news-bg

Новости

Проект:
ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА СЕКСУАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА И РОДОВ ИДЕНТИТЕТ

Повик за учество на дводневна обука

Институтот за човекови права (ИЧП) во рамките на проектот „Заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, финансиран од Германската амбасада објавува:

П О В И К за учество на дводневна обука

Обуката има за цел на правните професионалци и практичари да им ги доближи одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и да им овозможи подобро разбирање на националната и меѓународната правна рамка и нејзината имплементација во пракса.

Во рамките на овој повик ќе се изберат до 25 професионалци (адвокати, адвокатски стручни соработници, правни советници, правни соработници) со определено ниво на знаење, искуство и интерес во областа на заштита на човекови права на маргинализирани групи и застапување на случаи од областа на дискриминација.

Обуката ќе се одржи на 19-ти и 20-ти април, 2019 година во Хотел Белведере, Охрид.


ЦЕЛ НА ОБУКАТА:

Согласно новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој е во завршна законодавна процедура, помеѓу другите пропишани меѓународни принципи, сексуалната ориентација и родовиот идентитет за прв пат експлицитно се наведени како основи за дискриминација, па оттука и потребата за воспоставување конкретна позитивна пракса во случаи на дискриминација врз овие основи. Институтот за човекови права со овој проект има за цел да иницира акција за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и нејзино (јасно и правилно) препознавање од страна на националните и локалните власти, правните професионалци и македонските граѓани. Истовремено, проектот има за цел да ја промовира толеранцијата кон припадниците  на ЛГБТКИ заедницата и да ја покрене свеста за многубројните начини на кои тие се маргинализирани и дискриминирани.

Како дел од овие активности, Институтот за човекови права (ИЧП) ги повикува сите заинтересирани професионалци од областа на правото кои се заинтересирани за подобро разбирање на националната правна рамка и нејзина имплементација во полето на заштита од дискриминација, како и на меѓународните стандарди и судската праска на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), да се пријават на оваа дводневна обука. Обуката ќе ја одржат двајца експерти од областа на правото со етаблирано професионално национално и меѓународно искуство од областа на заштита на човековите права и недискриминацијата.


ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА УЧЕСТВО НА ПОВИКОТ:

Потенцијалните учесници треба да достават кратка биографија (препорачливо во Europass форма) со јасен приказ на образованието и работното искуство на следните e-адреси: neda.petkovska@ihr.org.mk и vesna.stefanovska@ihr.org.mk најдоцна до 09.04.2019 година (вторник).


СЕЛЕКЦИЈА НА УЧЕСНИЦИ:

Доставените биографии ќе бидат разгледани од тимот на ИЧП и врз нивна основа ќе бидат рангирани и избрани најсоодветните кандидати кои ќе учествуваат на обуката. Пријавените кандидати ќе бидат известени за нивниот избор најдоцна до 12.04.2019 година.


ФИНАНСИСКО УЧЕСТВО НА ОБУКАТА:

Учествотo на обуката е целосно финансирано од страна на Проектот. Избраните учесници ќе бидат дополнително контактирани и известени за сите детали (програмата на обуката, превоз, храна, сместување и сл.).


КОНСУЛТАЦИИ:

Сите заинтересирани кандидати за пријавување на обуката доколку имаат какви било прашања во однос на овој повик, може да се обратат на е-маил: neda.petkovska@ihr.org.mk, најдоцна до 06.04.2019 година (четврток) до 16:00 часот за да ги добијат потребните информации.


Со почит,

Институт за човекови права