news-bg

Блог

Транспарентност на постапката за донесување на буџетот - превенција од корупција

Авторка: ВАЊА МИХАЈЛОВА


Транспарентноста е клучна алатка за учество и демократска контрола во постапката за донесување на буџетот, но и за трошење на средствата. За да можат граѓаните да бидат запознати со буџетскиот процес-на државно или локално ниво и со трошењето на нивните пари, потребно е активно да учествуват во неговото креирање, да ги лоцираат и предложат приоритетите за фискалната година и наредните години и да можат да вршат мониторинг и контрола за тоа дали власта во практика ги спроведува нивните заложби и предлози.

Што е транспарентност на буџетот и зошто е важна?

Буџетот е најважниот документ кој го предлага Владата во кој политиките се утврдени и се спроведуваат во законски утврдени рокови. Тој треба да биде сеопфатен и да ги содржи сите приходи и расходни програми.

Клучното прашање кое се поставува за потребата од транспарентност на буџетот како превентива за корупција е многу едноставно: што е транспарентност и зошто е тоа важно? ОЕЦД ја дефинира транспарентноста на буџетот, како „целосно откривање на сите релевантни фискални информации, навремено и на систематски начин“. Транспарентноста е предуслов за учество на јавноста во овој процес. Комбинацијата на транспарентност на буџетот и учеството на јавноста има потенцијал да ја сузбие корупцијата, зголеми јавната одговорност на власта и да влијае за законско користење на јавните фондови. Буџетската транспарентност значи дека граѓаните и граѓанскиот сектор во целина (НВО и медиумите) можат да добијат информации за тоа како јавните средства се алоцирани за разни потреби на граѓаните и бизнис секторот и како истите се користат, но и да имаат пристап до информациите дали јавните службеници наменски ги користат јавните фондови.

Транспарентноста е битна поради тоа што активностите кои се надвор од формалниот буџет (off budget), како и слабите и неразвиени системи за менаџирање со расходите и непостоење јавна контрола создаваат широка можност за корупција. Отсуството на финансиска одговорност при трошењето на парите на граѓаните-за поквалитетно образование, здравство, поздрава животна средина, оди на штета токму на оние за кои се наменети овие средства-учениците, пациентите и граѓаните во целина. Учеството на јавноста во креирање на буџетот претставува и градење на култура на доверба и одговорност меѓу граѓаните и власта.

Во отворените и демократски општества, на граѓаните им е овозможено да бидат запознаени со трошењето на јавните пари, а јавноста е целосно вклучена во процесот за донесување на буџетот. Учеството им овозможува на вклучените и информирани граѓани да имаат пристап до буџетскиот процес и да набљудуваат дали политиките и политичките обврски навистина се спроведуваат во практиката онака како што биле дефинирани во буџетот. Транспарентноста, исто така, ја олеснува идентификацијата на слабостите и ги зајакнува политиките преку промовирање на потребните реформи. За постигнување на оваа цел, ОЕЦД усвои „добри практики“ базирани врз искуствата на различни земји, а чија цел е да се подобри степенот на транспарентност, а истите да послужат. и како упатство за реализација на оваа цел.

Меѓународните финансиски организации, исто така, имаат усвоено документи и спроведени истражувања и анализи со цел да им помогнат на земјите да ја зголемат буџетската транспарентност, а со тоа и намалат корупцијата.

Иницијативата за буџетска транспарентност на Светска банка (Budget Transparency Initiative (BTI) која беше применета во неколку земји како пилот-проект, имаше за цел да ги поедностави, анализира и открива буџетите на повеќе нивоа (национално, локално, здравствени центри/училишта) и да изгради свест и капацитет на владините претставници и на граѓаните и промовира јавен дијалог по однос на јавните расходи преку социјално одговорен приод. Оваа иницијатива ја вклучи транспарентноста во процесот на донесување на буџетот со цел да ја намали корупцијата и да ги поттикне барањата за откривање на финансиските информации преку активно учество на граѓаните.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) има донесено Кодекс за добри практики за фискалната транспарентност, со кои се предвидуваат насоки за воведување на јасни и видливи транспарентни рамки за фискална политика и нејзините основни цели.-јасна улога и одговорност во јавните финансии при трошењето на буџетските средства.

