news-bg

Новости

Проект:
ПРИСТАПОТ ЗАСНОВАН НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-19 КРИЗАТА

ВТОР МОНИТОРИНГ ИЗВЕШТАЈ ЗА ПЗЧП И РЕСТРИКЦИИТЕ ШТО ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД КОВИД-19 КРИЗАТА

Здравствените политики што се применуваат за време на актуелнава пандемија предизвикана од Ковид-19, потребно е да бидат сразмерни, оправдани и донесени врз основа на претходни истражувања и подготвени стратегии.

Резултатите од спроведениот скрининг на населението, со цел проценка на имунитетот, како и скринингот во основните училишта, треба да бидат основа за изготвување опсежни анализи во однос на поттикнувањето на процесот кон вакцинација, но и да се даде детален приказ за процентот на позитивни случаи на Ковид-19 во основните училишта, како и на мерките за заштита кои би се презеле со цел спречување на трансмисијата на вирусот. Доколку се анализираат донесените мерки, може да се извлече констатација дека истите се неопходни и сразмерни. Сепак, при креирањето на политиките и при носењето одлуки, не се земаат предвид специфичните услови во кои се наоѓаат лицата со попреченост, жените, децата и особено жртвите на семејно и родово базирано насилство. Освен подготвените документи и анализи на граѓанските организации, кои се однесуваат на справување со здравствената криза, од аспект на маргинализирани групи граѓани, лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, Владата или пак Министерството за здравство генерално немаат подготвено анализи за влијанието на пандемијата врз здравствениот систем или пак врз одредени групи кои здравствено беа најзасегнати. Дополнително, се забележува отсуство на изготвени планови или програми кои ќе се однесуваат на намалување на негативните ефекти од Ковид-19 врз лицата со попреченост. 

Потребно е да се посвети поголемо внимание на примената на пристапот, заснован на човекови права, во однос на овие категории граѓани во реализацијата на правото на здравје и здравствена заштита, во услови на глобална пандемија, запазувајќи ги принципите на транспарентност, отчетност, недискриминација и учество. Целите во Стартегијата за здравство на Република Северна Македонија, за периодот од 2021 до 2030 година, кои се однесуваат на проценката на потребата за какви било конкретни планови и услуги за справување со долгорочните ефекти и последиците кај пациентите од „долгорочен“ Ковид-19, како и проценката на нивото на планирање, поготовка и финансирање на „резерва” за потенцијална идна пандемија, потребно е да се изготват што е можно поскоро. Ова со цел да не се повторуваат грешките од минатото, но и здравството да биде подготвено ефективно да делува во случај на идна пандемија.


Целосниот мониторинг извештај на македонски е достапен тука.

Целосниот мониторинг извештај на албански е достапен тука.