news-bg

Новости

Проект:
ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА СИТЕ

Развој на системи за итна медицинска помош: пристап заснован на човекови права

Вовед

Итната медицинска помош е здравствена услуга којашто ги вкрстува традиционалните дисциплини фокусирани на болести и обезбедува брза интервенција за итни случаи специфични за одредени болести, вклучувајќи компликации поврзани со бременост, заразни и незаразни болести и повреди. Здравствените системи во многу земји честопати се фрагментирани и се состојат од програми со тесен фокус на помош специфична за одредена болест. Меѓутоа, добро организираната итна медицинска помош соодветно распределена низ целата земја овозможува навремена координација на услугите и ресурсите, како и оптимална ефикасност и делотворност во лекувањето на низа акутни состојби, од вон-болничка нега на местото на повредата или болеста до третман и стабилизација во ургентниот центар и рана оперативна и интензивна нега. Впрочем, системите за итна медицинска помош се однесуваат на најмалку 12 точки од целите за одржлив развој (SDGs; точки 3.1-3.9, 3д, 11.5 и 16.1) и се особено релевантни за универзалната здравствена заштита.

Овие тврдења за ефектот на системите за итна медицинска помош се важни, но подеднакво е важен и аргументот за пристап до итна медицинска помош заснован на човековите права. Пристапот заснован на човековите права, кон достапноста на итна медицинска помош, може да обезбеди и правна и морална поддршка за напорите за застапување. Правната поддршка се потпира на сложена колекција на меѓународни договори, национални устави, домашни закони и судски пресуди кои се однесуваат на таканареченото право на здравје. Моралната поддршка е филозофски потешка за дефинирање, но сепак не помалку важна за креаторите на политиките и засегнатите страни на глобално ниво бидејќи ја заснова поддршката за човековите права на нашата заедничка хуманост, и покрај постоечките закони и договори.

Претходната употреба на пристапот заснован на човековите права кон здравствените услуги успешно ја промени глобалната здравствена политика, најзначајно во кампањата против вирусот кој предизвикува имунодефициенција кај човекот (ХИВ) и синдромот на стекната имунодефициенција (СИДА). Согледувајќи дека стигматизацијата на лицата дијагностицирани со ХИВ создава маргинализирана група со намален пристап до нега, лоши здравствени исходи и неконтролирано ширење на болести, креаторите на политиките беа принудени да обезбедат основни заштити на човековите права. Со овие заштити се подобри пристапот до здравствени услуги и лекови, се загарантира достапноста на превентивни мерки кај ранливите групи и се намалија дискриминаторските практики. Ваквите заштити придонесоа кон намалување на морбидитетот, морталитетот и пренесувањето на болести. Смртните случаи поврзани со СИДА се намалија за повеќе од 51% (0,94 милиони/1,9 милиони) од 2004 година, а новите ХИВ инфекции се намалија за 47% (1,8 милиони / 3,4 милиони) од 1996 година.

Фокусот на ранливите групи без соодветен пристап до нега и последователни лоши здравствени исходи има многу сличности со обезбедувањето на итна медицинска помош. Итни состојби, како што се трауматски повреди, несразмерно ги погодуваат луѓето во земјите во развој. Околу 90% од  случаите на смрт и инвалидитет од повреди се јавува во земјите во развој.9 Во многу делови на светот, ранливите или маргинализираните лица кои инаку не се во можност да пристапат до здравствена заштита, ќе бараат грижа за акутни состојби и за егзацербации на хронични заболувања преку нивните единствени расположливи средства за медицинска помош, а тоа се службите за итни случаи. Покрај тоа, итноста од перципираните итни состојби ги прави луѓето многу ранливи под финансиски притисок.

Ако итна медицинска помош се признае како човеково право и државите ги сфатат придружните обврски кои овие права ги создаваат за нив, станува јасно дека државата не може да ја исполни својата должност кон своите луѓе без стратешки развој на итна медицинска помош. Според тоа, план заснован на правото на итна медицинска помош мора: (i) да ја дефинира правната обврска за почитување, унапредување и заштита на универзалното право на итна помош; (ii) да постави приоритети за развој, засновани на човековите права, за системите за итна медицинска помош во земјите со ограничени ресурси; и (iii) да обезбеди инструмент за следење и процена на системите за итна медицинска помош кој би ги земал предвид човековите права.