Потребата од контрола врз постапката за донесување на буџетот

Недостатокот на демократска контрола врз постапката за донесување на буџетот, креира можности за финансиски измами и корупција. Буџетот кој нема да се донесе во транспарентна постапка нема да може соодветно да се анализира ниту активно да се мониторира неговото извршување-трошење на парите на граѓаните. Транспарентноста им овозможува на граѓаните да вршат влијание врз постапката за донесување на буџетот и да имаат увид дали власта (на централно или локално ниво) ги спроведува плановите за развој согласно алокациите на средствата од буџетот. Транспарентноста и учеството на граѓаните, исто така, можат да придонесат за градење на подобри буџетски политики, преку намалување на можностите за манипулации со средствата, пренасочување на средствата за други потреби и соодветно буџетски алокации.

Во развиените земји граѓанскиот сектор е многу поактивен на ова поле. Бројни развиени земји ја изменија легислативата со цел да го зголемат учеството на граѓаните во процесот на донесување на буџетот. Овие активности беа поткрепени со примена на меѓународните стандарди за транспарентност кои им овозможуваат на граѓаните полесен пристап до информации поврзани со трошењето на буџетот.

Кога треба да биде вклучена јавноста во креирањето на буџетот?

Во развиените земји со добри практики, јавноста (НВО, медиумите и бизнис секторот) е вклучена уште од самиот почеток при подготовката на буџетот и утврдувањето на приоритетните проекти, бидејќи откако ќе бидат утврдени и усвоени од Собранието, или Советот на Општината нема простор за интервенции. Граѓаните треба да присуствуваат на седниците на Собранието или Советот на општината кога се расправа за буџетот, за да можат да дадат предлози, сугестии, и забелешки. Одговорна власт ваквите предлози многу внимателно ќе ги разгледува и зема предвид при проектирање на буџетот. За бизнис заедницата од исклучителна важност е однапред да знае во кои сектори ќе бидат алоцирани буџетските средства за фискалната година, но и на среднорочен план, за да може да ги подготви своите бизнис планови. Отсуството на информации за алокацијата на буџетските средства, ќе резултира со воздржаност од инвестирање, што е присутно во земјата подолг период. Менувањето на приоритетите, најчесто со ребалансот на буџетот (пр.наместо за капитални проекти, за вработувања на партиски кадри, социјални трансфери и сл.) ги одвратува домашните и странските инвеститори од вложување во земјата.

Сива зона при користење на странските донации

Недоволната транспарентност на буџетот, особено ги загрижува донаторите, а според Париската декларација за ефективност на помошта, „корупцијата и отсуството на транспарентност спречуваат ефективна мобилизација на средствата и го одвлекуваат вниманието од активностите што се витални за намалување на сиромаштијата и за одржлив економски развој“. Според Меѓународната агенција за развој-ИДА (International Development Agency), земјите во кои транспарентноста на постапката за донесување на буџетот и за трошењето на јавните средства е на ниско ниво, се карактеризираат со ниски приходи и зависност од странски донации. Според истражувањето на ОЕЦД и ДАК (Development Assistance Committee) повеќе од половина од приливите од донации со кои се финансираат одредени владини проекти тешко можат да бидат мониторирани или не се предмет на нормална буџетска одговорност и постапки за контроли на трошење. Како една од главните причини за ваквата состојба се лоцира во фактот што донаторите многу често донациите ги префрлат преку механизми кои се надвор од формалниот буџетски систем на државата (off budget) и според посебни буџетски формулации и процедури. Ваквиот начин донаторите го оправдуваат од загриженоста од слабите институции и практики за буџетско менаџирање на земјата-примател на донацијата, поради што се стравува дека контролата нема да се прави на ефикасен начин. Меѓутоа, и покрај овие причини, донаторите треба да промовираат буџетска транспарентност и одговорност.

Во Република Северна Македонија, со години не можат да се добијат точни податоци за странските донации (од билатерални донатори или од меѓународните организации) кои влегуваат во земјата и покрај напорите за координација на странската помош од едно место, во Секретаријатот за европски прашања. Во земјата не постои регистар за добиени донации на едно место. Иако подолго време ова прашање е тема на дискусија меѓу експертската јавност, со укажување на потребата од ваков регистар, кој ќе овозможи увид и контрола врз трошењето на овие средства, сè уште ништо не е преземено на овој план, иако ова претставува сериозен ризик за корупција.

Во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, нотиран е ризикот од злоупотреба на примените донации, поради непостоење евиденција за истите. Заради спречување на злоупотреба, во Стратегијата е предвидено да се изготви регистар за примените донации, но само во областа-здравство, а не за сите донации кои пристигнуваат во земјата во разни сектори. Непостоењето на единствен регистар (ваква обврска не произлегува ниту од Стратегијата) отвора сива зона за злоупотреба на истите, поради недостаток на контрола дали овие средства се користени за намената за која се дадени или можеби завршуваат на некоја друга банкарска сметка. Оттука, се наметнува потребата од итно воведување на единствен регистар во кој би се евидентирале сите примени донации, што треба да се вгради како обврска во Стратегијата со нејзина измена и дополнување.

