news-bg

Новости

Проект:
Вечери на женски права

Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални - како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19?

Во рамки на Вечерите на женски права 2021 година, Институтот за човекови права организираше онлајн настан насловен како „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални - како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19?“. Вечерите на женските права се под покровителство на Град Скопје и канцеларијата на UN Women Skopje, a во соработка со Award Film & Video.

На овоj настан во воведните обраќања се обратија Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија. Претседателката на Институтот во своето воведно обраќање ја истакна потребата за преземање акција за постигнување на целосна еднаквост и истакна дека работата на Институтот во голема мера се фокусира на едукација на граѓаните и стручната јавност, а со цел постигнување на родова еднаквост. Додека пак раководителката на UN Women во С. Македонија не потсети за вистинските причини за кои треба да го  празнуваме 8 март и дека се заборава нееднаквата положба на жените ширум светот во сите сфери од животот. За жал досега ниту една земја нема постигнато родова еднаквост и доколку продолжиме да се движиме со оваа динамика ќе бидат потребни уште 130 години да се постигне родов паритет.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, им го честиташе празникот на жените и им посака да бидат силни, да бидат храбри, да бидат успешни и свои. Таа се осврна и на своето искуство и причината зошто таа станала дел од политиката. Министерката ја истакна потребата за родово буџетирање и за имплементација на родово сензитивни политики, но и незаменливата улога на жените во борбата против пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, со оглед на тоа дека најголем дел од здравствените работници се жени.

Д-р Милена Стевановиќ е директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и таа се осврна на своето професионално искуство и за потребата жените да си ги создаваат своите можности, доколку тие не им се овозможени.

Афердита Хаџијаха Имери е експертка за социјална инклузија (Меѓународна фондација за изборни системи (IFES)) се осврна на влијанието на кризата врз секојдневниот живот на жената, диспропорционалното зголемување на обврските во однос на можностите за работа и напредување на работното место, кои беа ставени во сенка. Потребно е при дизајнирање на новите мерки за справување со кризата да се овозможи на жените професионално да имаат можност да напредуваат.

Докторот на науки од областа на родовите студии и претставничката на Платформата за родова еднаквост, Ирена Цветковиќ, истакна дека кризата само ги потенцираше системските недостатоци кои и претходно постоеја, особено оние кои се однесуваат на родово базираното насилство.


project-img project-img project-img project-img project-img project-img