news-bg

Новости

Проект:
ПРИСТАП ДО ПРАВДА ЗА СИТЕ

Конференција „Пристап до правда“

На 15.12.2025 година, Институтот за човекови права, заедно со Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН, организираше конференција на тема пристап до правда.

Пристапот до правда како основно право, освен што ја опфаќа можноста за пристап до суд и до други правни средства, опфаќа и пристап до квази-судски и независни тела, како и добивање правна помош. Ова право подразбира и обезбедување суштинска и процедурална правичност, ефективни и спроведливи правни средства, како и резултати што се правични, недискриминаторни и усогласени со меѓународните стандарди за човекови права.

За да биде пристапот до правда остварлив и еднаков за сите, потребно е повеќе од само постоење закони. Потребен е функционален систем кој опфаќа достапни институции, ефикасни и навремени постапки, квалитетна правна помош и застапување, јасни информации и свесност за правата, исполнување на обврските од страна на институциите, спроведливи пресуди и ефективен надзор од страна на парламентот и граѓанското општество.

Целта на конференцијата беше да се поттикне структурирана и инклузивна дискусија меѓу граѓанското општество, судството и извршната власт за пречките, добрите практики и применливите решенија со кои ќе се унапреди правичен, ефективен и недискриминаторски пристап до правда за сите, особено за маргинализираните групи, во согласност со препораките на механизмите на ОН и Европската унија.

Беа презентирани и наодите од анкетното истражување спроведено од Институтот за човекови права во рамки на програмата „Пристап до правда за сите“, финансиски поддржана од Европската Унија. Анкетното истражување имаше за цел да ја испита информираноста, искуствата и перцепциите на граѓаните во однос на пристапот до правда. Резултатите од истражувањето се достапни на нашата веб-страница.

На конференцијата присуствуваа претставници на националните институции, Основни судови, Управен суд, Јавно обвинителство, Собрание, Народен правобранител, Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Судски совет на РСМ, Академија за судии и јавни обвинители, Граѓански организации, вклучително и локални организации, организации кои работат со Роми, лица со попреченост, жртви на насилство и други.

project-img project-img project-img