news-bg

Новости

Проект:

16 дена активизам против родово базирано насилство 2022

16 дена активизам против родово базирано насилство е меѓународна кампања која започнува на 25 ноември (Меѓународниот ден за елиминација на насилствата врз жените) и трае до 10 декември (Денот на човековите права). [1] Оваа кампања е започната од генералниот секретар на ОН во 2008 година со цел да се стави крај на насилството врз жените. 

Секоја година, оваа кампања има специфична тема. Темата за оваа година е „ОБИДЕНЕТЕ СЕ! Активизам за ставање крај на насилството врз жените и девојките”. Кампањата е поддржана преку 5 милиони акции во партнерство со над 900 граѓански организации на глобално нива. Европската унија, како и 63 земји се приклучија на иницијативата, објавувајќи конкретни мерки за справување и спречување на насилството врз жените и девојчињата. Мерките се однесуваат на донесување или подобрување на закони, ратификување меѓународни конвенции, започнување кампањи за подигање на јавната свест, обезбедување на центри за згрижување или бесплатни телефонски линии и бесплатна правна помош за жртвите на родово и семејно насилство, и поддршка на образовни програми за родовите стереотипи и насилство. Секако, дел од оваа кампања се и организации од Р. С. Македонија кои се борат родово базирано насилство да биде тема на којашто сериозно и ефективно ќе се работи во понатамошните години. 

Секој читател ќе се запраша зошто е толку значајно да се зборува на тема родово базирано насилство и зошто токму мене би ме интересирала оваа тема. Самото тоа што имаме мајка, сестра, девојка или пријателка коишто можат да бидат жртви на родово базирано насилство, претставува поттик оваа тема да се продискутира и потенцира.

Состојбата со родово базираното насилство во последните 5 години во Р.С. Македонија е поразителна. Според анализите и достапните статистички податоци, 54% од жените во РСМ доживеале некаков облик на насилство ( психолошко насилство (33%), сексуално/физичко насилство (14%) и демнење (7%)). [2] Главните сторители на родово базирано насилство во најголем број случаи се токму мажите. Ова особено може да се увиди од статистичките податоци дадени од страна на судовите и јавното обвинителство кои укажуваат на тоа дека мажите се јавуваат како сторители дури во 92% од кривичните постапки, 91% во предметите застапувани пред јавното обвинителство и 90% во граѓанските постапки. 

Но, од друга страна, важно е и да се постави прашањето зашто толку мажите се најчести сторители на родово базирано насилство. Главниот причинител е токму сфаќањето за нормативната машкост, односно мажите да бидат “глава” во нуклеарното семејство, а платената работа сѐ уште да биде централниот извор на идентитет и статусот на мажите. Притисокот за исполнување на ова општествено очекувања може да се претвори во фрустрација поради неможноста да се исполнат пропишаните улоги, што исто така може да доведе до насилни однесувања. Според анализа направена од страна на ОБСЕ во 2019 година, жените чиј партнер е невработен имаат поголема веројатност да доживеат некој облик на насилство во споредба со оние чиј партнер е вработен. Најмногу обесхрабрува фактот што скоро девет од десет жени кои претрпеле насилство од сегашниот партнер не го пријавиле тоа во ниту една од надлежните институции или организација која обезбедува услуги. [3] Сите овие анализи и податоци се токму одговорите на поставените прашања на самиот почеток и затоа сега е моментот да се залагаме сите овие состојби во државата драстично да се променат.





 

1 UNWomen, https://www.unwomen.org/en/what-we-do/ending-violence-against-women/unite/16-days-of-activism?gclid=Cj0KCQiA1sucBhDgARIsAFoytUuZKH8S-Sdm0llL6x8eKdC3jy4fm7BbEWVGI3tnVJ-1xdXy3l8fA0EaAsgCEALw_wcB

2 Реактор, https://reactor.org.mk/publication-all/gender-based-violence-in-north-macedonia-a-status-quo-report/

3 Реактор, https://reactor.org.mk/publication-all/%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%be%d0%b2%d0%be-%d0%b1%d0%b0%d0%b7%d0%b8%d1%80%d0%b0%d0%bd%d0%be-%d0%bd%d0%b0%d1%81%d0%b8%d0%bb%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%bd%d0%b8-%d0%bc%d0%b5/


project-img