Кои се бенефициите од транспарентност на буџетот?

Некои од посуштинските бенефиции се:

- Усвојување на добра легислатива, а медиумите, граѓанскиот сектор и пошироката јавност ќе бидат во состојба да вршат контрола врз властите за одговорно трошење на јавните средства, доколку располагаат со информации како тие се алоцирани. Избраните функционери и државните службеници ќе работат многу поодговорно доколку нивните активности и одлуки се под контрола од јавноста;

- Транспарентноста ќе му овозможи на граѓанскиот сектор да врши независни буџетски анализи, да го следи трошењето на средствата и да ги мониторира и превенира злоупотребата на службената должност и корупција;

- Ќе се зголеми квалитетот на јавната дебата и можноста граѓаните и НВО секторот да учествуват во донесувањето на одлуките и постапката за донесување на буџетот;

- Рано идентификување на слабостите и зајакнување на буџетските политики кои можат да го ограничат ризикот и да ја зајакнат фискалната и макроекономската стабилност;

- Транспарентноста може да ја зголеми довербата во власта и да придонесе за зголемување на прибирањето на приходите од локалните извори, бидејќи се смета дека граѓаните ќе бидат поттикнати да ги плаќаат даноците и другите давачки, доколку имаат увид како нивните пари се трошат. Од особена важност од транспарентноста на буџетот е што тоа може значително да влијае за зголемување на довербата на домашните и странските инвеститори за вложување на средства во разни проекти, доколку ги знаат буџетските политики на власта и се запознати со контролата на граѓаните врз нивното трошење;

- Според истражувањата на Светска банка, постои силна врска помеѓу транспарентноста и квалитетот на владеење на правото. Според анализата на оваа институција извршена во 169 земји и сумирање на резултатите од 20 независни извори вклучувајќи го и Open Budget Survey за 194 земји, се констатираа дека транспарентноста значително влијае не само за пониско ниво на корупција, туку и за подобрување на социо-економските и хуманитарни индикатори и за повисока конкурентност. Во друго истражување на Светска банка базирано на фискалните податоци од ММФ, за опсервација на стандардите и кодексот на однесување во 57 земји во кои се вклучени индексот на фискалната транспарентност-врз основа на кредибилитетот на податоците за буџетот, на извештаите за извршување на буџетот и можните извори на фискалните ризици, се покажа дека земјите со поголема транспарентност имаат подобар пристап до меѓународните финансиски пазари, подобра фискална дисциплина и помал степен на корупција. Од суштинско значење за земјите кои главно се ослонуваат на позајмување од надворешни извори, во кои спаѓа и Македонија, е дека буџетската транспарентност влијае и за помали трошоци за заемите на пазарот, кои се користат како индикатор за перцепцијата за економските услови во одредена земја, односно поголема е довербата на кредиторите за земјата во која постои контрола врз трошење на буџетските средства, а со тоа и ограничени можности за корупција.

Каква е состојбата во РС Македонија?

Со Законот за буџетите, се уредуваат постапката за изготвување, донесување, извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје. Законот конкретно ја уредува постапката за изготвување на буџетот (од Министерството за финансии) доставување на предлог-буџетот до Владата, која го доставува до Собранието на РСМ во законски утврдени рокови за извршување на Буџетот на веб страницата на Министерството за финансии на месечна основа, како и преку доставување на месечни извештаи до Владата во законски утврдени рокови, со пропратни индикатори. Буџетот и завршната сметка на Буџетот се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а Буџетот на општината и завршната сметка на буџетот на општината се објавуваат во службеното гласило на општината.

Учество на граѓаните во овој процес не е предвидено.

Што се однесува до општините, транспарентноста за донесување на буџетот и учеството на граѓаните не е предвидена конкретно во ниту еден пропис.

Во Законот за локална самоуправа, не се содржани одредби ниту обврски кои го регулираат ова прашање, а обврската за информирање на граѓаните паѓа на општините. Статутот на општината (кој во добар дел од општините не е објавен ниту на веб-страницата) не содржи конкретни одредби за вклучување на граѓанскиот сектор во постапката за донесување на буџетот и негово трошење. Учеството на граѓаните во работата на општината, се сведува на правото да поднесуваат иницијативи за определен проблем-да извршат увид во одредени документи-главно од областа на урбанизмот, на правото за организирање на трибини за прашања од областа на образованието, културата и сл. или пред донесување на определени одлуки, да спроведуваат анкети или да побараат предлози (главно од областа на урбанизмот), да можат да побараат информации од јавен карактер и сл. Од друга страна, прашање е и колку ваквите права предвидени во Статутот се спроведуваат во практика.

