како резултат на потребата за меѓуетничка соработка помеѓу заедниците со кои го делиме заедничкиот живот, во истите услови на местото и времето во кое живееме, потребно е да растеме со духот на толеранција кон врсниците и кон другите возрасни групи околу нас. 

Кога зборуваме за меѓуетничката толеранција на различните возрасни групи и етникуми кои се активни и решиле да ѝ служат на татковината, факт е дека треба да имаме толеранција помеѓу нас без оглед на разликите во традициите и културата, бидејќи ние сме тие кои сме решиле да ја подобриме нашата животна средина. Ништо не може подобро од соработката да го поттикне напредокот на нашите меѓуетнички односи и преку ова да започнеме да разменуваме идеи и мислења меѓу младите луѓе со различен менталитет, за да видиме на крај што е тоа најсоодветното за нас. Организирањето на проекти и различни активности нѐ приближува повеќе еден до друг, ни помага да разбереме кои се разликите меѓу нас и дека е во ред да бидеме различни, но со помош на соработката треба да најдеме сличен јазик за постигнување на нашите цели. Проектите со цел меѓуетничко вклучување ни помагаат да разбереме дека секој од нас е различен и дека имаме различни гледишта за одредени теми, а идеите на секој треба да се земат предвид, бидејќи секој човек е прекрасен на свој начин, а секој наш обид има значење за општеството и меѓуетничките односи што ги градиме во нашата земја. Храброста и желбата за социјализација меѓу младите ги топат секој мраз и бариера создадени меѓу разликите и стереотипите што етничките заедници ги имаат. Токму младите се тие кои се водичи на земјата и на општествените односи, тие се оние кои не се двоумат да го направат првиот чекор, не се двоумат да преземат големи чекори во корист на народот и здравите меѓуетнички односи. 

Во ерата на дигитализацијата, она што ни е најпотребно е да бидеме вклучени во проекти и активности што имаат за цел што повеќе да комуницираме меѓусебно и да учествуваме во дијалози и дебати што ќе нѐ приближат еден до друг, за да се запознаеме со начинот на размислување на нашите врсници. Проектите со социјални теми се клучот што ни се дава за да можеме да го изразиме нашето мислење или да ги споделиме нашите лични искуства со присутните. Активностите и проектите се најдобриот метод за вклучување. Тие се неверојатно искуство со спомени што ќе останат во нашето сеќавање долго време, а ќе можеме да се поврземе со луѓе од различни места преку социјализација со млади од различни етникуми, размена на разлики во традициите и културите, различни начини на живот со различни проблеми и стереотипи со кои луѓето се соочуваат секојдневно во местото каде што живеат. 

Младите учат преку вклучување. Ова учење ќе им служи за нивниот професионален и личен развој. Професионално оформена младина ќе ѝ служи на земјата и на општеството. Позитивноста и добрината што младите ја добиваат преку вклучување во проекти и активности е нешто што создава пријателства, преку дружењето и толеранцијата што младите ја покажуваат меѓу себе со можностите што им ги нуди земјата или начинот на живот во различните етнички заедници и како тие се справуваат со овие разлики за да развијат успешен живот со меѓуетничка соработка.

Етничката припадност е нешто што нѐ идентификува врз основа на културните и историските сличности на земјата од која потекнуваме, но тоа не е пречка за меѓуетничка соработка за меѓусебни придобивки. Здрава младина е онаа што ги разбира разликите и одлучува да го прифати најдоброто од секој и да биде толерантна. Здрава младина е онаа која одлучува да организира разни активности со други луѓе надвор од нивната секојдневна средина и разбира дека постојат различни гледишта за светот и дека е во ред да не размислуваме исто, но што е уште поубаво - да го извлечеме најдоброто од тој поглед и да отвориме пат за соработка, бидејќи секој етникум има своја убавина и уникатност. Да научиме малку од секоја култура е богатство и е лекција што многу ќе ни служи во животот. Пред сѐ, ќе формираме социјален и комуникативен карактер со поинаков менталитет и начин на размислување. 

Образованието на младите е основа на здравата нација, здрава младина е богатството на нацијата и земјата, а образованото општество е тоа толерантно и кооперативно општество за прекрасни дела кои се од корист на земјата и работат сѐ повеќе за убави нешта, но убавите нешта се постигнуваат само преку соработка, толеранција и меѓуетничко разбирање!


Авторка на овој блог е Блерона Бериша, средношколка од СОУ „Перо Наков“, Куманово.


ОБЈАВЕНО НА 19.11.2024 ГОДИНА


________________________________________________________________________________________________

Овој блог е дел од серијалот на блогови на тема „Унапредување на мултиетничко општество и промоција на мултикултурата во нашата држава“ напишани од средношколци во рамки на проектот „Младински активизам за инклузивно општество“. 

Проектот „Младински активизам за инклузивно општество“ на Институтот за човекови права се спроведува во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

project-img project-img