news-bg

Новости

Проект:

Мислење и коментари по предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси

МИСЛЕЊЕ И ЗАБЕЛЕШКИ

 

По Предлогот за измена и дополнување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси

 

Институтот за човекови права го разгледа текстот на Предлогот за измена и дополнување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и по истиот го дава следното мислење и забелешки:

1.Генерално цениме дека предложените измени и дополнувања  на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (ЗСКСИ) повеќе се  козметички отколку суштински. Во текстот се предлага измена и дополнување  на неколку членови од глава четврта(  31, 32, 33, 34)  кои се однесуват на  спречување на корупцијата во политиката-финансирање на политичките партии, односно измени кои главно се во насока на зголемување или бришење на рокови, бришење на одредени обврски за Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

2. При тоа, укажуваме дека и во ова глава е потребно сериозно да се размисли за  лимитирање на ограничувања  предвидени во член 34, кој предвидува  забрана за  нови инвестиции и вонредни исплати по  распишување на избори,  или таа да се ограничи само на  корисниците на буџетски средства, а не и за независните  институции кои се финансират од сопствени средства и кои во тој период не можат да вршат ниту  вработувања. Ова законско ограничување треба да претпрпе измена и во Изборниот законик, од причина што за време на изборите (председателски, парламентарни или локални) сериозно се ограничува економската активност во земјата, што има негативни последици и за  нови инвестиции.

Конкретните забелешки по текстот на Предлогот  се однесуват на следното:

а)  Предлогот во член  31-а , 32 и  33 да се бришат  зборовите “по сопствена иницијатива на ДКСК„ со образложение дека во членот 23 е дефинирано дека ДКСК постапува по сопствена иницијатива, па оттука не било потребно овие зборови да  бидат содржани и во наведените членови, се неприфатливи од причина што во членот 23, стои и дека:  “Државната комисија постапува по сопствена иницијатива и  врз основа на  добиени пријави„ односно постапува првенствено по сопствена иницијатива. Доколку се прифати ова образложение, тогаш не треба да стои и по “ добиени пријави„ во  горенаведените членови со оглед на тоа што оваа обврска е предвидена,исто така, во членот 23. При тоа, се поставува прашањето дали доколку нема пријави за незаконитости поднесени од други субјекти до ДКСК, Комисијата нема да покрене постапка  по допрен глас ?;

б)  Предлогот  во  член  31-а, сегашниот рок од 60 дена  во кој  Државната комисија е должна да ја заврши постапката, да го информира лицето кое покренало иницијатива за испитување на финансирање на политичка партија и да ја информира јавноста за наодите од постапката, да се замени со  рок од  90 дена,  е предолг  и спротивен на принципот на ефикасност  на институциите во извршување на доверените јавни овластувања;

в).  Предлогот  во членот 35,  да се избрише рокот од седум дена  од денот на утврдување на основаноста на сомневање во кој ДКСК ќе иницира постапка  за утврдување одговорност  пред надлежните органи,  е спротивен на принципот на ефикасност и одговорнст, па  оттука  и за ДКСК треба да постои  рок за постапување слично како и за другите органи  кои согласно Законот имаат обврска да  постапат по барањата на ДКСК.Доколку се смета дека рокот  од седум дена е краток  за постапување на ДКСК, тој може да се продолжи ( пр. на 15 дена) но рок мора да постои;


г). Во член 37-а, сметаме дека рокот од 120 дена  од денот на завршувањето на изборите  во кој за утврдените состојби за време на изборниот процес Државната комисија до Собранието на Република Северна Македонија доставува посебен извештај( кој се  објавува на веб страната на Државната комисија и во средствата за јавно информирање) е предлог и истиот треба да се скрати, согласно со  начелото на  ефикасност,  ефективност  и одговорност на институциите,  вклучувајќи ја и ДКСК.


Надвор од  предложените измени на ЗСКСИ, предлагаме измени и дополнување во  глава осма-Пријавување на имотна состојба и интереси, што би вклучило и покренување постапка за испитување на потеклото на  имотот од ДКСК  и за  избрани и именувани лица и други службени лица на кои мандатот им завршил ( пр. пред пет или повеќе години).Ова особено поради честите изјави на  претставници на Државната комисија дека не можат да покренат постапка за испитување на потеклото на имотот на овие лица за кои постојат сериозни сомневања дека незаконски се збогатиле за време на вршење на мандатот бидејќи нема законски основ.




 Институт за човекови права