news-bg

Блог

ВАЖНОСТА НА КОНВЕНЦИЈАТА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ И СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО (ИСТАНБУЛСКА КОНВЕНЦИЈА)

Aвторка: Илина Вељановска


Структурното насилство врз жените е родово базирано насилство. Жените и девојчињата почесто се изложени на сериозни форми на насилство, како што се домашното, сексуалното, силувања, принудни бракови, криминални дела извршени во име на честа и генитално осакатување.

Истражувањето во кое е опфатен репрезентативен примерок од 15.000 жени на возраст меѓу 18 и 74 години од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Молдавија, Украина и Косово, а чии прашања беа поврзани со искуствата со насилство и злоупотребување уште од 15 годишна возраст, укажува на фактот дека околу 70% од жените изјавиле дека доживеале некаков вид на насилство уште од 15 годишна возраст, а 31% рекле дека тоа им се случило во последните 12 месеци. Ваквите бројки, меѓу другото, покажуваат дека насилството врз жените честопати е недоволно пријавено и дека одредени форми на физичко и сексуално насилство се широко распространети во земјата.

Република Северна Македонија кон крајот на декември конечно влезе во групата земји, кои засилено ќе се борат за искоренување на насилството врз жените и домашното насилство. Собранието на Република Северна Македонија на 22 декември ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство – Истанбулска конвенција, која е усвоена во Истанбул на 7 април 2011 година. Ваквата ратификација им налага на институциите засилено да се борат против искоренување на насилството врз жените и домашното насилство.

Истанбулската конвенција е општоприфатена како најдалекусежен правен инструмент во спречувањето и борбата против насилството врз жените и семејното насилство, како една од формите на кршење на човековите права. Од можноста за пристапување и потпишување во 2011 година, таа доби значителна поддршка на сите нивоа, државни и регионални, на ниво на локалната самоуправа, кај јавноста, парламентите, други национални, регионални и меѓународни организации за човекови права, граѓански организации, медиуми и академската заедница. Конвенцијата има добиено национални и меѓународни признанија за својата визија за заштита на жените и девојчињата од насилство. Конвенцијата стапи на сила во 2014 година, само три години по нејзиното усвојување, покажувајќи ја потребата земјите-членки да имаат правно обврзувачки меѓународен договор на кој ќе се засноваат напорите за целосно спречување на родово базираното насилство, како и нивната политичка посветеност на принципите и вредностите вградени во конвенцијата.

Конвенцијата се темели на принципот на еднаквост меѓу мажите и жените

Клучен елемент во превенција на насилството врз жените е постигнување на de jure и de facto еднаквост меѓу мажите и жените. Според Конвенцијата насилството врз жените е манифестација на историската нееднаквост во односот на моќ меѓу двата пола, што доведува до доминација на мажите и дискриминација на жените.

Конвенцијата препознава дека домашното насилство повеќе ги погодува жените, но, исто така, нагласува и дека мажите можат да бидат жртви на семејно насилство. И децата можат да бидат жртви на семејно насилство, а често пати се и сведоци на насилство во семејството, што понатаму се одразува на нивниот психолошки развој. Целта на Конвенцијата е во Европа да се креира атмосфера ослободена од насилство против жените и семејно насилство воопшто.

Што значи да се биде членка на Истанбулската конвенција?

