news-bg

Блог

НЕТОЛЕРАНЦИЈАТА СЕ РАЃА И ХРАНИ ОД НЕЗНАЕЊЕ

Авторка: ЈАНА СТАНОЕВИЌ


„Алмир, затвори го прозорецот, почна Диџејот!“ Никогаш не помислив дека ова ќе биде „кобната“ шега која ќе ме оддалечи од другарот со кој делевме тајни и си помагавме.

Моето име е Јана. Родена сум како христијанка и за мене најубав празник е Божик. Често одиме со мајка ми и во црква, зашто таму наоѓаме мир и надеж за исполнување на нашите желби. Убаво ми е и за Велигден кога правиме групно кршење со вапсани јајца. Се сеќавам дека до лани и Алмир имаше желба да го прави тоа со нас. Се интересираше и за тоа што значи празникот, па со него научив и јас повеќе за деновите кои значат многу за христијаните. Секогаш имаше по едно црвено јајце и за него и тој сам избираше сликичка што ќе ја залепи за да го украси. Еднаш, се сеќавам, цело друштво го избра неговото за најубаво затоа што стави крст и месечина на исто јајце и рече дека тоа е новиот симбол на единство.

Јадев и баклави, не знам дали беше Курбан или Рамазан Бајрам, ама со душа чекав да дојде денот кога Алмир ќе донесе од баклавите на баба му. Цело друштво се засладувавме и баравме уште. Никогаш не ни објасни повеќе за значењето, до душа не знам ни дали го прашавме, ама пишувајќи го овој текст сфатив дека многу малку знам за денот, многу повеќе за вкусното благо.

Во три години, со Алмир имавме неколку проблеми и сите ни беа заеднички. Расипаниот прозор што се отвораше при секој помал ветар и дуваше силно во нас, како да добиеме петка по математика кога не ги разбиравме задачите и како да не ни се спие секој понеделник на прв час.

Се шегувавме постојано, ама секогаш со мерка.

Тој ден ми беше собрано сѐ! Бев нервозна од дома ама и искрено ми пречи кога од џамијата ќе викне гласот толку силно што ме болат ушите. Никогаш не криев дека тоа ми пречи ама и не бирав зборови со кои ќе го кажам тоа. Го слушнав гласот и само ми се зајакна нервозата што веќе владееше со моето расположение.

„Алмир, затвори го прозорецот, почна Диџејот!“, реков. Ме погледна и наместо да го затвори прозорецот само рече дека можеби е време малку повеќе да поднаучам што значи тоа за него и за нив муслиманите и можеби е подобро малку да „оладиме“ со другарството.

„Што му е?“ Се прашав... неколку месеци нашиот другарски однос е поинаков. Обидувајќи се да ја премостам грешката само влегував во поголеми неволји.

„Северна Македонија е мултиетничка држава во која живеат повеќе народи. Соживотот во нашето општество е сложен и комплициран процес. Тука се мешаат народи со различни култури, вери, јазици, традиции. Таквите разлики во заедничкиот живот треба да мултиплицираат во една заедница.“

Речиси незаинтересирано и без никакви очекувања од часот, како да требаше да го слушнам ова од професорката.

„чекај, чекај, чекај...“ си реков во себе и ги „премотав“ уште еднаш истите зборови.

Како наеднаш да добив одговор на проблемот што се обидував да го решам. Моето нетрпение беше производ на неинформираноста, на незнаењето и на сѐ она што не сакав да го направам со Алмир. Како да ми стана јасно дека ако повеќе знаеме едни за други ќе бидеме и потолерантни едни кон други.

Всушност, само квалитетното образование може да биде столб за опстанок општество како нашето. Без системско образование, почнувајќи од градинките па сѐ до универзитетите и Македонската академија на науките и уметностите, вакво мултиетничко општество би пропаднало. За жал има и такви примери. Затоа во системот на образованието во нашата држава се вклучени сите заедници со право на образование. Доколку изразат желба може да си го негуваат сопствениот јазик, писмо, култура, традиција. Тоа може да ги обедини сите различни заедници и да ги поттикне младите генерации на толеранција и разбирање. Народ без образование ризикува да го изгуби својот идентитет што со тек на времето може да доведе до негово целосно бришење од картата на една мултиетничка земја и мултикултурно општество.


Авторка на овој блог е Јана Станоевиќ, средношколка од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, Скопје.


ОБЈАВЕНО НА 19.11.2024 ГОДИНА


________________________________________________________________________________________________

Овој блог е дел од серијалот на блогови на тема „Унапредување на мултиетничко општество и промоција на мултикултурата во нашата држава“ напишани од средношколци во рамки на проектот „Младински активизам за инклузивно општество“. 

Проектот „Младински активизам за инклузивно општество“ на Институтот за човекови права се спроведува во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

project-img