Во оваа статија се проучуваат основните аргументи за пристап до итна медицинска помош, заснован на човекови права. Се разгледува еволуцијата и клучните компоненти на правото на здравје, се воведува план, заснован на човековите права, за основните обврски што сите земји мора да ги исполнат за да се гарантира правото на итна помош и се разгледуваат некои приоритети за постепено реализирање на сеопфатни системи за итна медицинска помош.

Право на здравје

Правото на највисок достапен стандард на здравје еволуираше од своето прво спомнување во при Светската здравствена организација (СЗО) во 1946 година. Две години подоцна, Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации стана првиот законски-обврзувачки договор во кој се воведе правото на здравје. Во него се вели: „Секој има право на животен стандард соодветен за здравјето и благосостојбата на нему и на неговото семејство“.

Ратификувањето на Универзалната декларација за човекови права го вметна за прв пат здравјето во контекстот на човековите права, но понуди малку насоки за тоа што претставува правото на здравје. Последователно, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Конвенцијата за правата на детето дополнително го кодифицираа правото на највисок достапен стандард на здравје. Меѓународниот пакт го изразува ова право во смисла на слободи (на пр. слобода од медицински експерименти без согласност) и права (на пр. пристап до основни лекови). Овие договори бараат нациите да ги почитуваат, унапредуваат и заштитат овие права. Сите земји имаат ратификувано барем еден обврзувачки договор што го гарантира правото на највисок достапен стандард на здравје. Меѓутоа, во 2008 година, помалку од една третина од земјите ширум светот кои ратификувале барем еден од овие договори го признаваа правото на здравје во нивните устави или национални статути, што е клучен чекор за целосна имплементација на ратификуваните договори. Студија, која го користеше Универзалниот периодичен преглед (2008–2012) на Советот за човекови права за следење на спроведувањето на ЦОД, забележа дека 9% (496/5390) од сите препораки за човекови права од прегледот се однесувале на здравствените системи и услуги, но имплементацијата на овие препораки била ниска: 21% (32/156) целосно спроведени и 41% (64/156) делумно спроведени.

Правото на итна медицинска помош

Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права го дефинираше правото на највисок достапен стандард на здравје, но не постави соодветни насоки за тоа  како да се промовира и заштити ова право. Како одговор, Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации го објави Општиот коментар бр. 14: Правото на највисок достапен стандард на здравје во 2000 година. Овој документ го операционализираше правото на здравје и го разјасни опсегот на обврските кои ова право ги создава за државите со воведување на шест основни обврски (наведени во следниот дел) и четири меѓусебно поврзани суштински елементи: достапност, пристапност, прифатливост и квалитет (Рамка 1).

Рамка 1. Суштински елементи на правото на здравје применети во контекстот на итна медицинска помош

Достапност

Дефиниција: Здравствените ресурси мора да бидат достапни во доволни количини во земјата за да можат се справат со потребите на населението, вклучувајќи обучен персонал, здравствени установи и основни лекови.

Примена во контекстот на итна медицинска помош: Достапноста на услуги за итна медицинска помош бара доволен број на служби за итни случаи, даватели на предболничка и болничка нега со посебна обука за итна помош, и неопходна опрема и лекови, меѓу другото.

Пристапност

Дефиниција: Здравствените установи, производи и услуги мора да бидат дистрибуирани на таков начин што би биле достапни на сите без дискриминација. Посебно внимание треба да се посвети на ранливите групи, географските региони кај што има недостиг на пристап до медицинска нега, како и трошоците кои произлегуваат од користење на здравствените производи и услуги.