Да се биде членка на Истанбулската конвенција значи да се стави крај на насилството врз жените. Истанбулската конвенција веќе покажува позитивно влијание врз животот на жените низ цела Европа. Барањето до владите да го спречат насилството врз жените, да ги заштитат и поддржуваат жртвите и да ги казнуваат сторителите во сеопфатен обид да се стави крај на овој вид насилство, значи враќање на достоинството на жените-жртви, што е вредност од пресудна важност според Европската конвенција за човекови права. Истанбулската конвенција покрена и доведе до важни измени во законските прописи, воспоставување нови и подобри услуги за жртвите, распределување ресурси и зголемување на напорите во областа на образованието. Конкретни примери од земјите што ја спроведуваат Конвенцијата вклучуваат: усвојување на закони со кои се воведуваат нови дефиниции за прогонување и сексуално вознемирување; измена на дефиницијата за силување, така што се заснова на недостаток на согласност, а не на докази за употреба на сила; воспоставување „координирани одговори на заедницата“, при што експертите на кои им се обратиле жртвите го упатуваат случајот на мултидисциплинарен тим за помош; воспоставување телефонска линија достапна 24 часа на ден, седум дена седмично, со која жените се упатуваат на најблиската служба за советување; формирање на засолништа за жртви на семејно насилство финансирани од јавни фондови во места каде што тие претходно не постоеле; воведување на темата насилство врз жените во наставните планови и програми на разни универзитетски студии (право, медицина, здравствена нега, психологија, општествени науки и сл.); обезбедување специфична обука за судии, обвинители и адвокати, со цел подобрување на пристапот на жените до заштита и правни лекови.

Истанбулската конвенција зборува за „родово специфичната природа“ на насилството врз жените и семејното насилство

Во Конвенцијата се зборува за „родово специфичната“ природа на насилството врз жени или „родово засновано насилство“, бидејќи се осврнува на формите на насилство упатено кон жените заради тоа што се жени и/или несразмерно ги погодуваат жените (види погоре). Токму тоа е причината зошто насилството врз жените и семејното насилство не можат да се решаваат без да се земат предвид прашањата на родовата рамноправност. Оттаму, искоренувањето на насилството врз жените и семејното насилство, Конвенцијата го става во контекст на постигнување, de jure и de facto, на родова еднаквост. Во Преамбулата на Конвенцијата е препознаена структурната природа на таквото насилство, што е и причина и последица на нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите и што го ограничува целосниот напредок на жените. Истанбулската конвенција не настојува да се „укинат разликите“ меѓу жените и мажите, ниту, пак, подразбира дека жените и мажите се или би требало да бидат „исти“. Она што Конвенцијата го бара се активности за потиснување на идејата дека жените се инфериорни во однос на мажите. Предрасудите, стереотипите, обичаите и традициите продолжуваат да ги фаворизираат мажите во многу сфери, на пример во приватната и јавната сфера, политичкиот живот, на работа, во образовниот систем, во пријавувањето на злосторства во полиција или на суд. Сето ова дополнително им отежнува на жените да излезат во јавност и да проговорат за своите искуства со насилството и го отежнува почитувањето на нивните права.

Кои се целите на конвенцијата?

Ставањето крај на насилството врз жените и семејното насилство нужно е да биде важна политичка цел на секоја влада, посветена на заштита на човековите права за сите. Во текот на изминатите триесет години, во многу од земјите-членки на Советот на Европа преземени се бројни важни чекори, но постојните закони честопати недоволно се спроведуваат, помошта и поддршката на жртвите е оскудна или недоволно финансирана, а сексистичките ставови и понатаму продолжуваат да преовладуваат. Освен тоа, од земја до земја многу се разликуваат постојните закони и достапната поддршка што создава големи разлики во заштитата. Истанбулската конвенција, од владите кои ја ратификувале, бара да усвојат сеопфатна серија мерки за решавање на сите форми на насилство врз жените и семејното насилство. Секоја одредба на Конвенцијата има за цел да спречи да настане насилството, да им се помогне на жртвите и да се осигури сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Со Конвенцијата се бара различните форми на насилство врз жените, како што се семејно насилство, прогонување, сексуално вознемирување и психолошко насилство, да се класифицираат како кривични дела и за нив да се предвидат санкции со закон. Давањето правен термин на насилството врз жените и фактот дека е кривично дело ќе помогне во негово запирање. Развивањето на конвенција што содржи збир на правно обврзувачки стандарди за поголема заштита и поддршка е важен чекор кон сеопфатен и усогласен одговор, со цел да се обезбеди живот без насилство за сите жени.

Имајќи го предвид сево ова може да заклучиме дека Истанбулската конвенција има клучна улога во сузбивање на насилството врз жените и семејното насилство и потребно е ефикасно имплементирање на националниот акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција.

ОБЈАВЕНО НА 18.09.2020 ГОДИНА

project-img project-img