news-bg

Блог

ШТО ПРЕТСТАВУВААТ АМНЕСТИЈАТА И ПОМИЛУВАЊЕТО ВО МАКЕДОНСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО

Автор: Оливер Алексов


Правото на државата да казнува (ius prodendi) во себе го опфаќа правото на државата да ги нормира кривичните дела, да изрекува казни и да ги извршува казните. Ова  право е пренесено од граѓаните на државата со општествениот договор. Наспроти ваквото право на државата да казнува постои и правото на државата да се откаже од изрекувањето или извршувањето на изречените казни и тоа е познато како  акт на милост од страна на државата. Условите под кои може да се случи таквиот акт на милост на државата ги определува самата државата, а во теоријата тоа е познато како kompetenz-kompetenz, односно државата е овластена самата да ги определи границите на сопственото овластување во однос на остварувањето на правото на казнување (Камбовски, Казнено право).

Правото на милост кон сторителот е познато од најстарите времиња,  во Хамурабиевиот законик како казна за жената која направила прељуба, законикот пропишувал смртна казна со нејзино фрлање во вода, но сепак нејзиниот маж имал право истата да ја помилува, право кое доколку биде искористено имплицира и право на кралот за понатамошно помилување на љубовникот. Низ историјата ваквиот акт на милост бил користен од различни субјекти кои во дадениот период го изразувале суверенитетот на своето владеење. Па така пред развојот на парламентарната демократија и појавата на парламентот, акт на милост давал монархот како суверен, односно кралско помилување (royal pardon). По појавата на парламентарната демократија и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како и по развојот на теориите дека граѓаните на една држава се носители на суверенитетот и дека тие го остваруваат таквиот суверенитет преку нивни избраници во парламентот. Правото да се откаже од гонење, изрекување или извршување на казната било дадено и на парламентот. Ваквата поделба на власта, односно прифаќањето на постоење на двоен суверенитет меѓу граѓаните кои се претставени во парламентот и шефот( монархот) на државата како суверен, довело до развивање на два општоприфатени казненоправни института - амнeстија и помилување. Ваквата поделба на давање на акт на милост од страна на државата на две различни тела (монархот и парламентот) се провлекува во скоро сите модерни држави, па така Претседателот или друго тело од извршната власт, во зависност од уставното уредување на државата е овластено да дава помилување (pardons), а од друга страната собранието или парламентот е овластено да дава амнестија (amnesty).

Нашиот Устав го следи ваквиот тренд па така во чл. 68 покрај другите функции на Собранието е предвидено дека Собранието дава амнестија, додека во чл.84 е превидено дека Претседателот дава помилување во согласност со закон.  Ова е една од суштинските разлики помеѓу овие два института, односно разлика постои во органот кој го доделува актот на милост од страна на државата. 

Уставот само начелно без да ги прецизира постапките и опсегот на амнестијата и помилувањето ги определува државните органи кои се носители на таквото правото. Во однос на амнестијата Уставот не предвидел дополнителен критериум, односно само утврдува дека право на Собранието на РСМ е да даде амнестија.  Нешто поразлична е ситуацијата во однос на помилувањето. Имено Уставот го овластува Претседателот на Републиката да даде помилување, но притоа го ограничува тоа да биде во согласност со закон, па доколку се употреби еден од основните правни методи на толкување - argumentum a contrario ќе се дојде до заклучок дека доколку таквото помилување не е дадено во согласност со закон истото треба да е ништовно. Сепак во нашиот правен поредок поради специфичноста на решението за помилување кое го носи Претседателот, не е предвидена контрола во однос на законитоста на таквото решение од страна на друг државен орган.

Во нашето законодавство материјална дефиниција на тоа што значат овие два института не постои, но сепак во Кривичниот законик на РСМ е предвиден опсегот на делување на овие два института. Па  така според чл.113 ст.1 од КЗ на лицата кои се опфатени со акт за амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата.

Чл.  114 ст.1 од КЗ  предвидува дека со помилувањето на поименично определено лице му се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, му се заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки или му се определува бришење на осудата или му се укинува, односно му се определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната. Во став 2 од истиот член е предвидено дека со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни, забрана на вршење на професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата.