Примена во контекстот на итна медицинска помош: Достапноста до итна медицинска помош зависи од координирани системи кои им овозможуваат на пациентите кои страдаат од акутна болест или повреда да пристигнат во установа која ги поседуваат потребните капацитети да го стабилизира пациентот или да му ја понуди потребната нега. За итната медицинска помош да биде достапна потребна е интеграција на системите за претхоспитализација и координирана мрежа за пренесување на пациентите од примарните здравствени установи во секундарните и терцијарните установи кога тоа е потребно. Особено внимание треба да се обрне на руралните области, областите во кои има недостиг на пристап до медицинска нега  и на заштита на ранливите групи (пр. малцинствата, домородните населенија, децата, бремените жени, бегалците и имигрантите) од дискриминација.

Прифатливост

Дефиниција: Здравствените установи и услуги треба да ја почитуваат медицинската етика, како и локалната култура.

Примена во контекстот на итна медицинска помош: Услугите за итна медицинска помош треба да бидат сензитивни на културата и да бидат усогласени со медицинската етика (пр. да се обезбеди третман на пациентот без оглед на можноста за плаќање). Оваа обврска бара отворен и транспарентен процес во обезбедувањето и подобрувањето на системите за итна медицинска помош, кои ги земаат предвид локалните обичаи и потреби со поттикнување на учеството на заедницата.

Квалитет

Дефиниција: Здравствените установи, производи и услуги мора да бидат научно и медицински соодветни и квалитетни.

Примена во контекстот на итна медицинска помош: Давање на итна медицинска помош со фокус на квалитет бара воспоставување на стандарди и практики кој се соодветни на расположливите ресурси, како и оценување на резултатите за да се обезбеди исполнување на квалитетот.

Иако не е законски обврзувачки, Општиот коментар бр. 14 е широко прифатен како авторитативен водич за толкување на правото на здравје. Бројни судски предмети кои се однесувале на правото на здравје биле успешно судени во националните судови користејќи го Општиот коментар бр. 14 како обичајна пракса, што може да се спроведе како закон. Други документи и резолуции, како што се SDGs, обезбедуваат практични цели за одредени теми во областа на правата, но тие не се ниту толку сеопфатни, ниту применливи како Општиот коментар бр. 14.

Применети во контекстот на итна медицинска помош, елементите на достапност, пристапност, прифатливост и квалитет ги истакнуваат релевантните функции на здравствен систем кои се од суштинско значење за системот за итна медицинска помош кој го почитува, унапредува и штити правото на здравје. Овие елементи не претставуваат исцрпна листа на сите функциите на еден целосен систем за итна медицинска помош, но се корисни за поставување приоритети за имплементација и финансирање.

Општиот коментар бр. 14 важи за земји на сите нивоа на економски развој. Концептите за достапност на ресурси и постепена реализација се централни за четирите суштински елементи. Овие принципи налагаат дека развиените земји со доволно ресурси се должни да обезбедат целосно остварување на правото на здравје, додека од земјите со ограничени ресурси не се очекува да го исполнат овој услов веднаш. За да не им се дозволи на земјите во развој да ги одложуваат своите обврски во однос на правото на здравје на неодредено време, принципот на постепена реализација значи дека сите земји се обврзани да се движат „што е можно побрзо и поефикасно кон можноста за целосна реализација на член 12“ од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права.

Основни обврски

Основните обврски наведени во Општиот коментар бр. 14 се клучни за правото на здравје и затоа мора да бидат гарантирани веднаш, без оглед на економскиот развој на една земја. Тие се важни исклучоци од принципите на достапност на ресурсите и постепена реализација. Четири од шесте основни обврски се однесуваат директно на давањето на итна медицинска помош: (i) пристап до здравствени установи, производи и услуги на недискриминаторска основа; (ii) обезбедување на основни лекови; (iii) правична распределба на сите здравствени установи, производи и услуги; и (iv) усвојување и спроведување на национална стратегија за јавно здравје и акциски план којшто се однесува на здравствените проблеми на целото население. Останатите две основни обврски се: (v) пристап до основна храна; и (vi) пристап до засолниште и јавна хигиена, но овие две не се однесуваат директно на итната медицинска помош.

Пристап

Државите имаат обврска да го обезбедат правото на пристап до здравствени установи, производи и услуги на недискриминаторска основа. Обврската за заштита од дискриминација е особено важна за ранливите или маргинализираните групи. Затоа, сите влади треба да создадат закони кои гарантираат пристап до услуги за итна медицинска помош за сите луѓе без оглед на нивната раса, етничка припадност, религија, статус на државјанство или можност за плаќање.

