news-bg

Блог

Право на судење во разумен рок

автор: Оливер Алексов


               Државата е таа што го воспоставува и организира  правниот систем преку кој граѓаните ги остваруваат своите права гарантирани со Уставот, Меѓународните договори и Законите.  Сепак иако во креирањето  на правниот систем учествуваат трите гранки на власта во државата (законодавната, извршнатата и судската власт) правосудната власт  олицетворена во Судот е надлежна и одговорна за заштита на правата на граѓаните. Имајќи го тоа предвид, обврската за ефикасно и брзо остварување на правата преку една правична постапка е на судот.  Тргнувајќи од претходно наведеното граѓаните од судот очекуваат кога некое нивно право ќе биде загрозено, истото во една правична постапка пред Суд да биде заштитено во најбрз можен рок. Сепак сведоци сме дека во нашиот правен систем, судските постапки без оглед дали се кривични, граѓански или управни може да траат со години, а со тоа граѓаните да не можат да си ги остварат своите гарантирани права. Поради ваквата пракса на судовите во државите а тргнувајќи и од правната максима „Задоцнета правда е неправда“ меѓународното право и националните законодавства го предвиделе правото на судење во разумен рок

               Европската конвенција за човекови права  во членот 6 го определува Правото на правична судска постапка. Како посебен елемент на поимот „ правична судска постапка “ ЕКЧП изречно го бара и правото на судење во разумен рок [1]. Ваквото право е предвидено во чл.6 ст.1 од конвенцијата кој што гласи  „Секој има право на правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него...“. Ваквото право и тежината која ЕСЧП му ја дава на ова право при одлучувањето произлегува од праксата на националните судови да ги одлагаат судските рочишта, а со тоа и самите судски постапки да траат подолг временски период со што се губи суштината и на самото судење за ефикасно остварување на правата на граѓанинот. Според податоците објавени на HUDOC, ЕСЧП утврдил повреда на  правото на разумно судење во 92 случаи кои биле покренати против Република Северна Македонија. При одлучувањето дали постои повреда на чл.6.ст.1 од ЕКЧП, Судот во предвид ги има следниве околности: комплексноста, односно сложеноста на случајот, однесување на странките во самиот случај и однесувањето на националниот суд во конкретниот случај.   

               Во нашето домашно законодавство ваквото право е содржано во трите процесни закони кои ги регулираат кривичната постапка, граѓанската (парнична) постапка и управната постапка. [2] Во сите нив е стипулирана обврска дека Судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата кои им припаѓаат на лицата кои учествуваат во постапката. Во ЗКП и ЗПП се предвидени и парични казни доколку судот утврди дека странките во постапка ги злоупотребуваат правата кои според законот им припаѓаат, па така за физички лица е предвидена парична казна од 700 до 1000 евра во денарска противвредност а за правни лица е предвидена парична казна од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност.

 

               Сепак за едно право да биде ефективно, а следствено на тоа и Судот да се придржува до својата пропипашана обврска, за тоа право треба да се пропише постапка за начинот на кој може да се оствари тоа право доколку некој граѓанин смета дека правото му  е повредено. Па така со Законот за судовите од 2006 година  само начелно  во чл.36 за првпат е пропишана постапката за остварување на правото на судење во разумен рок. Имено согласно чл.36 ст.1 Странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до непосредно повисокиот суд. Став 2 од истиот член го предвидува рокот во кој непосредниот повисок суд треба да одлучи по ваквото барање а тој изнесува 6 месеци од поднесувањето на барањето за судење во разумен рок.  Понатаму во истиот член е предвидено дека доколку судот утврди повреда на правото на судење во разумен рок,  подносителот на барањето има право на паричен надоместок кој паѓа на товар на државниот буџет. 

