news-bg

Новости

Проект:
АКЦИЈА ЗА ПОГОЛЕМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ОТЧЕТНОСТ И ЕФЕКТИВНОСТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ НА РСМ

Дали новите реформи ќе ги решат старите предизвици во судството? - Експертска дебата

Институтот за човекови права одржа дебата на Правниот факултет во Битола на ден 17.11.2019 година на која се дебатираше за измените на Законот за Судски совет и Законот за судови како и предизвиците со кои се соочува судството. Дали т.н. „ветинг“ во судството ќе ги реши или ќе ги продлабочи проблемите, како да се врати довербата на граѓаните во судството и како да се зајакне улогата која Судскиот совет ја има во однос на обезбедување на независноста на судството.

 

Деканот на Правниот факултет Битола, Горан Илиќ се осврна на ветингот и значењето на судската пракса. Имено според деканот, ветингот не е потребен само во судството туку и во другите сфери на општествениот живот. Во секој случај доколку стане збор за ветинг во судството, постои опасност истиот да се користи како средство за реваншизам со неистомислениците. Станува збор за политичка волја и неопходност. Еден од начините да се обезбеди интегритет на судиите е преку зголемена автономизираност на судовите можени преку ориентација кон common law системот, секако не целосна, но до тој степен каде судската пракса ќе се цени како извор на правото. Во таа насока, на факултетите би требало да се изучува судската пракса, преку прифаќање на case-law може да се овозможи поголема автономија на судиите.

Членот на Судскиот Совет Сашко Георгиев се осврна на придобивките од новите закони и тоа Законот за судови и Законот за Судски совет како и дека постои подобрена транспарентност на судскиот совет во споредна со претходните години. Воедно, го искажа и својот став околу изборот на новиот член на Судски совет – стручен соработник во Кривичниот суд како и на небулозата дека стручните соработници во судовите не можат да бидат избрани за судии доколку не посетуваат Академија за судии и јавни обвинители, но без никави потешкотија можат да бидат избрани за членови на Судски совет.

Претставник од Здружението на судии, судијата Лазар Нанев ја поздрави посветеноста на Судскиот совет за поголемата отвореност кон јавноста на кој начин овозможува независно и непристрасно судство. Истакна дека Здружението на судии не е против и не бега од процесот на проверка на работата на судиите, но не во форма на ветинг. Според него многу е битно да се почитува и одржува интегритетот на судиите за што и самите судии треба да се заложат. Го посочи фактот дека во иднина платите на судиите ќе се зголемат за 20%.

Судија Маргарита Цаца Николовска се осврна на Кодексот на Здружението на судии. Во однос на ветингот истакна дека не го практикува тој израз затоа што е погрешен и дека во судството единствено може да стане збор за прочистување кое е потребно. Меѓународната заедница преку извештаите за напредок кои ги изготвува за државава ги детектира проблемите во судството. Покрај тоа мора да се разрешат и проблемите со лустрацијата – односно да се санираат последиците од завршените постапки како и за оние постапки кои сè уште не се завршени. Постои потреба од инволвираност на меѓународен сегмент (некаков мониторинг кој ќе укаже дали има основ за поведување постапки за лицата кои не ја обавуваат судската функција како што треба.)

Беа истакнати извештаите на Институтот за човекови права и препораките за подобрување на работата на Судскиот совет.

Дискусија после завршување на говорниците:

Адвокат се осврна на член 359-а од Кривичниот Законик како и на прашањето која е законски уредена постапка дека одредено лице се стекнало со противправна имотна корист? Дали ветингот ќе се смета за законски уредена постапка? Проблеми постојат и поради фактот што нема конзистентна судска пракса.

Судијата во Апелационен суд Битола истакна дека недостасува судска пракса како и фактот дека Врховниот суд потфрлил во својата работа. Начелните ставови и мислења на Врховниот суд ги снема. Судскиот совет не е тој што треба да ја цени стручноста на судиите, тоа е работа и обврска на Врховниот суд. Постојат многу ситуации во кои четирите Апелациони судови носат заклучоци кои се спротивставени, но имаат потреба од мислења и ставови на Врховниот суд. Судијата истакна дека судската пракса е многу важна и за враќање на довербата на граѓаните во судството.

Претседателката на Апелационен суд Битола – истакна дека претседателите на судовите даваат месечен извештај за работењето и функционирањето на судовите и дека членовите на Судскиот совет вршат контрола на АКМИС системот. 

Заклучоците и препораките истакнати од судии, професори и стручни соработници присутни на дебатата ќе служат за понатамошно застапување за зголемена транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет.

 

Настанот е дел од проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет“, поддржан од Британската амбасада.

project-img project-img