news-bg

Блог

УРЕДБИТЕ СО ЗАКОНСКА СИЛА И НИВНОТО ДЕЈСТВО ВО ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ЧОВЕКOВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ

авторка: Маја Стојаноска


По прогласената вонредна состојба во нашата земја врз основа на глобалната пандемија на корона вирусот, се активираа посебните одредби на Уставот што се однесуваат на овластувањата на Владата да носи уредби со законска сила со цел надминувањето на кризата предизвикана од пандемијата и отстранувањето на нејзините последици.

Во таа насока, од страна на Владата беа донесени бројни уредби кои уредуваат широк спектар на прашања од значење за управување со кризата. Тие пред сè се однесуваа на постапување на органите на државата за управување и справување со кризата, овозможување здравствена заштита и функционирање на здравствениот систем, зголемување на јавните приходи, поддршка на економските субјекти, како и социјална заштита и поддршка на невработени лица, обезбедување јавни услуги во состојба на пандемија и продолжување на рокови или други дејствија за време на вонредната состојба кои заради пандемијата не можат или не е целисходно да се применат.

Имајќи ја предвид природата и сериозноста на пандемијата и ескалирањето на ситуацијата, мерките предвидени со овие уредби со законска сила неизбежно навлегоа во човековите правата и слободи. Всушност, меѓународната правна рамка за човекови права предвидува можности за ограничување на определени човекови права во вонредни состојби, особено во насока на заштита на здравјето на луѓето.  

Сепак, и покрај постоењето на вонредната состојба и можноста за ограничување на определени човекови права, во општеството мора да преовладува почитувањето на владеење на правото и демократските начела како основни вредносни столбови.

Според тоа, околноста што Уставот при состојба на прогласена вонредна состојба во државата, и´ дал овластување на Владата да донесува уредби со законска сила, не значи и овластување на Владата за арбитрарност во оцената кои и какви уредби да донесува, туку да донесува уредби во функција на операционализација, во функција за донесување на решенија неопходно потребни во едно демократско општество.

Па така, во однос на уредбите и другите одлуки на Владата што ги тангираат основни човекови слободи и права, ограничувањата мораат да бидат во согласност со Уставот и Европската конвенција за човекови права и нејзините посебни одредби коишто се однесуваат на дерогација на одредените права, барањата за законска основа на ограничување, легитимност на целта и уважување на интересот на демократското општество.

Во нашиот национален правен систем, според членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверување, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Во контекст на демократските начела, потребно е строго почитување на начелото на законитост, начелото на пропорционалност, начелото на неопходност и начелото на недискриминација.

Начелото на законитост предвидува дека секоја Уредба со законска сила треба да биде во согласност со Уставот и законот , и да биде подложена на преиспитување од релевантно тело, во нашиот случај Уставниот суд. Во вонредна состојба, уставното овластување Владата да донесува уредби со законска сила е ограничено со Уставот и законите, при што Уставниот суд на РСМ има уставна должност да ја штити уставноста и законитоста на овие актите оневозможувајќи ја арбитрарноста, непропорционалноста и дискриминацијата во истите. Како резултат на оваа ингеренција, Уставниот суд на РСМ по иницијатива на граѓани и по сопствена иницијатива ги разгледуваше сите уредби со законска сила донесени од страна на Владата при што поништи седум од нив поради нивната неуставност и незаконитост.

Начелото на пропорционалност претпоставува пропишување и преземање на мерки за заштита на јавниот интерес само во мера којашто е сразмерна на заштитата на човековите права и слободи или со други зборови, ограничувањето на одредени права и слободи може да се изврши само доколку е неопходно за заштита на јавниот интерес и тоа ограничување не смее да биде прекумерно односно несразмерно на интересот којшто се заштитува.

Начелото на неопходност бара итните мерки да можат да ја остварат својата цел со минимално изменување на нормалните правила и постапки на демократско одлучување.

Начелото на недискриминација претпоставува еднакво влијание на мерките на сите граѓани и еднаков третман и однос на сите граѓани.  

Секоја од донесените уредби со законска сила мора да се во насока на остварување на нивната легитимна цел. Што значи, ако се имаат предвид причините и целта којашто сакала да се постигне со прогласувањето на вонредната состојба, а тоа е да се спречи ширењето на коронавирусот и заштити населението од последиците по здравјето од тоа ширење, неспорно може да се заклучи дека овластувањата на Владата да донесува уредби со законска сила, треба да бидат во контекст на остварување на таа цел, односно во функција на преземање на мерки со кои ќе се пресретне брзото ширење на заразата и мерки во функција на навремено дејствување заради справување и заштита на населението од последиците од ширењето на коронавирусот.

Во анализата Правни аспекти на вонредната состојба,правните експерти на МАНУ,  потенцираат дека основна разлика помеѓу уредба со законска сила и обични уредби е таа дека со таква уредба се уредуваат прашања кои се во надлежност на Собранието и кои претставуваат законска материја. Co обична уредба Владата го уредува извршувањето на законите; утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите. Обичните уредби се подзаконски акти, со нив не се уредува материја која е во надлежност исклучиво на Собранието, што значи не смее со обична уредба да се дерогира (измени или дополни) постоечки закон, ниту пак да се уреди неуредена законска материја.

Целта на донесување на вакви уредби е измена или дополнување на законските одредби, така што тие во дел може да бидат и contra legem, но никако да излегуваат надвор од уставните одредби и затоа е важно да подлежат на собраниска и судска контрола. Но нејасно е кога завршува нивното правно дејство, како и тоа дали со нив се менуваат постојните законски одредби или се уредува материја која воопшто не е уредена со ниту еден закон.

Според Уставниот суд на РСМ, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Дилемите кои се јавуваат од оваа состојба пред сè се однесуваат на заштита на човековите права и овозможување на нивно остварување во насока на почитување на мерките кои ги наметна вонредната состојба, но и во склад со уставната поставеност и националниот контекст во секоја држава. Сепак, и покрај стремежот и напорите човековите права и слободи и понатаму да бидат заштитени, гарантирани и остварени, ескалирањето на ситуацијата која се наметнува како во национални така и во светски размери им наложи на државите ново привремено уредување на општествените односи кое е ограничувачко кон определен корпус на права и слободи.

Имајќи го предвид сево ова може да заклучиме дека неопходно е уредбите со законска сила и  мерките кои Владата ги носи, да се законити, пропорционални, неопходни и недискриминаторски, да се со ограничено времетраење и треба да преземаат најмалку наметлив пристап што е можно со цел да го заштитат здравјето на луѓето.

ОБЈАВЕНО НА 11.09.2020 ГОДИНА

project-img project-img