news-bg

Новости

Проект:
АКЦИЈА ЗА ПОГОЛЕМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ОТЧЕТНОСТ И ЕФЕКТИВНОСТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ НА РСМ

Што се дебатираше на Правниот факултет во Штип?

Што се дебатираше на Правниот факултет во Штип?

Македонските судии од апелационото подрачје Штип, заедно со јавните обинители, студентите од Правниот Факултет во Штип и професорскиот кадар предводен од деканот Проф. Д-р. Јован Ананиев, како и Сашо Георгиев, член на Судскиот совет на РСМ од редот на судиите, беа активни учесници на дебатата „Дали новите реформи ќе ги решат старите предизвици во судството?“ организирана од Институтот за човекови права (ИЧП).

Дебатата траеше повеќе од три часа и се состоеше од два дела: (1) во првиот дел своите ставови ги искажаа воведничарите-панелисти, а (2) во вториот дел се разви дискусија од која произлегоа заклучоци и препораки.

 

  • ВО ПРВИОТ ДЕЛ ОД ДЕБАТАТА ВОВЕДНИАРИТЕ-ПАНЕЛИСТИ ГО ИСТАКНАА СЛЕДНОВО:

 

Проф.Д-р. Јован Ананиев истакна дека споредувајќи ги реформите во целиот државен систем низ последниве децениии vis-à-vis реформите во правосудниот систем, се забележува дека во поставеноста и функционирањето на законодавната власт (Собранието) и извршната власт (Владата и Претседателот на државата) нема некои значајни реформи, а во правосудниот систем тие се многу често во фокусот. Оттука, се поставува прашањето „Кој ќе ги чува чуварите?“ Професорот им порача на политичарите „да не мешаат прсти“ во овие системски закони и покрај тоа што тие се носат во Собранието со 2/3 мнозинство, туку да се остави на правните професионалци и експерти да дадат целосен придонес така што ќе се почитува нивното аргументирано образложение.

Коста Петровски, член на Управниот одбор на ИЧП, јавен обвинител и член на Советот на јавните обвинители во пензија, ја модерираше оваа дебата при што ги истакна постигнувањата кои се резултат на успешното спроведување на проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет на РСМ“ финансиски поддржан од Британската амбасада Скопје. Тој наведе дека многу од препораките на Институтот се прифатени и истите се дел од Законот за судовите и Предлог-Законот за Судскиот совет кои периодов беа и се во екот на законодавната процедура за нивно донесување или пак прогласување. Тој направи кратка, но суштинска компарација на Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители, кој на 5-ти март беше доставен до Собранието по скратена постапка, со Предлог-Законот за Судскиот совет, кој е исто така во собраниска процедура, но за неговото донесување се чека и официјално мислењето на Венецијанската комисија (н.з. кое подоцна се донесе на 18-ти март). Сумирано, неговото искажување беше дека во суштина одредбите за Советот на јавните обвинители се истоветни како одредбите за Судскиот совет со тоа што во Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители нема одредби кои би го регулирале оценувањето на јавните обвинители што најчесто се јавува како проблем во праксата во постапките за нивен избор и унапредување.

Сашо Георгиев, член на Судскиот совет од редот на судиите, истакна дека неодамна избраните членови, меѓу кои е и тој самиот, најнапред очекуваат многу добро работење од самите себеси, а со тоа и од целиот колективен состав на овој орган. Тој ги охрабри судиите отворено и јавно да укажуваат на проблемите за да може да се најдат соодветни решенија.

Судија Маргарита Цаца Николовска, претседателка на ИЧП, потенцираше дека проблемите нема да се решат со молчење или затскривање и ја истакна својата загриженост поради недоволната реакција од судиската фела низ годиниве во однос на многу прашања што токму ги засегаат судиите. Таа изрази задоволство што законските измени кои се предлагаат во последниве реформи почнаа да содржат решенија кои долго време ги застапуваше Институтот за човекови права. Една од значајните придобивки е пропишувањето одредби кои за прв пат предвидуваат индивидуална одговорност на членовите на Судскиот совет. Потоа судијката поттикна дискусија во однос на работењето на Судскиот совет vis-à-vis стандардот на објективна перцепција (objective appearance), а исто така таа цитираше и една од поновите пресуди на ЕСЧП во која е јасно предвидено дека постои „флагрантно прекршување на националното право“ и тоа во постапка по жалба судија кој во постапка за избор не бил избран за судија во повисок суд (Guðmundur Andri Ástráðsson v. Iceland).

