news-bg

Новости

Проект:

Човекови права во време на КОВИД- 19


КОВИД – 19 и човековите права

Во овие невообичаени времиња важно е да се потсетиме дека законите за човековите права сè уште важат и навистина можат да ни помогнат во заедничкото надминување на оваа пандемија. Начинот на кој владите ќе решат да одговорат на КОВИД – 19 ќе влијае врз нашите човековите права.

Подолу е опфатен краток преглед на кој начин човековите права можат да не заштитат и кои се обврските на владите на кои треба да внимаваат при справувањето со оваа пандемија.


Право на здравје

Повеќето од владите имаат ратификувано барем една спогодба во врска со човековите права, а која бара од нив да го гарантираат правото на здравје. Ова право меѓу другото подразбира дека владата има обврска да ги преземе сите потребни чекори за превенција, третман и контрола на болести. Во случај на пандемија тоа значи обезбедување и осигурување на превентивна нега, добра и услуги кои ќе бидат достапни на сите.

Во Хонгконг, едно од првите места кое беше погодено од КОВИД – 19, локална невладина организација забележа дека речиси 70% од семејствата со низок приход не можеле да си дозволат да ја набават заштитната опрема препорачана од владата која вклучува маски и средства за дезинфекција. Доколку владите ги одобруваат овие средства за заштита, тие треба да овозможат истите да бидат достапни за сите.


Пристап до информации

Пристапот до информации е клучен аспект кој го овозможува правото на здравје, но веќе имаме примери од држави кои го занемаруваат ова право.

Во декември 2019 година, доктори во Вухан, Кина (каде што за прв пат беше забележан вирусот), со колегите ги споделиле своите стравови за пациенти со респираторни симптоми. Но по оваа случка, тие веднаш биле замолчени и укорени од локалните власти за „ширење на гласини“.

Сите имаат право да бидат информирани за опасноста по нивното здравје која може да биде предизвикана од КОВИД – 19.

Во одредени региони, властите наредиле постојана рестрикција на интернет услугите, независно од растечкиот број на случаи заразени со вирусот. Ова значително им го отежнува на луѓето пристапот до клучни информации за распространетоста и ширењето на вирусот, но и за тоа како може да се заштитат.

Сите имаат право да бидат информирани за опасноста по нивното здравје која може да биде предизвикана од КОВИД – 19, мерките за ублажување на ризиците и информациите за тековните напори за справување со него.  Неисполнувањето и неможноста за гарантирање на ова право ја поткопува реакцијата на јавното здравство и го става во опасност здравјето на сите.


Права на работа и од работа

Пандемијата има диспропорционално влијание на луѓето кои имаат несигурни работни места, освен на нив таа има огромно влијание и на економијата.  Кај работниците мигранти, работниците кои се дел од таканаречената „тезгарска“ економија[1]  и луѓето кои дел од неформалниот сектор постои голема веројатност дека оваа пандемија негативно ќе влијае на нивните права на работа и од работниот однос.

Владите мораат на сите да им обезбедат пристап до социјално осигурување – вклучувајќи платено отсуство во случај на болест, здравствено осигурување и родителско отсуство – во оние случаи во кои работниците не се во можност да работат поради вирусот. Оваа мерка исто така е клучна за придржување кон мерките за јавно здравје кои се поставени од владите.

Здравствените работници се наоѓаат во првите борбени редови на оваа пандемија, работејќи без престан. Поради ова владите имаат обврска да ги заштитат, а тоа вклучува соодветна и квалитетна заштитна опрема, навремени информации и да овозможат психо-социолошка поддршка на здравствените работници. На работници кои имаат висок ризик на изложеност, на пример чуварите во затворите, исто така треба да им се обезбеди соодветна опрема.


Нееднакво влијание на одредени групи

Секој може да се зарази со КОВИД – 19, но врз одредени групи ризикот е поголем. Овие групи вклучуваат постари луѓе и луѓе кои имаат веќе постоечки медицински состојби. Многу веројатно е дека и маргинализираните групи, вклучувајќи ги луѓето кои живеат во сиромаштија, луѓето со попреченост, мигрантите и барателите на азил ќе се соочат со предизвици за заштита или пак пристап до третман.

Само-изолирањето е потешко за бездомниците, освен тоа постојат луѓе кои немаат соодветен пристап до средства за хигиена што ги изложува нив на поголем ризик од заразување со вирусот.

Кога се подготвуваат мерките за справување со КОВИД – 19 државите треба да бидат сигурни дека потребите на специфични групи се целосно задоволени.


Стигма и дискриминација

Оваа криза треба да се не соедини, не да не раздели.

Медиумите известуваат дека луѓето од Вухан се соочиле со дискриминација и вознемирување. Им бил забранет излез од своите станови, личните информации им биле објавени на интернет и биле одбиени од хотели. Во други земји пак се појавува азиска ксенофобија.

Додека трае оваа криза, владите мора да делуваат во насока на заштита на сите луѓе и да се сигурни дека сите имаат пристап до нега и сигурноста, ослободени од каква било дискриминација.

Единствениот начин на кој светот може да се бори со оваа појава е со прекугранична солидарност и соработка.


Извор:

https://www.amnesty.org/en/latest/news/2020/03/coronavirus-how-human-rights-help-protect-us/ 

[1] “gig” economy