news-bg

Блог

ПРАВНО ПРИЗНАВАЊЕ НА РОДОТ – И ПРАВАТА НА ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА СЕ ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Автор: Ненад Мицов

Секојдневието на трансродовите лица е исполнето со проблеми, непријатности, стигматизирање и дискриминација. Голем дел од тие проблеми произлегуваат од несовпаѓањата на родот според податоците во нивните лични документи со нивниот вистински родов идентитет. Навидум наједноставни, секојдневни активности како посета на банка, подигање на пратка во пошта, интервју за работа или изнајмување на живеалиште, за трансродовите лица се претвораат во постојан извор на неоправдани сомнежи, вербално вознемирување, а неретко и физичко насилство.

За да ги појасниме нештата, пред сѐ да појасниме што се подразбира под трансродови лица. Трансродовите лица се лица чиј родов идентитет не соодветствува со родот кој им е „доделен“ при нивното раѓање. Едноставно кажано родот се однесува на оној дел од нашата личност за тоа како се чувствуваме, додека полот е различна категорија која се однесува на нашите биолошки карактеристики. Трансродовите лица користат широк спектар на идентификување согласно нивните лични искуства со родот и полот, и при тоа може да се идентификуваат или чувствуваат како маж, жена, небинарни (идентитет кој ги прифаќа и машките и женските одлики), родово некомфорни (идентитети на изразување и/или однесување надвор од постоечките родови норми) или воопшто да не изберат ниту една идентификација.

Процедурите за правно признавање на родот имаат за цел да ги премостат постоечките проблеми со кои трансродовите лица се соочуваат и воедно да има се овозможи официјално и формално признавање на нивниот родов идентитет. Ваквото признавање пред законите во државата е многу повеќе од обичен административен процес за овие лица, тоа претставува есенцијален акт со кој ќе им се овозможи да живеат на достоинствен начин и со почит од средините во кои живеат.

Правното признавање на родот е од особено значење заради усогласување на формалните начини за лична идентификација како што се изводите на раѓање, пасошите, личните карти, возачките дозволи и останати документи каде што се наведува родот впишан во истите при раѓањето на личноста. Тоа претставува институционално признавање на родот со кој лицето се идентификува, се чувствува, живее и се изразува, но и останатите промени кои можеби настанале по раѓањето. Ваквото правно признавање на институционален начин подразбира сеопфатно усогласување рефлектирано во сите документи за идентификација и институционални податоци за лицето, како на пример податоци во банка, сертификати за стекнато образование итн. Проблемите настануваат кога не постои формална, законска регулатива за усогласување и правно признавање на родот, па трансродовите лица се наоѓаат во неповолна положба секогаш кога треба да се идентификуваат со документи во кои податоците се разликуваат од нивната фактичка состојба. Таквите неусогласени документи најчесто се отфрлаат и не се признаваат што ги спречува овие лица да учествуваат во основни, секојдневни и фундаментални социјално-општествени активности и остварување на нивните примарни човекови права, како право на живот, приватност, образование, социјална и здравствена заштита, движење и патување или право на глас и избор. Ваквите проблеми дополнително водат кон загрозување на приватноста на трансродовите лица и нивно јавно откривање што често резултира со дополнителна стигма и дискриминација од околината, но причинување на дополнителен стрес поради неприфаќањето на нивниот родов идентитет.

Најголем дел од трансродовите лица не можат да добијат документи кои ги изразуваат точно нивниот идентитет или избрано име. Законите и правилата кои ги одредуваат правилата за вакви промени, онаму каде што се дозволени, варираат од земја до земја. Сосема малку земји ги уредуваат овие закони по принцип на самоопределување, односно со правен договор помеѓу индивидуата и државата. Ваквата легислатива овозможува промени во документите без медицинска или надворешна интервенција. Со тоа се намалуваат бариерите и пречките со кои се соочуваат трансродовите лица, особено при добивање на соодветни документи за лична идентификација кои го изразуваат нивниот вистински родов идентитет. Ваква позитивна легислатива постои во Аргентина, Чиле, Уругвај, Малта, Норвешка, Ирска, Данска, Белгија, Португалија и Луксембург.

Во многу други земји, правото на самоопределување за трансродовите лица не е признато, со што процесот на промена на ознаките за пол или другите лични податоци често е исполнет со пречки и арбитрарно институционално постапување. Таквите непотребни пречки можат да се однесуваат на поставување на психијатриски дијагнози или ограничувања, односно дијагностицирање на некакви ментални нарушувања. Дополнително, одредени законски решенија предвидуваат хормонски терапии, присилна стерилизација, кастрација или хирургија на гениталиите и останати медицински интервенции, кои најчесто се инвазивни, понижувачки, арбитрарни од страна на оние кои ги одредуваат и изведуваат, и на крај тие чинат многу пари.

Според една од ретките правни анализи за состојбата на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија (Бошкова, Раиден, 2017), родовиот идентитет не е регулиран и не се споменува никаде во законската легислатива, со што трансродовите лица се наоѓаат во постојана несигурна положба за нивниот правен статус. Според информациите на релевантните европски организации за правата на ЛГБТ лицата, во десет земји членки на Советот на Европа не достапно правното признавање на родот (Северна Македонија, Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Грузија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Србија).