Судија Вера Коцо, судија на Врховен суд во пензија и член на Управниот одбор на ИЧП, се фокусираше главно на наодите од кварталниот извештај на ИЧП за работата на Судскиот совет на крајот од минатата и почетокот на оваа година (може да го најдете на следниот линк). Судија Вера Коцо нагласи дека во работата на Судскиот совет има подобрување во однос на принципот на транспарентност, но сепак укажа и на проблемите во однос на недоволната ефективност во неговото работење и тоа во поглед на (не)изборот на судии во повисоките судови. Во оваа насока таа го истакна неколкумесечниот неизбор на судија за кривична област во Врховниот суд и покрај тоа што беше објавен огласот и беа пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите за оваа позиција. Наспроти тоа, тaa истакна дека е објавен оглас за двајца судии во Управниот суд и тоа непосредно пред да стапат на сила новите законски услови кои се значително построги, па се создава впечаток дека Судскиот совет во оваа постапка брза за да избере судии во Управниот суд по досегашните „полесни“ услови. Поради тоа, судијката обрна внимание дека е важно членовите на Судскиот совет да имаат предвид и како јавноста ќе го цени нивното работење и каква перцепција ќе се создаде за нивното работење од аспект на ефективноста.

 

ВО ВТОРИОТ ДЕЛ ОД ДЕБАТА ПО РАЗВИВАЊЕ НА ПЛОДНА ДИСКУСИЈА, СЕ ИЗВЛЕКОА СЛЕДНИВЕ ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ:

 

