news-bg

Новости

Проект:
НАМАЛУВАЊЕ НА РОДОВИТЕ СТЕРЕОТИПИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Завршна конференција и тркалезна маса во рамки на проектот „Намалување на родовите стереотипи во образованието“

На 15.12.2020 година, Институтот за човекови права одржа завршна конференција и тркалезна маса во рамки на проектот „Намалување на родовите стереотипи во образованието“ во Europe House. Во текот на овој настан беа презентирани наодите, постигнувањата и препораките кои беа изработени и произлегоа од проектните активности.

Конференцијата, со свои поздравни обраќања, ја отворија претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, Министерката за образование и наука, Мила Царовска, координаторот од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка Микаел Атерхог и Шерифе Исмаили Касапи, проектен менаџер во UNOPS Скопје. Во овие обраќања се потврди заложбата за системско решавање на прашањата за родовата еднаквост во образованието, во кое треба да бидат вклучени сите носители на одлуки и засегнати страни.

Потоа се обратија и Сузана Симоновска и Афердита Хаџијаха Имери кои ги презентираа Анализите за присуство на родови стереотипи во наставните материјали на македонски и албански наставен јазик. Наодите од овие анализи укажаа на потребата од примена на политики и стратегии со кои ќе се креираат родово сензитивни учебници и ќе биде интегриран концептот на родовата рамноправност.

Анализите се достапни тука на македонски и на албански јазик.

Деспина Стојановска и Ѓунер Небиу ги презентираа своите искуства од спроведените обуки со наставници, како и изработката на дигитален курс-обука за наставници кој ќе биде достапен на онлајн Академијата за човекови права на Институтот за човекови права. Курсот е наменет за наставници и стручен кадар и има за цел нивно воведување и запознавање со родово сензитивен пристап во училиштата. Со овој курс, наставниците и стручниот кадар ќе стекнат основни вештини за запознавање со родовите концепти, препознавање и справување со родовите стереотипи, родово базирана стигма и дискриминација во училиштето; родово сензитивен пристап кон предавањето и користењето на наставните материјали и препознавање на родово засновано насилство и постапување при родово базирани настани во училиштето.

Експертката Снежана Јанкуловска  го презентираше Прирачникот за наставници за примена на родова сензитивност во основното образование, кој е наменет да им служи на наставниците како работно помагало и негова цел е да придонесе во развојот на компетенциите на наставниците за промовирање на родовата еднаквост во училиштата. Преку прирачникот може да се добијат идеи, инспирација и практична помош за примена на иновативни и партиципативни педагошки приоди, со интегрирање на родови перспективи, коишто ќе придонесат учениците да развиваат знаења, вештини, вредности и ставови што промовираат родова еднаквост.

Прирачникот можете да го прочитате или симнете тука.

Завршната конференција беше организирана во рамки на проектот „Намалување на родовите стереотипи во образованието“, а поддржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), овозможен преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ имплементиран од УНОПС.

project-img project-img project-img project-img