Вака поставените членови во КЗ ги даваат следните разликите помеѓу двата института па така може да се забележи дека законодавецот во однос на амнестијата предвидел дека амнестијата се дава на лица, односно на неодреден број  на граѓани додека за помилувањето е предвидено дека истото се дава на поименично определено лице. Ова е втората битна разлика на овие два института, имено амнестија дава Собрание во форма на закон за амнестија за неопределен број на лица, за одреден настан, за одредени кривични дела или пак за одреден период. Во досегашната историја на РСМ собранието донело повеќе закони за амнестија, а како позначајни се издвојуваат Законот за амнестија од 2002 година со кој се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година и  Законот за амнестија од 2018 година  со кој  закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор (во натамошниот текст: „амнестија”) лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година. За разлика од амнестијата, помилувањето е секогаш поединечно, односно за секое помилувано лице Претседателот треба да донесе посебно решение во кое ќе го наведе лицето кое се помилува и кривичното дело за кое се помилува.  Постапката за  помилување е регулирана во Законот за помилување од 1993 година. Одредени измени во однос на постапката за помилување беа извршени со Законот за изменување и дополнување на законот за помилување од 2009 година, но истиот беше укинат од страна на Уставниот суд со Одлука бр.19/2016-0-1 од 16.03.2016 година. Последните измени во однос на законот за помилување се извршени со Законот за дополнување на законот за помилување од 2016 година, со кој закон се даде право на претседателот да може да ги поништи дадените помилувања во рок од 30 дена. Поради тоа што ваквата одредба е спорна во однос на својата уставност со Решение У.бр.163/2016 Уставниот суд на РСМ поведе постапка за оценка на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година. Во однос на таквата постапка до денес, иако се поминати 4 години не е донесена одлука. Помилувањата се често користени од страна на претседателите и традиционално се даваат за празници или по повод Нова Година кога претседателите ослободуваат од понатамошно издржување на казна поединечно определени сторители или им го намалуваат времетраењето на издржување на казната или казната затвор ја заменувале со некоја алтернативна мерка.

Во нашата правна фела често се користи изразот аболиција, па сметам дека е целисходно да се даде објаснување што всушност претставува тој израз. Аболицијата или како што гласи латинскиот назив во оригинал “abolere”, се дефинира како ослободување од кривично гонење на лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело. Нашето законодавство не го познава институт аболиција. Во теоријата и во праксата аболицијата се јавува како вид на помилувањето односно амнестијата и тоа кога помилувањето или амнестијата се однесува на  ослободување од гонење, односно кога обвинетиот ќе се ослободи од понатамошно гонење во текот на постапка. Постапката во однос на фазата во која се наоѓа може да се води пред Јавното обвинителство (истражна постапка) или пред Судот (судска постапка). И во двата случаи кога ќе се донесе амнестија или помилување со кое е опфатено одредено лице, тоа претставува процесна пречка за понатамошно водење на постапката. Па така доколку постапката се води пред Јавниот обвинител (истражна постапка) согласно чл.304 од ЗКП  Јавниот обвинител со наредба ќе ја запре истражната постапка, ако најде дека настапила застареност на кривичното гонење или делото е опфатено со акт на амнестија или помилување, а доколку постапката е во фаза на судење согласно чл.402 од ЗКП Судот ќе изрече пресуда со која се одбива обвинението, ако обвинетиот со акт на амнестија или помилување е ослободен од гонењето.  Кај  аболицијата всушност изостанува пресуда со која ќе се утврди вина кај лицата/лицето против кое се води одредена постапка, бидејќи истата запира по дадената амнестија или помилување со која се ослободува од гонење. Сепак на крајот е важно да се потенцира дека аболицијата не е предвидена како институт во македонското законодавство, однос истата се користи како термин кога одредена кривична постaпка без разлика дали е истражна или судска постапка, пред донесување на пресуда ќе запре поради амнестија или помилување. Во историјата на РСМ најконтроверзните помилувања се дадени во вид на аболиција, односно ослободување од гонење, а со самото тоа и без да се утврди вина кај обвинетите лица дали ги сториле кривичните дела кои им се ставале на товар. Такви помилување се аболициите дадени од страна на Претседателот Борис Трајковски во 2003 година за аферата „големото уво“ за лицата  Доста Димовска и Александар Цветков, аболициите дадени од страна на Претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година за аферата „Глобал“ за лицата  Зоран Заев, Стојан Динев, Кирил Парталов, Никола Годев, Иренка Трајкова и Горан Крстев и аболициите дадени од Претседателот Ѓорѓе Иванов во 2016 година во која беа опфатени 56 лица од власта предводена од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како Никола Груевски, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и останати високи функционери.

Објавено на: 23.10.2020 година

project-img