news-bg

Блог

КАКО ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ГО ПОДОБРИ НАШИОТ ПРИСТАП КОН ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА

Авторка: Марија Чекреџи


Концептот на човекови права е релативно нов. Основата на човековите права била поставена во 1948 година со подготовката на Универзалната декларација за човековите права. Во последните 72 години ние, како општество, имаме направено значителен напредок во оваа област, но сепак има уште долг пат пред нас, особено затоа што нашето општество е динамично и постојано се менува. Тоа значи дека и покрај правата кои сме се обврзале да ги исполниме, постојано се јавуваат и нови права кои треба да ги обезбедиме. Еден пример е брзиот развој на технологијата коj со себе  носи нови предизвици и прашања. Интернетот воопшто не постоел во времето кога се конципирале човековите права, а денес е во центарот на модерниот живот.  Ова создава потреба од креирање на механизми кои би се справиле со новите предизвиците кои ги носи интернетот, како заштита на податоци и на нашата онлајн приватност.

Постојат многубројни меѓународни документи во кои се запишани правата и слободите кои му припаѓаат  на секој човек од раѓање. Но, покрај гаранциите кои овие документи ги нудат и обврските кои тие ги наметнуваат, меѓународните организации не се тие кои се задолжени за да ни ги обезбедат овие права. Всушност, овие документи ја обврзуваат секоја земја потписничка да им ги обезбеди и да им ги почитува човековите права на своите државјани. Тоа значи дека и покрај универзалноста и глобалноста на човековите права, тие всушност се остваруваат на национално ниво.

 Во денешно време има различен степен на остварување на човековите права и секоја влада се справува со сопствени предизвици. Нашата влада е особено критикувана од страна на сопствените државјани во однос на нејзината ефективност и ефикасност во остварувањето на основните права. Ова може да се забележи на социјалните мрежи, во медиумите, а и во разговор со самите луѓе. Дали поплаките се однесуваат на правото на здравје и здравствена заштита, правото на социјална заштита, правото на правична судска постапка или некое друго основно право, се чини дека секој има нешто за да се пожали. Не секогаш  овие критики се оправдани, но факт е дека правдата е бавна во нашата држава, а во некои случаи недостижна.   

Следствено, има потреба за промена. Меѓутоа, радикални системски промени се многу ретки и обично проследени со период на насилство. Револуцијата, како медиум на промена,  треба да биде наш последен избор. Помирољубив пристап е системската еволуција, поточно да му дозволиме на системот да еволуира преку инкрементални промени. На овој начин, ние му дозволуваме на системот да се адаптира на новите промени и да може да ги процесира. Важно е да се увиди дека не секогаш неостварување на некои права значи недостиг на волја да се остварат тие права. Понекогаш тоа е производ на неможност или неспособност. Сметам дека преку зајакнување на капацитетите на државата, таа ќе може полесно да ни ги обезбеди нашите права.

Еден од клучните аспекти за зајакнување на капацитетите на државата е технологијата. Ова не е нов концепт, но е концепт кој сè уште треба да се развива во Северна Македонија. Институтот за човекови права, во рамките на проектот „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“, спроведе истражување за работата на судската администрација – перцепција, предизвици и потреби. Резултатите на ова истражување покажаа дека 32% од службениците во судската администрација сметаат дека немаат доволно техничка опременост и техничка поддршка за работните обврски да ги извршуваат брзо, навремено и ефикасно, додека 65% од службениците сметаат дека судот во којшто работат има потреба од дополнителен кадар.

Слични поплаки има и од службениците во останатите државни институции. На 05 и 06 октомври, Институтот одржа обука за користење на Методологијата за Примена на пристапот заснован на човекови права на претставници на државните институции, во рамки на проектот „Човекови права за сите“. На обуката, од страна на учесниците беше посочено дека и покрај нормативната рамка и наложените рокови за одговор на барањата за слободен пристап до информации, во пракса се случува овие рокови да не се почитуваат поради тоа што е потребен подолг период за собирање на информациите. Во примерот кој беше даден на обуката, вработениот кој бил задолжен за одговарање на барањето за слободен пристап до информации, морал да ги запостави своите тековни обврски и долг период да ги собира информациите кои граѓанинот ги побарал. Во овој случај се работело за финансиски извештај за подолг временски период. Една друга учесничка истакна една многу важна поента: доколку општината би ги објавувала овие информации на веб страницата, кои и всушност се информации коишто би требало да се достапни, и тие информации се ажурирани, тогаш едно вакво барање не би им одземало значително време на вработените, туку граѓанинот би можел да најде сѐ што му е потребно на веб страницата.

Неколку дена пред оваа обука, Институтот одржа работилница за одговорност, ефективност и транспарентност во судството, во рамките на проектот „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“ наменета за судии и судска администрација од Скопското апелационо подрачје. За време на оваа работилница исто така беше истакната неможност за ефективно и ефикасно работење заради недоволна дигитализација на самите процеси. Ова придонесува вработените да се преоптоварени со формални работи кои ги спречуваат да работат на суштински работи. Секојдневното работење на државната администрација е всушност еден начин на коишто нашите права се остваруваат.

Полека станува јасно дека потребите на денешното динамично време не можат да се задоволат со бирократија на хартија. Со дигитализација на државните институции, дел од проблемот на недостаток на кадар може да се реши и може да се забрза процесот на пристап до правда и до остварување на нашите човекови права. Не е важно само да си ги оствариме нашите права, важно е тоа да биде навремено и правилно. Човековите права не се само правна рамка која треба да се следи, тие претставуваат начин на функционирање. Во последната декада, пристапот заснован на човековите права прави промена во фокусот и мотивите поради кои се спроведуваат развојните програми и проекти. Од задоволување на потребите, фокусот се префрла кон остварувањето на правата. Кај пристапот заснован на човековите права лицата не се само пасивни корисници на услуги, туку се иматели на права, односно имаат право да бараат остварување и заштита на права од носителите на должности, кои пак имаат обврска да обезбедат остварување на тие права. Овој пристап не е само методолошка рамка, туку нов начин на размислување кој ги става човековите права во центарот на работењето на државните институции, приватните организации и невладиниот сектор. Кога фокусот ќе го ставиме на човековите права, станува очигледно дека не можеме да дозволиме носителите на должности да се преоптоварени со задачи кои не придонесуваат кон остварување на правата на граѓаните, а би можеле да се решат со помош на дигитализација.

Во последните неколку години, Владата на РСМ се обврза да ја зголеми дигитализацијата на државната администрација во сите сектори. Во 2018 година, Северна Македонија, со поддршка на Европската Унија, се обврза да ја оствари Дигиталната агенда на Западен Балкан, заедно со  земјите во регионот. Дополнително, во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија - 2020 – 2024, една од наведените клучни области е „Модерна и ефикасна администрација: повеќе систем, помалку бирократија“. Меѓутоа дигитализацијата на нашето општество е обврска на сите граѓани, а не само на Владата. Ние, како граѓански сектор, треба да создадеме проекти кој ќе целат кон е-Влада и дигитализација на државните институции. Понатаму, граѓанскиот сектор, медиумите и самите граѓани мораат да ја следат работата на Владата и да се врши притисок доколку Владата не си ги исполнува своите должностите или не се движи во правец кон остварување на нашите човекови права.

Несомнено, современиот тренд на дигитализација претставува предизвик за секое современо општество кое се стреми да ги следи најновите трендови во функционирање на системот на државната власт, при што на истите треба да се гледа како на алатка која ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и државните органи и ќе придонесе кон реализација на загарантираните човекови права и слободи.

ОБЈАВЕНО НА: 09.10.2020

project-img