news-bg

Новости

Проект:

Што е бесплатна правна помош?

Бесплатна правна помош е правна помош одобрена и финансирана од страна на државата на начин и под услови кои се утврдени со Законот за бесплатна правна помош. Бесплатната правна помош може да се даде во два облици и тоа:

  1. Примарна правна помош – која ја обезбедува Министерството за правда, овластени здруженија и правни клиники и
  2. Секундарна правна помош – која ја обезбедуваат адвокати кои се запишани во регистарот на адвокати за секундарна правна помош

Примарната правна помош опфаќа:
- иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош,
- општа правна информација,
- општ правен совет,
- помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош,
- помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство; постапка за упис во матична книга на родени; стекнување со документи за лична идентификација и државјанство,
- составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Секундарна правна помош се одобрува на лице кое има потреба од стручна правна помош од адвокат за конкретна правна работа, кое не е во можност да ги плати трошоците на постапката заради неговата финансиска состојба и чие барање е оправдано. Секундарна правна помош опфаќа застапување во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна како и ослободување од трошоците согласно Законот за бесплатна правна помош.

Бесплатна правна помош се одобрува само за определени видови правни прашања кои се од особен интерес на барателот и кои најдиректно ја засегаат неговата материјална егзистенција како на пример:
- Права од социјално, пензиско, инвалидско и здравствено осигурување при што во овој дел влегува остварување на социјална и постојана парична помош, останатите права од социјалната заштита, старосна, семејна и инвалидска пензија, остварување права од здраственото осигурување.
- Права кои произлегуваат од работен однос како на пример засновање и престанок на работен однос, исплаќање на придонеси и други права.
- Права за жртви на семејно насилство кои опфаќаат развод на брак, определување на издршка како и иницирање на кривична постапка.
- Заштита на деца и малолетници која заштита опфаќа определување на издршка за детето, детски додаток и сл.
- Имотно правни прашања кои се однесуваат на заштита и остварување на правото на сопственост.
- Други повреди на одредени права на жртви на трговија со луѓе и баратели  на азил.


Дали можам да добијам бесплатна правна помош од Институтот за човекови права?

Да, Институтот за човекови права обезбедува примарна правна помош. Доколку ви е повредено одредено човеково право Ве молиме контактирајте не преку маил адресата ihr@ihr.org.mk или на нашата Facebook страна.