news-bg

Блог

Корупцијата во јавните набавки и како да се сузбие

Авторка: ВАЊА МИХАЈЛОВА


Генерална оценка е дека корупцијата во јавните набавки е екстензивна и широко-распространета поради огромниот обем на јавни средства кои се вложуваат за оваа намена. Во Македонија во 2024 година, пазарот на јавни набавки изнесуваше 8,8 % од бруто домашниот производ (БДП), а за јавни набавки се потрошени една милијарда, 360 милиони евра. Во земјите во развој износот на средства кој се троши за јавни набавки во однос на БНД е далеку поголем. На глобално ниво, но и во Македонија, наспроти повеќето реформи кај јавните набавки, ефектите од истите се оценуваат како неефикасни. Тие главно беа насочени кон поголема ефикасност, одговорност, транспарентност, интегритет и добро менаџирање, со цел сузбивање на корупцијата. Наспроти огромниот износ кој се троши за јавни набавки, загрижува фактот што договорите за јавни набавки во голем број на случаи се склучуваат преку претходно тајно договарање и надвор од фер конкуренција. Ваквиот несоодветен однос им овозможува на фирмите кои имаат политички конекции да ги „скројат“ понудите на начин кој може да го исполнат само тие и да го добијат тендерот. Во ваквиот коруптивен однос, договорниот орган кој одлучува за доделување на договорот, има финансиска придобивка или друг вид на услуга. Тоа на крајот, резултира со зголемување на трошоците за јавната набавка и намалување на квалитетот на стоките и услугите во јавниот сектор, што е особено штетно кај набавките на фалсификувани лекови кои можат да предизвикаат и смртни случаи. Грубото кршење на принципите кај јавните набавки, од друга страна, резултира со одвраќање на чесните понудувачи, ја зголемува недовербата во власта и зголемува економската нееднаквост.

Коруптивните практики со непочитување на пропишаните принципи за јавните набавки, како заштитен механизам се лоцираат во следното:

Недостатокот на политичка волја - за сузбивање на корупцијата во јавните набавки се манифестира во случаите на клептократија или заробена држава. Постојат многу примери кога корупциските напори за сузбивање на корупцијата се неуспешни бидејќи бизнисот и политичката елита ги кршат принципите и процедурите кај постапките за јавни набавки заради меѓусебен личен профит. Оттука, политичката волја за сузбивање на корупцијата е од суштинско значење. Таа се потпира на три основни принципи: конкуренција, транспарентност и објективни критериуми при донесување на одлука за избор на најдобра понуда.

Судирот на интереси - претставува сериозен коруптивен проблем кога приватниот интерес надвладува над службената положба и овластувања и јавниот интерес на лицата вклучени во пропишување на критериумите во понудите и евалуација на истите, односно кога преку примање поткуп или друг личен интерес ќе ги приспособат критериумите во тендерот во корист на определен понудувач.

Заробена држава или клептократија - Во екстремни случаи, коруптивните стратегии и практики може да доведат до заробена држава или клептократија, кога големите бизниси можат значително да влијаат врз власта да донесе одредена одлука во нивна корист, посебно кај големите јавни набавки. Клептократијата функционира кога високите функционери ја злоупотребуваат власта за лично богатење, што е чест случај, наместо да им служат на граѓаните и јавниот интерес. За надминување на ваквите пречки, потребно е стриктно почитување на пропишаните законски процедури и критериуми и ефикасна контрола и одговорност за прекршителите.

Конкуренцијата во јавните набавки треба да придонесе за добивање на поквалитетна понуда и заштеда на јавните средства. Меѓутоа, резултатите од истражувањата во земјата првенствено од граѓанскиот сектор (Центар за граѓански комуникации), покажуваат дека конкуренцијата постојано се намалува, а се зголемува бројот на постапки во кои учествува само една фирма. Компаниите кои имаат монопол кај набавките, со елиминирање или намалување на конкуренцијата претставуваат сериозен проблем. Тие повеќе се насочени кон остварување на повисоки профити отколку преку фер конкуренција со други компании да го добијат тендерот, а во тоа им помагаат корумпирани јавни службеници, кои за тоа добиваат соодветна награда преку пари или други услуги. Многу често, постапките за јавни набавки се поништуваат со цел тендерот да биде доделен на одреден фаворизиран понудувач, елиминирајќи ја конкуренцијата. При тоа, критериумите се креирани на таков начин што само однапред избрани компании можат да ги исполнат. Нефер конкуренцијата, покрај субверзивниот процес (елиминирање на другите понудувачи), „големите играчи во бизнисот“ може да го постигнат и преку: влијание врз јавните службеници вклучени во постапките за јавни набавки преку поткуп, обезбедување на внатрешни информации за тендерските барања и понудите на другите конкуренти, да влијаат да се пропишат такви критериуми и услови кои можат само тие компании да ги исполнат.

