news-bg

Блог

Зголемувањето на платите на функционерите нема законска основа

Авторка: МИЛОЈКА КАЛКАШЛИЕВА


На прв поглед овој текст изгледа задоцнет, затоа што се однесува на Одлуката на Уставниот суд во врска со основицата на платата на функционерите донесена во март 2023 година.

Во време на донесување на одлуката сметав дека жестокото реагирање на јавноста е погрешно, затоа што Уставниот суд само ја оценува уставноста на законот, иако уште тогаш резултатот од оцената на Уставниот суд  кај мене создаде сомнеж. Се добива впечаток дека при  донесувањето на одлуката, Уставниот суд како да ја презел улогата на законодавец. Поради тоа, внимателно ја прочитав и детално ја анализирав одлуката, како и Законот за платите на избраните и именуваните лица.

Темата е сè уште актуелна, бидејќи секојдневно слушам дека нема пари во буџетот за зголемување на минималната плата, нема за исплата на покачувањето на платите за наставниците, а истовремено избраните и именуваните лица и понатаму земаат енормно високи плати за кои нема законска основа.

Денес, пак, слушаме закани со оставка ако дојде до намалување на нивните плати. Очигледно забораваат дека живеат во сиромашна Македонија и дека мнозинството граѓани кои гласале за нив, со своите плати едвај врзуваат крај со крај.

Зошто тврдам дека не само зголемувањето, туку и платите на избраните и именуваните лица од донесување на одлуката на Уставниот суд се без законска основа?

Го тврдам тоа затоа што со  одлуката на Уставниот суд е укината важечка законска одредба, при што судот упатува на примена на веќе дерогираниот (укинат) член 11 од Законот за плати на избраните и именуваните лица.

Законот за плати на избраните и именуваните лица во РМ е донесен во 1990 година и во неговиот член 11 е наведено: „Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика”. По донесувањето на законот, долго време платите  беа “замрзнати”, така што просечната месечна плата исплатена во претходната година беше “замрзната” на 20.000 денари.

По “одмрзнувањето на замрзнатите плати”, законодавецот очигледно сфаќајќи дека разликата во платите на избраните и именуваните лица и на другите ќе биде огромна, во 2009 година го  напушта ваквиот начин на пресметување на платите определен во членот 11 од означениот закон и за истото прашање - основицата на платите на избраните и именуваните лица - предвиде фиксен износ на основицата кој до донесувањето на одлуката на Уставниот суд е задржан.

Членот 11 од означениот закон формално-правно постои во законот, но според принципот LEX POSTERIOR DEROGAT LEGIS PRIORI (подоцнежниот закон го дерогира претходниот) кој го знаат и студентите по право, таа одредба е дерогирана (укината) во 2009 година кога законодавецот со самостојни законски одредби секоја година ја определува основицата во фиксен износ.

Тргнувајќи од мислењето дека член 11 сè уште постои во правниот поредок, во март 2023 година Уставниот суд донесе одлука со која ја укинува одредбата во која законодавецот ја утврдил основицата во фиксен износ и ставајќи се во негова улога во образложението на одлуката  упатува на примена на дерогираниот член 11 со кој платите на функционерите енормно се зголемени.

Иако Уставниот суд повикува на уставното начело за еднаквост на сите пред Уставот и законите, го крши тоа начело со примена на член 11 кој не само што е дерогиран, туку создава и голема нееднаквост меѓу вработените, бидејќи основицата кај функционерите се пресметува од просечната плата, а кај останатите од минималната, што создава огромни разлики.

Основицата за сите вработени, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица треба да биде иста, а разликата ќе се создаде со коефициентите кои се засновани на видот и  сложеноста на работните задачи, стручноста, работното искуство итн.

Правната ситуација изложена во одлуката според која законот е неконзистентен, а одредбите нејасни и непрецизни укажува дека Уставниот суд не требало да интервенира со никаква одлука, посебно не со конкретната, туку да му укаже на Собранието, како единствен надлежен орган за носење закони, од неопходната потреба од донесување на нов закон за плати на избраните и именуваните лица.

Од тие причини повторно истакнувам дека основицата кај избраните и именувани лица пресметана врз основа на дерогираниот член 11 нема законска основа и дека Уставниот суд преземајќи ја улогата на законодавец  неосновано им ги зголемил платите на функционерите.

И понатаму останува потребата од донесување на нов закон кој нема да се води според Орвеловата „сите се рамноправни, само некои се порамноправни”, туку од уставниот принцип „сите се еднакви пред Уставот и законите”. 


Милојка Калкашлиева, судија на Врховен суд во пензија


ОБЈАВЕНО НА 3.10.2024


Овој текст на авторката е дополнување на колумната објавена во Нова Македонија на 9 јули 2024 година

project-img