 

               Може да се заклучи дека ваквото регулирање на постапката во однос на барањето за судење во разумен рок е доста општо, непрецизно и  не предвидува што треба да содржи едно барање, во кој рок незадоволната странка може да го поднесе таквото барање, а исто така не предвидува ни можност за жалба по однос на одлуката на непосредно повисок суд во однос на барањето.

 

               Поради ваквите суштински недостатоци по однос на регулирањето на постапката за барање за судење во разумен рок со Законот за измени и дополнувања на закон за судовите од 2008 година [3] покрај другите измени се вршат и измени и до прецизирање на постапката за барањето на судење во разумен рок. Со измените како стварно надлежен суд да одлучува по барањето за судење во разумен рок се определува Врховниот Суд на Р.Македонија. [4] Се определува и рокот во кој странката која што смета дека нејзиното право е повредено може да го поднесе барањето и тоа во текот на постапувањата пред домашните судови, а најдоцна шест месеца сметано од денот на правосилноста на одлуката. Исто така се пропишува и содржината, односно кои елементи треба да ги содржи барањето. Па така како задолжителни елементи на барањето се наведуваат следните: податоци за подносителот на барањето и правниот застапник, податоци за предметот и постапката за која странката смета дека ја сторила повредата на правото за судење во разумен рок, образложение на причините за наводно сторената повреда на правото за судење во разумен рок, изјава за побарување на правичен надомест и  потпис на подносителот на барањето.

 

Со измените се предвидува и се даваат дополнителни насоки за начинот на одлучување на Врховниот Суд па така предвидено е Врховниот суд да одлучи во рок од 6 месеци од поднесувањето на барањето а притоа во предвид да ги има правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал. Доколку Врховниот суд утврди повреда на правото на судење во разумен рок, истиот со решение го определува рокот во кој судот пред кој се води постапката треба да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и досудува правичен надоместок за повредата на правото кој што се исплаќа во рок од три месеци по правосилноста на решението на Врховниот Суд.

 

Со Законот за  изменување и дополнување на законот за судовите од 2008 година се додава и нов чл.36а во кој се определува рокот во кој Врховниот Суд треба да прибави препис од предметот поради кои се поднесува барањето  , се определува бројот на судии во советот кој е надлежен да одлучува по таквото барање и тој изнесува три судии и за првпат е востановена двостепеност, оносно право на жалба на решението на советот донесено по барањето за судење во разумен рок. Па така чл.36  ст.1 го обврзува Врховниот Суд веднаш а не подолго од 15 дена да побара од првостепениот суд да достави препис на списите од предметното досие, а по потреба и изјаснување од повисокиот суд за времетраење на постапката пред него. Советот од тројца судии одлучува на нејавна седница а по исклучок судот може да одлучи да ги сослуша подносителот на барањето и претставникот на судот чија постапка е предмет на поднесеното барање.  Како што беше и погоре изнесено со овој закон е востановена и двостепеност па така е предвидено право за незадоволната странка да поднесе жалба до второстепениот совет на Врховниот Суд во рок од 8 дена од приемот на решението.

 

Може да се заклучи дека со Законот за Изменување и дополнување на законот за судовите од 2008 година доста прецизно е регулирана постапката по барањето за судење во разумен рок, со што на граѓаните им се дава ефикасно правно средство за остварување на своите права кога истите сметаат дека се повредени од страна на тие што треба да им ги заштитуваат односно судовите.

 


 

Според извештајот за работа на Врховниот Суд  за 2019 година , одделот за судење во разумен рок во работа имал 606 предмети од кои 459 предмети во прв степен  и 147 предмети по жалба односно втор степен.  Бројот на нерешени  предмети од претходниот извештаен период  изнесува 235 а новопримени во 2019 година се 371 предмет во двата степана.  Од 606 предмети во 2019 решени се 429, а нерешени останале 177 предмети и тоа 146 предмети во прв степен и 31 предмет во втор степен.

 

Од 429 решени предмети  во 203 предмети барањето за судење во разумен рок е одбиено како неосновано, во 165 предмети барањето за заштита на судењето во разумен рок било усвоено и во 61 предмет барањето било офтфрлено.

