Ветингот како процес на проверка во вршење на функцијата претставува систем на институционализирани проверки на вршителите на јавните функции со цел проценка на соодветноста на нивната работна позиција, поведение и интегритет vis a vis функцијата која ја извршуваат или треба да ја извршуваат.
Самиот поим „ветинг“ значи внимателно проверување или испитување на појава, предмет или лице за да се утврди неговата прифатливост и подобност. Во принцип, ветингот како проверка треба да ја процени индивидуалната одговорност, интегритетот на поединецот и инволвираноста во претходни злоупотреби, односно да ја процени подобноста и соодветноста за вршење јавна служба, наместо санкционирање за минати дејствија при вршењето на јавната функција. Целта на овој механизам е да овозможи индивидуален и институционален интегритет и кредибилитет, но и да ги елиминира потенцијалните можности и фактори од разни облици на незаконито дејствување при вршењето на јавната функција.