Во септември 2015 година ОН ја усвои Агендата за одржлив развој 2030 која има амбициозна цел да создаде праведен и инклузивен свет, ослободен од страв и насилство и каде се почитуваат човековите права. Работејќи кон одржлив економски развој, социјален развој и заштита на природата, Агендата 2030 тежнее кон инвестирање во децата и младите и создавање на соодветно опкружување каде тие ќе можат целосно да ги остварат своите можности и права. Меѓу целите на агендата, родовата еднаквост и квалитетното образование ги заземаат едни од најважните места. Овие прашања се третираат како интерсекциски проблеми, за чие справување се предвидени повеќе цели и индикатори.
Поконкретно, Цел 4 е посветена на обезбедување инклузивно, правично и квалитетно образование и го акцентира значењето на познавањето на човековите права, ја промовира културата на мир и ненасилство, безбедноста на децата, инклузивни и родово сензитивни училишта и околина која овозможува ефективно и квалитетно учење.
Квалитетното образование е клучно за развој на децата и општеството и придонесува за успешна и продуктивна иднина. Кога децата имаат пристап до квалитетно образование базирано на човекови права и родова еднаквост, се создава позитивен ефект на бран од можности за идните генерации.
Намалувањето на родовите стереотипи е движечкиот приоритет на проектот и претставува заложба на Институтот за човекови права за создавање на безбедни и современи училишта, како и наставен кадар и служби. Со тоа даваме активен придонес кон постигнување на глобалните цели за одржлив развој до 2030 година.