Во рамките на проектот „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството”, како една од активностите кои ќе придонесат кон реализација на општата цел е формирање на Советодавна работна група од претставнци на здруженија на граѓани и професионални здруженија кои работат во областа на судството.
Главна задача на Советодавната работна група ќе е континуирано следење на достигнувањата во судството, предлагајќи препораки и насоки за времена политика. Активностите на Советодавната работна група ќе бидат насочени кон овозможување на одржливо учество на граѓанските организации во судските реформи преку ефективна соработка и проценка на перформансите на судството.
Групата ја сочинуваат десет претставници на организации кои партнерите во координација со соработниците ги избраа здруженијата на граѓани според нивната работа и нивното влијание и ги детектираа здруженијата кои имаат особен придонес во областа на судството.
Советодавната работна група е составена од Институтот за човекови права како носител на проектот, како партнерска организација, Здружението на судии и Здружението на судска администрација, Македонското здружение на млади правници, Центарот за управување со промени, Институтот за европски политики, Коалиција Сите за правично судење, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Адвокатска комора на РСМ. Секоја од 10-те избрани граѓански организации номинираше еден претставник за да биде дел од Советодавната работна група. Групата ќе се состанува секои 4 месеци и ќе известува за следењата, напредокот и промените во областа на правосудството.
Советодавната работна група го имаше првиот состанок на 15.4.2019 година во Јавна соба. На состанокот накратко беше презентиран проектот, беше дефиниран начинот на работа на Советодавната работна група и беше презентирана нацрт Методологијата за следење на промените во законодавството и нивното влијание во судството од страна на еден од двајцата автори адвокат Александар Гоџо.
Методологијата ќе биде користена за системски пристап и за структурен мониторинг за проценка на новите законски измени и нивно директно влијание врз судските остварувања. Водена од методологијата групата ќе ги следи судските реформи, правната рамка и нејзината практична имплементација и ќе известува за набљудувањата.