news-bg

Новости

Проект:
СЛЕДЕЊЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ АКТИВНОСТИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

Завршната конференција во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата”

На 29.09.2022 се одржа завршната конференција во рамките на проектот Следење на националните активности во борбата против корупцијата”, финансиски и стратешки поддржан од Американската амбасада во Скопје, а спроведен од Институтот за човекови права во Скопје.

На почетокот, поздравни обраќања имаа Маргарита Цаца Николовска (претседателка на Институтот за човекови права) и Chargé d’Affaires Ерик Мејер (Амбасадата на САД во Скопје). Понатаму се обратија Славица Грковска (Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење), која ги презентираше предизвиците во борбата против корупцијата при реализирање на мерките предвидени во Планот за добро владеење, и Агим Нухиу (Заменик министер за правда), кој ги презентирање заложбите на Министерството за правда во однос на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во периодот од 2023-2028.

Во првиот панел се обратија Билјана Ивановска (претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата) која се осврна на Годишниот извештај кој Комисијата го подготви од следење на имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси за 2021 година. Истакна дека постои голем проблем во несоодветното управување со државните ресурси и дека за жал корупцијата во нашата држава стана начин на живот и состојба на умот. Според неа, борбата против корупцијата е можна преку давање на личен пример и со јакнење на интегритетот на секој поединец. Не може да не се констатира и силно политичко влијание, проблем со владеење на правото, неконзистентност во законската регулатива, лошата комуникација со останатите институции и ниско ниво на интегритет кај човечкиот фактор. Потоа се обрати Вања Михајлова (експерт во областа на антикорупцијата) која ја презентираше Анализата на националните документи релевантни во борбата против корупцијата. Истакна дека корупцијата ги повредува човековите права, а колку таа е штетна говори и фактот дека на годишно ниво за поткуп се даваат 1.000.000 долари. 

Во вториот панел се обратија Кире Милоски (програмски координатор на ФООМ и претставник на Платформата на граѓански организации за борба против корупција) кој се осврна на активностите на Платформата во изминатиов период. Потенцираше дека последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава кажува дека Република Северна Македонија е умерено подготвена да го имплементира ЕУ acquis. Жалосно е што корупцијата е востановена во многу области, но дека граѓанското општество треба да претставува силен мотив за спречување на корупцијата. Фрапира податокот дека 53% од активности од Националната стратегија не се започнати воопшто со реализација. И Иван Тодоровски (експерт во областа на антикорупцијата) го презентираше е-курсот “Основи за борба против корупција во Република Северна Македонија”, кој е достапен на онлајн Академијата на Институтот за човекови права (https://ihracademy.org.mk/).

Генерален заклучок на говорниците и присутните е дека постои недоволна екипираност на државните институции клучни во борбата против корупцијата, но и недоволно соработка помеѓу истите.

project-img project-img project-img project-img project-img project-img project-img