Состојба за правно признавање на родот во Северна Македонија

Сепак во Северна Македонија, постојат закони што трансродовите лица можат да ги користат за делумно усогласување на податоците во матичната евиденција со својот родов идентитет, но се уште не го решаваат целосно правното признавање на родот.

Според Законот за личното име (1995) трансродовите лица може да го променат името и презимето доколку ги исполнуваат условите што важат за сите и не го засегаат родовиот идентитет. Промените кои подлежат на овој закон ги одобрува Министерството за внатрешни работи.

Законот за единствен матичен број на граѓанинот (1992) предвидува дека секој жител е носител на единствен матичен број на граѓанинот, кој е негова/нејзина лична ознака, која во себе содржи повеќе податоци, вклучувајќи го и податокот за полот. Не постои јасна постапка за промена на единствениот матичен број, дури и во случај кога е спроведена операција за промена на полот.

Според Законот за личните карти, личната карта, покрај другите податоци, содржи и информација за името, ознаката за полот и единствен матичен број. Со членот 8 од овој закон дозволено е издавање нова лична карта со променети податоци само доколку е променето името или адресата на живеење на лицето што ја поседува. Не постои јасна процедура за промена на ознаката за пол или матичниот број во личната карта.

Според Законот за патната исправа, пасошот, покрај другите податоци, содржи ознака за полот, како и матичниот број на граѓанинот. Нова патна исправа ќе се издаде во случај на промена на името и презимето, датумот на раѓање, полот или матичниот број. Сепак, од одредбите на законот не е јасно на кој начин може да се промени ознаката за полот и матичниот број.

Законот за матичната евиденција го регулира запишувањето на податоците, водењето на матичните книги, како и промената, односно исправката на податоците запишани во матичните книги. Раѓањето на дете се запишува во матичната книга на родените во рок од 30 дена од денот на раѓањето. Матичната книга на родени содржи име и презиме; пол; час, ден, месец, година на раѓање; државјанство и матичен број. Управата за водење на матичните книги поведува постапка за донесување решение за исправка на податоците во матичните книги, доколку е потребно тоа да се направи. Кон барањето за исправка потребно е да се достават докази и податоци (потврди, уверенија и сл.) кои се однесуваат на граѓанскиот статус на лицето. И во овој закон не постои јасна постапка за промена на ознаката за полот и на единствениот матичен број, дури и во случај кога е спроведена операција за промена на полот.

Правно признавање на родот во Европа

Сепак, Советот на Европа има побарано од земјите членки да овозможат правно признавање на родот, но само 30 европски земји имаат донесено некакви робусни процедури кои најчесто не ги штитат човековите права на трансродовите лица, а само пет земји го признаваат правото на самоопределување и не бараат никакви медицински интервенции, психолошки дијагнози или било каков друг третман. Оваа ситуација, дополнета со правните празнини во различни легислативи ги остава трансродовите лица во незавидна положба и најчесто со документи кои не го изразуваат нивниот родов идентитет. Европската легислатива во моментов препознава неколку правни решенија како исклучително позитивни примери, и тоа законите кои се однесуваат на правното признавање на родот во Малта, Ирска и Данска.

Инвазивните (медицински) интервенции ги кршат човековите права

Постоечките процедури во повеќето земји подразбираат долги, комплицирани и нехумани процеси кои влијаат на човековото достоинство на трансродовите лица и ги доведуваат овие лица во тешка правна и медицинска неизвесност. Тоа значи дека одредени лица мора да се откажат од едно или повеќе основни човекови права за да добијат правно признавање на нивниот род, како на пример правата кои се однесуваат на телесниот интегритет, правото да формираат семејство или правото на брак. Поставувањето на медицинска или здравствена дијагноза како услов за признавање на родот создава дополнителна бариера затоа што постои можност давателите на здравствени услуги да ги ограничат правата на трансродовите лица и да го оневозможат процесот за правно признавање на родот или дополнителн го отежнува пристапот до правата на здравствена заштита и грижа. Дури 20 земји во Европа за признавање на родот бараат задолжителна медицинска стерилизација. Комесарот за човекови права при Советот на Европа критички смета дека трансродовите лица се единствената група на луѓе во Европа кои се подложени на легална стерилизација од страна на државите. Останатите услови за признавање на родот може да вклучуваат поставување на дијагноза за ментално нарушување, инвазивни медицински интервенции, проценка на времето во кое лицето се идентификува со својот род, поведување на разводни процедури, итн.

Од овој краток осврт низ овие правни и здравствени лавиринти кои поминуваат трансродовите лица, може да се заклучи дека сите правни празнини, присилни услови и непотребни процедури го нарушуваат основното човеково достоинство, го загрозуваат телесниот интегритет, го ускратуваат правото да се создаде семејство и конечно го кршат правото на трансродовите лица да бидат заштитени од деградирачки и нехуман третман.

ОБЈАВЕНО НА 25.09.2020 ГОДИНА

project-img