  • Присутните од ИЧП ја истакнаа заложбата на Институтот да се избираат најсоодветните кандидатии за судии, па од дискусијата произлезе дека согласно законската одредба која предвидува дека без оглед на рангирањето на кандидатите, ќе биде избран оној кандидат кој добил 2/3 мнозинство гласови од членовите на Судскиот совет со право на глас, ранг-листата на кандидати не е единствено релевантна за нивното унапредување. Како проблематична се јавува имплементацијата на оваа одредба во пракса бидејќи членовите на Судскиот совет на колегиум зазеле став дека поединечно нема да искажуваат образложени аргументи за причината поради која гласаат против унапредувањето на одреден кандидат (а е погоре на листата). На тој начин тој кандидат не ги знае вистинските причини поради кои не е избран. Од друга страна, откако еден од кандидатите ќе го добие потребното 2/3 мнозинство, членовите на Судскиот совет не продолжуваат со гласање за следните кандидати кои се пониско рангирани на листата бидејќи се водат од претпоставката дека дури и да има таков следен кандидат кој би го добил потребното мнозинство, тој сепак би имал помал број бодови на ранг-листата од оној кој прв го добил потребното 2/3 мнозинство (се гласа редоследно почнувајќи од кандидатот со најголем број бодови). 
  • Сите присутни заеднички упатија препорака до Судскиот совет дека е потребно да се даваат поединечни аргументи за нивната одлука за да може кандидатите кои не се избрани ефективно и ефикасно да го користат правото на жалба до Врховниот суд како право кое им е загарантирано од пред повеќе од една година. Инаку, на начинот на кој до сега постапува, Судскиот совет фактички им оневозможува на неизбраните кандидати да имаат основа на која би ги поткрепиле жалбените наводи бидејќи не ги знаат вистинските причини за нивниот неизбор за судија во повисок суд (унапредување). 
  • Од дискусијата се заклучи дека проблематично е и прашањето за групирање на кандидатите во две листи (мнозинска листа и листа на кандидати од немнозинските заедници) и тоа во моментот откако на огласот се пријавиле кандидати од двете категории за избор на судија во повисок суд, а потоа биле поделени во различни листи со што се создаваат многубројни фрустрации. 
  • Препораката што произлезе од дискусијата и е упатена до Судскиот совет е дека најдобро решение би било уште во моментот на објавувањето на огласот да се нагласи јавно и да се наведе каков кандидат е потребен на соодветното упразнето место во повисокиот суд (од мнозинска листа или од листа на кандидати од немнозинските заедници). 
  • Во текот на дебатата се заклучи дека е нејасна ситуацијата во која кандидат за избор на судија во повисок суд во текот на процесот поднесе приговор на бодовите од неговото оценување при што Судскиот совет врши вонредно оценување. По извршеното вонредно оценување, не е јасно како се врши (повторното) рангирање на кандидатите на ранг-листата. 
  • Се препорачува Судскиот совет јавно да ја разјасни оваа дилема, а по можност на неговата веб страница за да можат сите судии да бидат детално запознаени. 
  • На иницијатива на ИЧП се заклучи дека е проблематична законската одредба од последниот сет измени на Законот за судовите кој неодамна беше изгласан во Собранието, а со која е предвиден услов со кој е пропишано дека кандидатот за судија во основен суд потребно е да бил судија во друг основен суд најмалку четири години (фактичко преместување, а не избор) и на тој начин да бил оценет со позитивна оценка од страна на Судскиот совет. Дилемата настанува кога овој услов ќе се спореди со условот кој пропишува дека кандидатот за судија во основен суд мора да биде избран од ранг-листата на кандидати кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) при што во таков случај оценувањето го врши Академијата за судии и јавни обвинители, а Судскиот совет е должен да го почитува редоследот на кандидатите во постапката за избор. Заклучокот беше дека очигледна е нарамноправната стартна позиција на двете категории кандидати кои ги пропишува и разграничува законот.
  •  Се препорачува законодавецот да ја прецизира оваа одредба имајќи ја предвид искажаната дилема, а до тогаш Судскиот совет во своето работење да ја применува во добра верба (bona fides). 
  • Сите присутни недвосмислено заклучија дека е потребно целосно да се исклучи влијанието на политиката во постапките за избор на членовите на Судскиот совет, а особено при изборот на оние членови кои не се избрани од редот на судиите. Како пример беше истакната сегашната ситуација во која сѐ уште не е избран член на Судскиот совет кој треба да биде предложен од Претседателот на државата. Исто така се нагласи дека Судскиот совет има „прејаки“ надлежности.
  • Поради овие констатираани состојби, присутните судии ја искажаа потребата од депрофесионализација на членовите на Судскиот совет така што тие да ја вршат својата примарна професија во одреден процент од работното време, а другиот дел од времето да ја вршат функцијата член на Судскиот совет. Како најблизок и насоодветен модел од судиите се истакна моделот на Судскиот совет во Република Хрватска. Панелистите од ИЧП уште еднаш истакнаа дека оваа заложба е долгорочна заложба на ИЧП веќе неколку години, па така и овој пат ќе биде максимално поддржана како главна опција која ќе обезбеди независно судство имајќи ги предвид меѓудругите и позитивните искуства на Словенија и на Хрватска.
  • На дебатата се извлече заклучок дека за прв пат во измените на Законот за судскиот совет од мај 2018 година е пропишан рок во кој Судскиот совет е должен да го достави годишниот извештај до Собранието, а тоа е 30-ти април. Но сепак не е пропишан рок во кој Собранието е должно да го разгледува годишниот извештај и да гласа за негово (не)усвојување. Панелистите од ИЧП истакнаа дека за прв пат оваа година не беше усвоен годишниот извештај на Судскиот совет за 2016 година, но изостана каква било реакција од страна на членовите на Судскиот совет по однос на неговото неизгласување. Годишниот извештај на Судскиот совет за 2017 година пак сѐ уште не е ставен на дневен ред на собраниска седница.
  • Се препорачува законодавецот да пропише рок во кој Собранието ќе биде должно да го разгледува и (не)усвојува годишниот извештај на Судскиот совет, а при неговото неусвојување се препорачува и соодветна морална реакција во најмала рака од оние членови на Судскиот совет кои биле избрани од Собранието.
  • Се констатираше и дека Судскиот совет не ги објавува ниту имињата, ниту кандидатите кои се пријавени за избор на судии во повисок суд, а кои ги исполнуваат потребните услови.
  • Се препорача Судскиот совет на сите кандидатите кои се пријавиле за избор на судија во повисок суд, да им ги објави нивните биографии на неговата веб страница така што и јавноста да може да го оцени нивниот квалитет, а особено тоа да го направи стручната јавност vis-à-vis изборот што го направил Судскиот совет во истата постапка за избор на судија во повисок суд (унапредување).
  • Сумарен заклучок на сите присутни беше дека има поместување во реформите во правосудниот сектор, но за да бидат овие реформи целосно позитивно оценети, потребна е уште поголема ангажираност од сите засегнати страни и тоа особено при нивната имплементација во пракса. Во таа насока панелистите и присутните се сложија за сè што ја засега независноста на судството, основен постулат и примарност да биде квалитетот!

 

Институтот за човекови права (ИЧП) во наредниот период продолжува со дебатирање заедно со судската и јавно обвинителската фела и во другите Апелациони подрачја, а до тогаш судиите и јавните обвинители може да достават свои сугестии до ИЧП во секое време.