news-bg

Блог

Правото на брак како универзално човеково право

авторка: Зорана Антовска


Човековите права се кохерентна супстанца. Тие зависат едни од други и токму затоа кога зборуваме за прекршување на едно право, тоа прекршување може да биде поврзано и со некое друго човеково право. Често зборуваме за правото на живот, правото на еднаквост, правото на слобода но, меѓу сите овие права се раѓа и правото на брачен живот. Правото на брак е во корелација со правото на почитување на приватниот и семејниот живот. Правото на почитување на приватниот и семејниот живот е дел од Европската конвенција за човекови права и неопходно е негово исполнување во согласност со неа. Но, иако во Конвенцијата е јасно предвидено дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката, понекогаш и во одредени ситуации, остварувањето на правото на брак може да ги загрози и останатите човекови права. Како што Конвенцијата предвидува, јавната власт не смее да се меша во остварувањето на правото на приватност и семејниот живот, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество. За да разбереме како доаѓа до таква ситуација, доволно е само да си го поставиме прашањето, дали секаде низ светот, дали секаде низ Република Северна  Македонија човекот има право доброволно и сам да го избере брачниот другар ?

Семејството и правото на брак се уредени во Уставот на Република Северна Македонија. Законот за семејство во член 6 предвидува дека бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање. Европската конвенција за човековите права исто така во член 12, право на брак, вели дека од моментот кога ќе станат способни за брак, мажот и жената имаат право да стапат во брак и да создадат семејство според националните закони со кои се регулира остварувањето на ова право. Тоа значи дека никој не смее да влијае на индивидуите, ниту пак да одлучува во нивно име. Но, во 21 век ние сè уште се соочуваме со договорени или принудни бракови кои директно значат прекршување на правото на слободно стапување во брак и основање на семејство.  Уште поголемо разочарување, пред кое за жал сите ние сакаме да замижиме е дека ова прекршување добива етнички, национален и расистички замав. Исто така, не треба да остане невоочено дека договорените и принудните бракови може да станат “одлична почва” за појава и на семејно насилство. И иако мислиме дека договорените и принудните бракови се реликт од минатото, тие за жал постојат и денес.

Кога зборуваме на оваа тема потребно е да направиме дистинкција помеѓу договорените и принудните бракови. Традиционално, договорениот брак е ситуација во која идните сопружници се одбрани од некоја друга личност, односно тие не се избираат сами меѓусебно. Овие, третите личности се најчесто личности од кругот на семејството. Традицијата вели дека постои економски бенефит од идниот брак за третата страна која ги спојува. Во патријахалните заедници, особено влијание има таткото кој го има последниот збор за изборот. Младите од различни причини се сложуваат на ваков предлог. Може да прифатат поради лојалност кон семејството, лојалност кон традицијата, одбрана на честа на семејството или пак се принудени да прифатат под присила и различни закани. Доколку се работи за прифаќање на брак поради присила и закани, во вид на физичко или емоционално насилство, чинот на договорен брак прераснува во брак под принуда. Под физичко и емоционално насилство го разбираме самиот чин на не запознавање на идните сопружници, киднапирањето на жените, физичката тортура, социјалната изолираност и слични последици. Овој монструозен чин е особено употребуван кон малолетните девојчиња ширум светот, особено прифатен од страна на источните култури, а во Република Северна Македонија особено изразен кај помалите етнички заедници каде што најзастапено е продавањето на младите девојки како невести.

