news-bg

Блог

Меѓународниот ден на жената и неговата еволуција низ историјата

Секоја година, 8ми март го одбележуваме како Меѓународен ден на жената. Овој ден, претставува потсетување за храброста и борбата на жените низ годините за политичките, социјалните и економските достигнувања на глобално ниво. Денот на жената се прославува во многу држави без разлика на националната, етничката, јазичната, политичката или економската позадина на жената.

Почетоците за воспоставување на Меѓународен ден на жената датираат уште од 28 февруари 1908 година, кога илјадници жени од конфекциската индустрија излегле на штрајк и марширале низ улиците на Њујорк во знак на протест против нивните работни услови. На истиот ден, во чест на годишнината од тие штрајкови, бил прославен Националниот ден на жената за првпат во историјата на САД, назначен од Социјалистичката партија на Америка. Идејата за прославување на денот на жената на меѓународно ниво, потекнува од Клара Цеткин. Идејата била предложена во 1910 година на Меѓународна конференција на жените работнички во Копенхаген. Предлогот бил едногласно прифатен од страна на жените присутни на конференцијата од 17 држави. На 19 март 1911 година, за првпат бил одбележан Меѓународниот ден на жената од страна на милиони луѓе во Данска, Германија, Австрија и Швајцарија. Жените се бореле за правото на глас, за извршување на јавна функција и против дискриминација врз база на пол на работното место. Меѓутоа, причината поради која како Меѓународен ден на жената го славиме 8 март е поврзана со движењето на жените за време на руската револуција, која претставува пресвртница во историјата на правата на жената. На 8 март, жените работнички во Петроград одржале масовен штрајк и демонстрации барајќи мир и леб. Ваквото движење со самото проширување од фабрика во фабрика прераснало во востание. Во 1922 година, Ленин го назначил 8 март како официјален ден на жената, во чест на улогата на жените во 1917 година. Во 1975 година, за време на Меѓународниот ден на жената, Обединетите нации започнуваат да го слават 8 ми март како ден на жената. Во 1977 година, две години подоцна, Генералното собрание усвоило Резолуција со која се воспоставува Ден на Обединетите нации за правата на жените и меѓународниот мир кој треба да биде набљудуван секој ден од годината од страна на земјите членки, во согласност со нивните историски и национални традиции. Оттогаш, во 1995 година Пекиншката декларација и платформа за акција, потпишана од 189 влада, претставува голем чекор во областа на еднаквоста помеѓу мажот и жената. Платформата за акција на Пекинг означува 12 клучни области за постигнување поголема еднаквост и можности за жените и мажите, девојчињата и момчињата. Исто така, биле донесени конкретни мерки наменети за земјите кои би им помогнале да донесат промени. Во 2011 година, американскиот претседател Барак Обама повикал месец март да биде познат како месец на историјата на жените, бидејќи според историјата, жените можат да придонесат многу во општеството само кога би имале пристап до можности.

Притоа, секоја година, денот на жената се слави со посебна тема. Од страна на Обединетите нации  во 1996 година била објавена првата годишна тема ‘Прославување на минатото, планирање на иднината’ која била проследена во 1997 година со ‘Жените на масата за мир.’ Наредната година, во 1998 година, темата била наменета на ‘Жените и човековите права,’ додека во 1999 година, на ‘Свет без насилство против жените,’ при што секоја наредна година е одбележана со тема поврзана за жените. Темата на овогодишната кампања е #EmbraceEquality, додека темата на Обединетите нации е ‘DigitALL: Иновации и технологија за родова еднаквост.’ Целта на овие кампањи е да ги повикаат луѓето за да ги оспорат родовите стереотипи, да се борат против дискриминацијата и да привлечат внимание на пристрасноста и да бараат инклузија. Родовата еднаквост е од особена важност за Обединетите нации, каде што од 17-те цели на Агендата за одржлив развој за 2030 година, целта под реден број 5 е наменета за постигнување родова еднаквост.

Денес Меѓународниот ден на жената е потсетник за борбата на жените за своите права, кое го привлекува вниманието низ целиот свет за никогаш да не биде заборавена нивната борба. Овој ден, се слави како национален празник низ земјите ширум светот, при што жените често добиваат цвеќиња и подароци. На меѓународно ниво, виолетовата боја е симбол на денот на жената и е боја на достоинство и самопочит. Комбинацијата на зелената, виолетовата и белата ја претставува еднаквоста на жените. Исто така, цветот мимоза претставува симбол на овој ден, каде што разновидноста на овој цвет е одличен избор за да се прослават достигнувањата на жените додека се стремиме кон родовата еднаквост


АВТОРКА: Каролина Аврамовска
ОБЈАВЕНО НА 08.03.2023 ГОДИНА

project-img