Во статутите на општините не е превидено учество на граѓаните во постапката за донесување на буџетот, а со тоа и за контрола врз неговата реализација, согласно предвидената алокација на средствата.

Загрижува фактот за скоро целосното отсуство на контролата од НВО и медиумите при трошењето на буџетските средства, во недостаток на проекти од оваа сфера, ниту медиумски истражувања, што им остава „одврзани раце“ на власта на централно, a особено на локално ниво да располагаат со јавните средства без независна контрола, а со тоа и за злоупотреба на истите и за коруптивни практики. Ваквите стравувања се потврдуваат и со наодите од извештаите на Државниот завод за ревизија, за недомаќинско и ненаменско располагање и злоупотреба на буџетските средства, особено кај јавните набавки.

Генерален заклучок е дека во домашното законодавство не е предвидено директно учество на граѓаните во креирањето и трошењето на буџетот на централно и локално ниво и дека отсуствува контролата и мониторинг на граѓанскиот сектор врз државните службеници како ги користат јавните средства. Ова креира широки можности за ненаменско и незаконско трошење на парите на граѓаните и корупција.

Препораки

Неопходно е потребно измена на регулативата во која ќе се предвиди јасна обврска за вклучување на граѓанскиот сектор во целиот процес на донесување на буџетот и трошење на средствата;

Потребна е поголема активност на граѓанскиот сектор-невладините организации и медиумите во контролата на трошењето на парите на граѓаните преку барање за нивна директна вклученост во постапката и користење на правото за слободен пристап до информации, заради увид и контрола врз трошењето на овие средства.

Добри практики (best practices) од учеството на НВО во донесување на буџетот и трошење на средствата

Искуствата од две земји од други континенти, со ниска демократска култура и високо ниво на корупција и криминал, покажуват дека залагањата за отворен буџет и контрола врз истиот, во значителна мерка може да ја намалуваат корупцијата и придонесуваат за функционирање на правната држава.

Првиот пример е од Индија, од државата Раџастан. Тргнувајќи од сознанијата за широко-распространета корупција, повеќе невладини организации побараа од Владата пристап до информации за буџетот и податоци и документи за трошењето на буџетските средства. Анализата на овие НВО открија дека со години милиони долари од буџетот се користеле ненаменски, преку финансиски измами. Така, милионски суми биле исплаќани за изградба на големи инфраструктурни објекти, како болници, брани, патишта, или културни центри, кои всушност никогаш не биле изградени. Покрај ова, откриено е дека за илјадници работници за кои е пресметувана плата всушност никогаш не биле вработени, односно биле фиктивно пријавени. Наодите на овие граѓански здруженија резултираа надлежните органи да покренат обвиненија против високи државни службеници за финансиска измама од големи размери и истите да бидат и осудени. Ваквата надворешна контрола го отвори патот за усвојување на легислатива со која се овозможи полесен слободен пристап до информации од јавен карактер и учество на граѓаните во подготовката и донесувањето на буџетот и трошењето на јавните пари.

Вториот пример е од Мексико (земја со висок степен на криминал) во која една невладина организација, изразила загриженост поради високиот степен на смртност на родилките од најнеразвиените рурални средини во земјата и пројавила интерес да ги истражи причините за ова. Сомневањата оделе кон злоупотреба на буџетските средства за оваа намена, односно дека средствата од буџетот за обезбедување на здравствена заштита во овие сиромашни региони не стигнувале до нив и дека завршувале на други банкарски сметки. За случајот се заинтересирале и други невладини организации кои формирале коалиција и побарале од властите информација за обемот на буџетските средства проектирани за оваа намена. Преку пристапот до информации од јавен карактер, невладините организации се изборија директно да учествуват во креирањето на буџетот и за зголемување на средствата за овие региони за здравствена заштита и со тоа и за намалување на стапката на смртност на оваа популација. Со директно учество во процесот на донесување на буџетот, оваа граѓанска коалиција успеа да обезбеди зголемување на буџетот за оваа намена за повеќе од 50 милиони долари да се покрене обвинение против корумпираните државни службеници за злоупотреба на буџетските средства и корупција.


Вања Михајлова, анти-корупциски експерт и член на Управниот одбор на ИЧП


ОБЈАВЕНО НА 13.9.2024

project-img