Во Извештајот на Европската Комисија (ЕК) за 2025 година, исто така, се укажува дека „конкуренцијата во јавните набавки во земјата останува ограничена“. Според истражувањата во земјата, со години наназад на тендер се јавува само еден понудувач во случаи на големи вредности во понудите. Отсуството на конкуренција има потенцијал да го концентрира богатството и влијанието меѓу мала група доминантни играчи и да доведе до зголемени цени и намален квалитет на стоките и услугите. Покрај, ова, сериозен проблем во земјата е што тендери со неколку милиони евра ги добива новоформирана фирма, не ретко и од несоодветна дејност и со само двајца или неколку вработени, што упатува на блиски релации на овие компании со највисоките ешалони на власта, што е типичен случај на клептократратија, но и сомнежи дали таквите фирми се способни да го реализираат договорот, или дека тие се покритие за некој друг играч. Друг проблем е што во најголем број на тендери, победува понудувач кој понудил најниска цена. Ова, исто така е нотирано во Извештајот на ЕК дека „критериумот економски најповолна понуда“ (ЕНП) останува ограничен и дека во 2024 година, само 1.251 од 22.975 огласи за јавни набавки (5,4 %) го применија овој критериум, и дека во однос на вредноста, само во 5,8 % од тендерите беше користен овој критериум, наспроти најниската цена. Преовладувањето на критериумот најниска цена, не гарантира квалитет, навремено извршување на договорот, а е особено ризичен кај набавките на лекови и друг медицински материјал и кај храната. Најниската цена им овозможува на фаворизирани фирми да го склучат договорот, а во текот на неговата реализација, преку анекси да се исплаќаат додатни средства или одолговлекува реализацијата на истиот, што го прави договорот за набавка многу поскап.

Транспарентноста е суштинска за спречување на сите напори за изигрување на процедурите и овозможување еднаков пристап на сите понудувачи, до сите информации. Таа е и главен механизам за сузбивање на коруптивните практики. Транспарентноста треба да им овозможи на сите понудувачи лесен пристап до информации во сите фази од постапката, што опфаќа селекција и процес на евалуација на понудите. Понудите треба да бидат оценувани според објективни критериуми, договорени политики и потребни проценки. На ниту еден понудувач не треба да му се дозволи пристап до привилегирани информации во било кој степен на постапката. Избраниот понудувач треба да ги достави стоките и услугите согласно договорот.

Е- јавни набавки - информативната и комуникациска технологија во јавните набавки може значително да ја зголеми транспарентноста и олесни пристапот до јавните набавки. Со намалување на директната комуникација помеѓу договорниот орган и компаниите со електронските јавни набавки ќе се стеснат можностите за злоупотреба. Дигитализираната и поедноставена размена на информации ја олеснува размената на информации и трансакции преку електронскиот систем и ја олеснува внатрешната антикорупциска контрола бидејќи полесно може да се детектира повредата на принципите.

Контрола - потребно е да се воспостави надворешна и внатрешна контрола врз постапките за јавни набавки, како гаранција дека биле почитувани пропишаните процедури и критериуми. Тие треба да бидат независни, ефикасни и да ги објавуваат нивните наоди од ваквите контроли. При ова, комплексните и големите тендери треба да бидат подложни на супервизија, На жалост, со измена на Законот за јавни набавки (ЗЈН), Бирото за јавни набавки ја укина управната контрола која ја вршеше над целиот процес на јавната набавка и се фокусира само на одредена тендерска документација, што е недоволно. Ова отвора широк простор за злоупотреби кај тендерите, што и оди во прилог на власта. Оттука корупцијата во јавните набавки е препознаена и како колективен проблем, бидејќи и во високо корумпираните случаи покрај високи функционери, се вклучени и државни службеници, кои личниот финансиски интерес и амбиции го стават пред јавниот интерес. Недостатокот од спреги и кочници (checks and balances) како и немање на контрола и мониторинг на постапките за јавни набавки резултира со системска корупција. Оттука и потребата од колективна акција со вклучување на сите чинители-надлежни институции и граѓаните во процесот на одлучување за постапките за јавни набавки. Но во практиката ниедна власт не сака да ја убие „златната кокошка“, доколку не подлежи на контрола и мониторинг од граѓаните.

Улогата на граѓанскиот сектор - Учеството на граѓанскиот сектор како watchdog е суштинска за спречување на коруптивните практики. Граѓаните мора да имаат увид и корист од јавните инвестиции за кои се вложени нивните пари преку даноците кои ги плаќаат, па поради тоа имаат право секогаш да бидат консултирани и поттикнати да бидат вклучени во постапките за јавни набавки. Граѓанските организации треба да вршат независен мониторинг врз процесот на јавните набавки и реализацијата на договорот. Зајакнувањето на учеството на граѓанскиот сектор преку мониторинг на процесот на јавните набавки од објавувањето на огласот, евалуацијата на понудите, изборот на најдобра понуда и реализацијата на проектот е израз на демократски процес и заштитен механизам од корупција. Ова е особено значајно во услови кога затајуваат надлежните институции, посебно Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која е пасивна, нетранспарентна и не ја исполнува својата улога за превенција од корупција.



Вања Михајлова, антикорупциски експерт, поранешен член на ДКСК и член на Управниот одбор на ИЧП


ОБЈАВЕНО НА 10.12.2025

project-img