Основни лекови

Основни лекови се оние што „ги задоволуваат приоритетните здравствени потреби на населението“. Овие лекови треба да бидат достапни во доволни количини и со загарантиран квалитет во секое време. Должноста на владата да обезбеди пристап до основни лекови е веќе загарантирана во повеќе национални устави. Навремениот пристап до основни лекови за време на вонредна состојба е една од клучните функции на системите за итна медицинска помош.

Правична распределба

Сите земји се должни да обезбедат правична распределба на здравствени установи, производи и услуги. Во однос на системите за итна медицинска помош, за да се исполни оваа обврска, потребен е специфичен план кој правично би ги распределил специјализираните услуги низ земјата, би ги координирал мрежите за пренесување на пациентите од примарните здравствени установи во секундарните и терцијарните установи, и би ги распределил установите со обучен персонал во местата каде што населението има потреба од нив.

Истиот геопросторен пристап може да се користи и при правење на планови за кај да се постават установите за третирање на итни медицински случаи, како и при процена на моменталната распределба на медицинските установи за да се увиди дали има несогласување со потребите на населението. Меѓутоа, овој пристап не е многу корисен во случаите во кои не се знае кои се можностите на секоја установа да се справи со итни медицински случаи. Истражувачите истакнуваат дека и да има болницата во близина, тоа не гарантира пристап до итна медицинска помош, бидејќи на многу медицински установи во земјите во развој им недостасува обучен персонал и ресурси кои се неопходни за давање на квалитетна итна медицинска помош. Покрај тоа, маргинализираните групи, обично не се наоѓаат таму кај што населението е најгусто (на пр. во градовите). Пристап коишто првенствено ја разгледува густината на населението како индикатор за распределба на медицинските установи и услуги нема да успее да обезбеди соодветен, недискриминаторски пристап кои би ги земал предвид и ранливите групи.

Национална стратегија за јавно здравје

Националната стратегија за јавно здравје не може да биде целосна без систем за итна медицинска помош. Овие системи се важни не само за секојдневните потреби на јавното здравје, туку и за одржување на отпорни здравствени системи кои се способни да се справат со катастрофи, болести и други кризи. Процесот на изготвување и рафинирање на националната стратегија за јавно здравје мора да биде транспарентен и партиципативен за да се осигури соодветноста и квалитетот на самата стратегија, како што е наведено во Декларацијата на Алма Ата и Декларацијата на Оагагугу кои се однесуваат на системите за итна медицинска помош. Иако системите за итна медицинска помош се фокусирани на акутни состојби кои резултираат од несреќи или болести, овие системи се исто така важни за многу луѓе кои бараат медицинска помош, а кои потоа можат да бидат упатени на рехабилитација или на секундарно или терцијарно здравствено лекување.

Постепена реализација

Основните обврски се основата на системот за итна медицинска помош, заснован на човековите права, но постепената реализација е таа што го движи најголемиот дел од континуираниот развој и рафинирање на системот. Откако државите ќе ги исполнат основните обврски, тие мора да работат брзо и ефикасно кон целосно остварување на правото на итна медицинска помош. Како резултат на сложеноста на системите за итна медицинска помош, како и контекстуалните разлики помеѓу земјите и разликите во достапноста на ресурсите, не постои единствен пат за развој на вакви системи соодветен за сите земји. Сепак, четирите суштински елементи утврдени во Општиот коментар бр. 14 можат да помогнат за создавање приоритети на развој на секоја компонента на системот за итна медицинска помош. Навистина, 15 години по објавувањето на Општиот коментар бр. 14, правото на здравје е сè уште приоритет во „Агендата 2030” и целите за одржлив развој. Иако „Агендата 2030” не е обврзувачки документ за човекови права, точките на нејзините SDGs се засновани на човекови права и јасно ги промовираат принципите на еднаквост и недискриминација.