Договорените и принудните бракови не се само на штета на жената, тие се на штета на двајцата партнери кои во индивидуални примери трпат различен степен на насилство и последици од истото. Важен сегмент во оваа дискусија е и тоа кои се причините поради кои доаѓа до прекршување на правото на брак, правото на основање на семејство и често, насилството врз жените. Меѓутоа иако бројките говорат дека насилството најчесто е врз жената а не врз мажот, можноста тие да се најдат во обратна ситуција не треба да се исклучи и заборави. Мора да се воочи фактот дека на оваа тема јавноста и медиумите обраќаат многу помалку внимание и истата последователно е помалку истражувана. Невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика велат дека причини за договорени и принудни бракови се нискиот степен на образование на родителите меѓутоа и на децата, социо-економскиот статус, традиционалните нишки заедно со ритуалите и обичаите во културата, невработеноста и сиромаштијата. Иако самиот чин на форсирање на договорени или принудни бракови претставува загрозување на правата и животот на единката, ова е особено  изразено кога станува збор за малолетничките бракови. Тука не станува збор само за малолетни девојчиња кои често стануваат жртва на оваа безсмислена и небулозна практика од страна на своите родители, туку станува збор и за повреда на правата на малолетните момчиња. Бракот кај малолетните деца има директен негативен ефект кон нивниот развој, бидејќи им го одзема правотот на едукација и школување, социјализација, правото на избор и правото да се изградат во независни индивидуи кои подоцна можат сами да одлучат кога ќе стапат во брак и со кого ќе го поминат својот живот. Во овој преплет на права, се јавува и репродуктивното право и репродуктивните последици кои за жал се поголеми кај младите девојки. УНИЦЕФ во 2011 има истражување според кое бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%. Кај Албанците оваа бројка е 6%, кај Македонците е 2%, додека кај ромската заедница тој изнесува дури 22%. Бројот на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или биле бремени на национално ниво изнесува 3%, додека кај ромската заедница тој број е 18%.  Не треба да занемариме дека тука се јавува можност за низа здравствени проблеми кај жената, поголема можност за смртност кај нив и кај новороденчињата како и други психички последици поради самиот факт дека тие стануваат мајки за време на пубертетот.

Законот за семејство , член 16 предвидува дека  брак не може да склучи лице кое не наполнило 18 години од животот. Но , надлежниот суд може, во вонпроцесна постапка, да дозволи склучување на брак на лице кое наполнило 16 години од животот ако утврди дека тоа достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот, а по претходно прибавено мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во центарот за социјална работа. Треба сериозно да се размисли на оваа тема, колку едно лице, машко или женско,  на 16 години е подготвено да живее во брачна заедница и да ги извршува должностите, како и тоа дали ги добива и ужива правата што таа заедница ги нуди. Во многу земји постојат законски регулативи со кои не се дозволува малолетни лица да стапуваат во брак, но постојат законски исклучоци односно стапување во брак со родителска согласност. Една капања која има цел да стави крај на оваа трагедија која е проширена насекаде низ светот е капањата активна во 2016 година „Girls Not Brides“ која покажува дека земјите ширум светот на момчињата им даваат поголема старосна граница за стапување во брак отколку на девојчињата. Ова е само уште еден пример како уште од рана возраст се применува родова дискриминација која доведува до сериозни прекршувања на правата на жените. Во последните неколку години е поравиено чувството за овој проблем ширум светот па така во Танзанија во 2016 година се носи Законски акт за бракови кој ја елиминира нееднаквоста на минималната возраст за брак за момчињата и девојчињата и минималната возраст претставува 18 години за двата пола. Но, треба да сме свесни дека ниту овој вид на закони, не го криминализира целосно самото дејствие на договор и принуда за брак. Доколку би постоел закон кој договорениот и принудниот брак ги сместува во групата на криминални дела, треба последователно да се развие и свеста на самите луѓе кои треба да го дигнат гласот против истите, да пријават дека се директна жртва од тоа дело или дека познаваат некој кој што за жал е дел од овој магичен круг.

             Имајќи го предвид погоре наведеното, може да се изведе заклучок дека бракот е интимно, неотуѓиво и лично право на секој човек. Меѓународните конвенции го гарантираат остварувањето на ова право, додека пак национаните легислативи во зависност од своето уредување и ставови го дефинираат бракот  во различна форма. Прекршувањето на било кое човеково право, вклучувајќи го и правото на брак значи оневозможување во уживањето на загарантираните човекови права кои му следуваат на секој поединец.


објавено на: 29.01.2021 година

project-img project-img