news-bg

Блог

СУДСКАТА ПРАКСА НА УСТАВНИОТ СУД НА РСМ KAKO ИЗВОР НА ПОТЕНЦИЈАЛЕН ПРОБЛЕМ ВО ИДНИНА

Автор: Мартин Сопронов

Уставниот суд го укина Законот за спречување и заштита од дискриминација донесен во 2019 година на седницата одржана на 14 мај 2020 година, при што донесувањето на Законот претставуваше услов за добивање на датум за преговори со ЕУ. Одлуката за укинување под У.бр. 115/2019 e донесена со мнозинство на гласови, со издвоено мислење на претседателот на судот. Причината за укинувањето на Законот не е содржината на неговите норми, туку начинот на кој е донесен од страна на Собранието, без потребното мнозинство.

Законот беше донесен од Собранието во редовна постапка, но претседателот Иванов одби да го потпише и го искористи своето право да стави вето. Согласно предвидената процедура, при повторното гласање во Собранието немаше апсолутно мнозинство од 61 глас од пратениците, туку за законот гласаа 55 пратеници. Новиот претседател Пендаровски по стапувањето на должност како Претседател на Републиката го потпиша указот за прогласување на законот, кој потоа беше оспорен пред Уставниот суд на РСМ од страна на поранешните комисионери на Комисијата за заштита од дискриминација.

Имaјќи го предвид погоре наведеното, Уставниот суд реши да поведе постапка и одлучи да го укине Законот, бидејќи не е во согласност со членот 75 став 3 од Уставот затоа што е донесен без потребното мнозинство предвидено во наведениот член 75 став 3 од Уставот.

Членот 75 од Уставот предвидува дека: „Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници”.

Основа за укинување според Уставниот суд 

Од наведеното произлегува дека укинувачката одлука на Уставниот суд заснована на членот 75 став 3 од Уставот го допира прашањето на мнозинството кое е потребно за Собранието да донесе одреден закон, доколку на истиот претходно било ставено вето од страна на претседателот на државата.

Затоа во овој текст нема да го анализира ставот 1 2 и 4 односно начинот на прогласување на законите преку указ пред да се објават во Службен весник, како и правото на претседателот на Републиката на суспензивно вето, ниту неможноста за вето на претседателот на законите кои според Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Анализата е посветена само на ставот 3 односно, по веќе еднаш ставено вето, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.  Одлуката на Уставниот суд е базирана на тоа дека, доколку законот на кој претседателот ставил вето при повторното гласање во Собранието не добие апсолутно мнозинство гласови, се смета дека законот не е донесен.


Согледувања за (не)основаност на одлуката 

Во контекст на погоре изнесеното се поставува прашањето „Кога еден закон се смета за донесен?“ Општото правило за одлучување од страна на Собранието  се лоцира во Амандманот Х, од Уставот кој предвидува дека: „Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.”

Анализирајќи ја одлуката во контекст на релевантната одредба по која одлучува, може јасно да се види дека со одредбата не се регулира дали законот е или не е донесен од Собранието, доколку истиот при повторното разгледување добие релативно мнозинство на гласови, во согласност со општото правило за одлучување од Амандманот Х на Уставот. Тоа значи дека при повторното гласање за законот, доколку  Собранието го усвоило со релативно, а не со апсолутно мнозинство според Амандманот Х од Уставот се смета за донесен од страна на Собранието, само што за него претседателот на Републиката нема обврска да го потпише указот за прогласување.

  • Второто прашање кое треба да се постави е „Дали ставот 3 од член 75 пропишува апсолутно мнозинство при повторно одлучување на Собранието или само обврска на претседателот на Републиката?“  Ставот 3 на членот 75 не се однесува на прашањето за парламентарното мнозинството потребно за донесување на законот туку на обврската на претседателот на Републиката да го прогласи законот доколку е донесен со поголем легитимитет т.е апсолутно мнозинство.

Преку анализа на одредбата може да се потврди гореизнесената премиса. Одредбата поставува услов за да настане обврска за претседателот на Републиката, а тоа е при повторното разгледување Собранието да го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Доколку биде исполнет условот, односно доколку Собранието при повторното разгледување го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, настапува обврската на претседателот да го потпише указот за прогласување на законот на кој тој претходно ставил вето. Во спротивно, претседателот нема обврска да го потпише указот за прогласување на законот. Оттаму со ставот 3 не се пропишува начинот на одлучување на Собранието, туку обврска на претседателот да го потпише указот, доколку е исполнет поставениот условот Собранието да го усвоило законот со апсолутно мнозинство гласови при повторното разгледување. Во случај Собранието да го усвои законот со релативно мнозинство, претседателот нема обврска да го потпише указот.  Во спротивно доколку целта на одредбата од членот 75 став 3 била да пропише посебно мнозинство за донесување на законот при повторното гласање за него во Собранието, ќе беше пропишано дека:  „Собранието повторно го разгледува законот и истиот се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.” Па потоа, во посебен став би била пропишана обврската на претседателот на Републиката да го потпише така донесениот закон.

Оттаму на претседателот на Републиката во случај на повторно донесување на Законот со релативно мнозинство (според амандман Х се смета за донесен) му се остава можноста за избор да остане при своето вето веќе еднаш дадено или да го промени своето мислење и да го потпише указот за прогласување, со што донесениот закон ќе може да се објави во службен весник и со тоа ќе стапи во сила. Ставот 3 не му забранува на претседателот на Републиката да го потпише указот за прогласување на законот, туку вели дека тој не е должен да го потпише указот но да го потпише истиот.

Законот за дискриминација и (не)основаноста на одлуката

Сè погоре наведено ставено во контекст на ставот 3 и укинувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, може да се сублимира на следниот начин. Претседателот на Републиката (Иванов) стави вето на релевантниот закон. Собранието повторно го разгледа и го донесе Законот, но со релативно мнозинство (55 пратеници), па согласно амандманот Х од Уставот тој се смета за донесен. Тоа значи дека не е исполнет условот апсолутно мнозинство за претседателот на Републиката (Пендаровски) да биде обврзан да го потпише указот, и сега имаме состојба на волја, и покрај тоа што Пендаровски не е должен и не му е забрането, сепак одлучи да не остане на ветото на неговиот претходник и го потпиша указот за прогласување на Законот. Претседателот Пендаровски всушност изврши избор меѓу двете можности кои му ги дава членот 75 став 3 од Уставот да не го потпише или да го потпише указот за прогласување. Тој избра да го потпише указот за прогласување и постапи во согласност со своите уставни овластувања кога го потпиша указот за прогласување на Законот, кој во согласност со Уставот му бил доставен на потпис.

Постои одреден став во правната фела дека мнозинството судии погрешно го протолкуваа ставот 3 од членот 75 од Уставот во делот на потребното мнозинство за донесување на законот. Апсолутно мнозинство не е потребно за донесување на еден закон, туку тоа мнозинство претставува еден од условите за настанување на обврска за претседателот на Републиката да потпише указ. Со тоа Уставниот суд создаде пракса по ставено вето од страна на претседателот на одреден закон да се зголеми легитимитетот во повторното одлучувањето на Собранието односно да се бара апсолутно мнозинство како би се соборило суспензивно вето на претседателот.  Овој услов, а сега веќе и пракса Уставот не го бара. Останува судската пракса во иднина да покаже дали пак ќе имаме вакви или слични ситуации и како истите би биле расправани во Уставниот суд.

објавено на: 30.10.2020 година

project-img