При давање итна медицинска помош надвор од болница, навремената помош на местото на повредата или болеста и брзиот транспорт до здравствена установа спасуваат животи. Првата медицинска помош надвор од болница е важна точка за пристап до системот за итна медицинска помош. Меѓутоа, вон болничките системи, кои ги вклучуваат обучените лица (на пр. болничарите) и амбулантните возила, што се вообичаени во развиените земјите, се премногу скапи за повеќето земји во развој.

Воедно за обезбедување на квалитетна итна медицинска помош потребна е здравствена работна сила со обука за итна медицинска помош.

Проценка на напредокот

Употребата на пристап заснован на човекови права не е важна само за време на развојот на системите за итна медицинска помош, туку и за оценувањето и подобрување на системот. Процената е од суштинско значење за да се осигури дека државите преземаат одговорност и ги исполнуваат своите обврски кои произлегуваат од човековите права. Процената треба да вклучува индикатори за здравје и човекови права кои им помагаат на владите и невладините актери да го измерат напредокот и да ги идентификуваат можностите за подобрување. Мониторингот на глобално ниво (на пр. Преку Универзалниот периодичен преглед) може да го следи напредокот и да овозможи планирање на постепена реализација на итна медицинска помош во државите.

Индикаторите за здравје и човекови права се најчесто или индикатори за здравје кои извлекуваат заклучоци за унапредување на човековите права, или индикатори за човекови права кои индиректно ги мерат здравствените исходи. Неодамна се појави хибрид од индикаторите за здравје и човекови права кој гледа дали постојат закони и прописи поврзани со здравјето, нивниот квалитет и нивната имплементација. Без оглед кој индикатор се користи, треба да се создадат специфични индикатори за унапредување и заштита на правото на итна медицинска помош од четирите суштински елементи. Посебно внимание треба да се посвети на квалитетот на дадената помош, заштитата на ранливите групи, вклученоста на заедницата, транспарентноста, методите за добивање податоци за индикаторите и наменетата употреба на резултатите за да се избегне ненамерно кршење на правата на одредени групи при процесот на процената на напредокот.

Заклучок

Итната медицинска помош е честопати занемарена, но е суштинска компонента на правото на највисок достапен стандард на здравје и универзалната здравствена заштита. Особено за ранливи и загрозени групи, итната медицинска помош е често последната шанса на здравствениот систем да спаси живот. Со оглед на обврската на владите да го почитуваат, унапредуваат и заштитуваат правото на највисок достапен стандард на здравје, земјите мора да дадат приоритет на финансирањето и имплементацијата на системите за итна  медицинска помош. Меѓународните организации, како што се Обединетите нации, Светската здравствена организација и Светската банка, треба да имаат задача да обезбедат техничко водство на државите за спроведување на план за итна медицинска помош, заснован на човекови права, и да ја проследат оваа задача со мониторинг и евалуација. Спроведувањето на план за итна медицинска помош, заснован на човекови права, бара од земјите да донесат закони кои обезбедуваат пристап до недискриминаторска итна медицинска помош и да формираат регулаторно тело со соодветен надзор и овластување за да ги извршува законите.

Сите земји, без оглед на нивните ресурси и економски развој, мора да започнат со исполнување на основните обврски. Откако ќе ги исполнат овие обврски, земјите треба да ги користат суштинските елементи од Општиот коментар бр. 14 за постепено да изградат сеопфатен систем за итна медицинска помош и континуирано да го оценуваат напредокот. Повикувањето на земјите да ги развиваат и подобруваат своите системи за итна медицинска помош е оправдано не само од позитивниот ефект кој итната медицинска помош ќе го има врз благосостојбата на населението, туку и од обврската за почитување, унапредување и заштита на правото на највисок достапен стандард на здравје. Ние тврдиме дека оваа обврска не може да се исполни без пристап за обезбедување на квалитетна итна медицинска помош, заснован на човековите права.

Извор: Светска Здравствена Организација, Developing emergency care systems: a human rights-based approach, Taylor W Burkholder a, Kimberly Hill b & Emilie J Calvello Hynes.

Достапно на: https://www.who.int/bulletin/volumes/97/9/18-226605/en/