news-bg

Блог

ИМПЛИКАЦИИ ВРЗ СЛОБОДАТА НА ДВИЖЕЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА КОВИД-19

авторка: Д-р Весна Стефановска 


Концептот за почитување и превенција на човековите права од можни злоупотреби во себе повеќе го истакнува моралниот карактер на овие права, отколку нивната правна природа и преточеност во правни норми. Човековите права како природни и неприкосновени прокламираат широко поставени стандарди со цел, меѓу другото, да ја ограничат моќта на државата и да воспостават одреден баланс меѓу почитувањето на фундаменталните права и слободи и рефлексијата на моќта на државата преку остварување на нејзините овластувања врз сопствените граѓани.

Овој баланс беше длабоко нарушен со почетокот на пандемијата предизвикана од коронавирусот (КОВИД-19) која што засекогаш ја промени перцепцијата за досегашниот живот без ограничувања, ставајќи ја заштитата на колективното здравје на примарно ниво на сметка на воведени рестрикции врз човековите права. Северна Македонија не беше исклучок во преземањето на мерки со кои се ограничија одредени човекови права првенствено тргнувајќи од слободата на движење, правото на изразување, правото на приватен и семеен живот, заштитата на личните податоци и слично.

Слободата на движење vis-à-vis наметнатите рестрикции за заштита на здравјето на луѓето

Слободата на движење претставува едно од елементарните човекови права предвидено во многу меѓународни конвенции, а воедно и еден од постулатите на кои се темели Европската Унија. Слободата на движење ја означува флуктуацијата на луѓето на локално, регионално и меѓународно ниво како и можноста за остварување на економски, образовен, социјален и општествен напредок.

Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) во Протоколот бр.4 член 2 ја дефинира слободата на движење како право на секое лице кое законски се наоѓа на територијата на една држава да може слободно да се движи во неа, слободно да го избере своето место на престојување, но и слободно да  напушти било која држава вклучувајќи ја и својата. Бидејќи се работи за релативно право кое може да се ограничи кога станува збор за заштита на здравјето на луѓето при прогласена вонредна состојба (како во конкретниов случај во скоро сите држави од Европа со исклучок на Шведска), така Конвенцијата предвидува можност за воведување рестрикции и тоа кога истите се предвидени со закон и кои претставуваат неопходни мерки во интeрес на националната безбеднот, одржување на јавниот ред, спречување на кривични дела, заштита на здравјето или заштита на правата и слободите на другите во едно демократско општество.

Коронавирусот ја тестираше (не)подготвеноста на светско ниво на државите да се справат со здравствената криза, а потоа и со тешката економска криза предизвикана од ограничувања на слободата на движење. Почнувајќи од 7 април 2020 година, Ирска беше единствената држава од ЕУ која не воведе ограничувања на државните граници за влез/излез на сопствени и државјани на трети држави. Вкупно 26 земји-членки на ЕУ ги затворија факултетите, училиштата, градинките, музеите, библиотеките и сл, додека пак Шведска беше единствена држава која реши да го практикува методот на стекнување колективен имунитет без воведување на рестрикции и карантини.

Имајќи го предвид фактот дека се приближуваме до прагот на шестмесечниот период од кога коронавирусот се појави на европско тло, а потоа беше прогласен за пандемија од страна на Светската здравствена организација, се поставува прашањето дали беа легитимни мерките за ограничување на слободата на движење и дали истите помогнаа во сузбивање на вирусот? Одговорот е очигледен доколку се анализира зголемениот број на активни случаи првенствено на Балканот, потоа на европско и генерално гледано на светско ниво.

Ограничувањата врз човековите права, а во конкретниов случај на слободата на движење треба да исполнат одредени критериуми и тоа тргнувајќи од а) легитимитет што упатува на фактот дека рестрикциите треба да бидат предвидени во законските акти на државата или во уставот; б) неопходноста означува дека наметнатите ограничувања мора да бидат во насока на заштита на одредени права како правото на јавно здравје и мора да кореспондираат на општествените цели; в) пропорционалноста значи дека рестрикциите мора да бидат пропорционални на засегнатиот интерес со цел да ја постигнат својата заштитна функција и посакуваните цели и г) потребно е да се внимава на забраната за дискриминација од причина што зададените ограничувања не смеат de facto да дискриминираат одредена група на граѓани од која било причина.

