news-bg

Новости

Проект:
ЗГОЛЕМЕН ЈАВЕН НАДЗОР НАД РАБОТЕЊЕТО НА СУДСКИОТ СОВЕТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Резиме од мониторингот на седницата на Судскиот совет на РМ - 3 јули 2017 година

На 3 јули 2017 година Судскиот совет го усвои Годишниот извештај за работа на ССРМ за 2016 година. За разлика од минатата година кога не беше прифатен ниеден конструктивен предлог кој беше даден за дополнување на Извештајот за работа на ССРМ за 2015 година, членовите на Судскиот совет на оваа седница, едногласно ги прифатија сите предлози за дополнување на извештајот, а кои се однесува на активности кои се дел од надлежностите на ССРМ, но не се наброени како елементи кои треба да ги содржи самиот извештај.[1]

Дадените предлози кои квалитетно ја збогатуваат содржината на извештајот се усвоија како интегрален дел од Извештајот за работа на ССРМ за 2016 година кој ќе биде објавен на веб страната и доставен до Собранието за разгледување и усвојување. Истовремено Извештајот ќе биде доставен и до сите судови во РМ согласно законските одредби.

На оваа седница при изборот на претседатели на судови исто така за разлика од претходните избори на претседатели се прочитаа биографиите за секој кандидат посебно, потоа членовите на ССРМ дадоа и коментари по однос на пријавените кандидати за претседатели. За разлика од досегашната пракса, кога беа кажувани бројот на освоените бодови од оценувањето на судиите за 2015/2016 година, на оваа седница имаше и квалитативно преставување на кандидатите. Беше усвоена прво ранг листата за секое претседателско место, а потоа врз основа на освоените бодови, кандидатот кој има најголем број на бодови добиени при последното оценување, се предложи да биде избран за претседател на суд. Во сите случаи ССРМ го предложи и избра кандидатот кој има најголем број на бодови, без разлика на големината на судискиот стаж на кандидатите, придржувајки се исклучиво до законските критериуми.


[1] член 135 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 69/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015 и 61/2015).