news-bg

Новости

Проект:
ПРАВЕН ДИЈАЛОГ

ПРАВЕН ДИЈАЛОГ БР.23

„Правен дијалог“, од број во број е сé поинтересен за авторите кои сакаат да објавуваат свои текстови, од една страна, а авторите, кои се сé побројни, нудат навистина интересни и квалитетни текстови од сферите на нивната научна и стручна преокупација. 

Овој број е карактеристичен по шареноликоста на темите и пристапите кои се предмет на опсервација, но и по професионалниот профил на авторите, меѓу кои има универзитетски професори, доценти и научен подмладок од додипломските, постдипломските и докторските студии, афирмирани активисти од невладините организации и експерти од правната фела. 

Нормално, поради карактерот на списанието, доминираат текстовите од сферата на човековите права, состојбите со спроведувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права и следењето и имплементацијата на практиката и пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на националните судови. 

Во ерата на пандемијата на Ковид-19, иако таа полека стивнува, обработени и анализирани се некои аспекти на националните политики за справување со епидемија со големи размери кога многу земји во светот, во регионот, како и во нашата земја, прогласуваа вонредна состојба, при што владите донесуваа мерки кои беа на работ или нарушуваа одделни уставно загарантирани човекови права, посебно на најранливите категории – што претставуваше избор меѓу поголемото и помалото зло – секако со ограничено временско траење.

 Се надеваме дека содржините во овој број ќе го привлечат Вашето внимание, почитувани читатели, а со тоа ќе Ве мотивираат и Вие, во рамките на Вашите лични научни и стручни преокупации, да се појавите со текст во некој од наредните броеви.

Со голема жал соопштуваме дека неодамна почина Коста Петровски, истакнат правник, кој целиот работен век до пензионирањето го помина во обвинителството, искачувајќи ги сите скалила, од најниските до највисоките – од заменик јавен обвинител на Општинското јавно обвинителство Скопје до обвинител во републичкото Јавно обвинителство, член на Советот на јавни обвинители и основач на Здружението на јавните обвинители. Коста Петровски беше член на Управниот одбор на Институтот за човекови права и член на Редакцискиот одбор на списанието „Правен дијалог“. Со смртта на Петровски правната фела во Република Северна Македонија, Институтот за човекови права и списанието „Правен дијалог“ загубија исклучително мудар и искусен правник, целосно посветен на својата професија и голем борец за заштита на човековите права.

Новиот број прочитајте го тука.

project-img