Прогласувањето на вонредната состојба беше прв чекор кон ограничување на човековите права проследено со воведување на уште повеќе рестриктивни мерки со кои се ограничува слободата на движење во вид на мерки за изолација и карантини со цел да се заштити јавното здравје. Имајќи ја законската основа за прогласување на вонредна состојба, државите во Европа се повикаа на членот 15 од ЕКЧП и ја активираа дерогацијата од човековите права во услови на вонредна состојба кога е загрозен животот на нацијата. Државите од Западен Балкан покрај тоа што го ограничија движењето на сопствените граѓани, дополнително воведоа и карантини за одредени групи на граѓани. Оваа мерка наиде на контроверзии, особено од правен аспект, па оттаму овие мерки се најдоа и пред уставните судови. Уставниот суд на Босна и Херцеговина беше првиот во регионот којшто донесе Одлука АП-1217/20  со која утврди дека не постои пропорционалност во наметнатата мерка за граѓаните под 18 години, како и оние над 65 години на кои им беше забрането движењето. Воедно, Уставниот суд потенцира дека со ваквата мерка на Федералниот штаб за цивилна заштита се врши дискриминација и притоа наметнатите обврски не биле временски ограничени, ниту повторно биле ревидирани, па оттаму се прекршуваат човековите права на овие групи на граѓани.

Реперкусии врз слободата на движење во Северна Македонија

Следејќи ги состојбите предизвикани од Корона вирусот како и методите на останатите држави во справување со пандемијата, претседателот на Северна Македонија на 17 март прогласи вонредна состојба на територијата на државата. Уставот на Република Северна Македонија во член 125 предвидува дека вонредна состојба настанува во услови на големи природни непогоди и епидемии при што постоењето на вонредна состојба на територијата на Републиката или нејзин дел ја утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници и истата има важност од најмногу 30 дена. Понатаму, членот 126 утврдува дека во услови на вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила. На овој начин всушност привремено се отстапува од поделбата на власта на законодавна, извршна и судска при што во вакви непредвидени ситуации целата моќ на одлучување е концентрирана во извршната власт т.е. во Владата.

Последователен чекор во справување со пандемијата е ограничување на човековите права со цел да се заштити јавното здравје, па оттаму на 2 април 2020, Советот на Европа преку note verbale беше известен дека државата го активира членот 15 од ЕКЧП, односно се повикува на дерогација од човековите права и фундаментални слободи за време на КОВИД-19.

Клучни компоненти на кои треба да се посвети сериозно внимание е законската уреденост на вонредната состојба. Во нашата држава таа е предвидена во Уставот во отсуство на посебен закон кој ќе ја уредува вонредната состојба, постапката, надлежностите, последиците и слично. Во конретниов случај постои дилема дали навистина имаше оправданост во ограничување на слободата на движење на лицата помлади од 18 години и постари од 65 години кои можеа да се движат во точно определени часови од денот. Ако се има предвид константната висока бројка на заразени со КОВИД-19 во државата, се добива впечаток дека реализираната мерка во ограничување на движењето на одредени група на граѓани е неефективна и дискриминаторска и воедно не ја постигна целта поради која беше воведена. Од тие причини Уставниот суд на 14 мај 2020 година поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија коишто биле преземени врз основа на предметната одлука.

Во контекст на погоре наведеното, останува да видиме како Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе цени дали и кои човекови права биле прекршени за време на пандемијата. Сепак, неспорно е дека треба да се воспостави баланс меѓу заштитата на колективното здравје и почитувањето на човековите права. Остварувањето на едно право не треба да биде на сметка на повреда на некое друго човеково право.

Објавено на 04.09.2020 година

project-img project-img project-img