 

Работа на првостепен совет

 

Од вкупно 606 предмети во Врховниот Суд во 2019 година , првостепениот совет во работа имал 459 од кои 218 се нерешени предмети од 2018 година а новопримени се 241 предмет.  Во 2019 година провстепениот совет решил 313 предмети, а незавршени останале 146 предмети.  Во однос на времето на постапување по предметите може да се заклучи дека во најголем дел односно во 201 предмет првостепниот совет го пробил рокот за одлучување на барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, односно одлучил во период подолг од 6 месеци.  Во остантите предмети може да се констаира дека е запазен рокот за постапување на Врховниот суд од 6 месеци па така 67 предмети биле решени во период  од 3 до 6 месеци, 27 предмети биле решени во период од 2 до 3 месеци, 17 предмети биле решени во период од 1 до 2 месеци и 1 предмет е решен во период пократок од еден месец.

 


 

Работа на второстепниот совет

 

               Во 2019 година второстепниот совет во работа имал 147 предмети, од кои 130 се ново примени а 17 се останати од претходниот извештаен период. Вкупниот број на решени предмети изнесува 116 и тоа во 91 предмет жалбата била одбиена како неоснована а во 25 предмети жалбата била усвоена. Во работа останале 31 нерешен предмет. Во однос на времетраењето на решавање на предметите состојбата е следната: во период пократок од 1 месеци во 39 предмети е завршена постапката по барањето,  во период од 1 до 2 месеци во 31 предмети е завршена постапката по барањето, во период од 2 до 3 месеци во  25 предмети е заврешена постапката по барањето, во период од 3 до 6 месеци во  17 предмети е завршена постапката по барањето, и само во 4 предмети второстепниот совет не успеал да ја заврши постапката во законски предвидениот рок од 6 месеци. Треба да се напомене дека периодот за решавање на случајот второстепниот совет на Врховниот суд го определува периодот од приемот на жалбата во Врховниот суд на Република Северна Македонија, до експедирање на второстепеното решение до подносителот на барањето.

 

Правичен надомест досуден во 2019 година

 

 Од вкупно 429 решени предмети во 2019 година вкупно во двата совета е досуден правичен надоместок во износ од 3.806.800 денари ( во оваа сума се засметани и трошоците на постапка по повод поднесеното барање) и тоа 3.492.000 денари од првостепениот совет и 314.800 денари од второстепениот совет. Највисок износ досуден досуден на име правичен надоместок поради утврдена повреда на правото на судење во разумен рок во првостепениот совет е 500.000,00 денари, а минимално досудениот износ во првостепениот совет е 5.000,00 денари, додека пак, максималниот износ кој е досуден на име правичен надоместок поради утврдена повреда на правото на судење во разумен рок во второстепениот совет изнесува 30.000,00 денари, а минималниот износ на име правичен надоместок од страна на второстепениот совет изнесува 5.000 денари.

 

               Како главна причина за пробивање на рокот за постапување од 6 месеци како и за заостанатите 177 предмети Врховниот суд  наведува дека  пониските судови, односно судовите кои постапуваат по предмети поради кои е поднесено барањето за заштита на судење во разумен рок не ги доставуваат списите од предмети, па следствено на тоа не може ни првистепниот совет да се произнесе и одлучи по барањето.  Поради ваквата пракса на недостасување на списите на  предметите од пониските судови, Врховниот суд бара постапката за доставување на списите од предметот поради кој е поднесено барањето, законски да се до регулира и да се дадат процесни овластување со кои Врховниот суд би можел да се наметне над пониските судови заради достава на списите од пониските судови. Комплексноста на ваквиот проблем произлегува од тоа дека најчесто предметите поради кои е поднесено барањето за заштита на правото на судење во разумен рок се во работа на пониските судови и на истите им се потребни списите од предмети за да можат да работат и да одлучат по самиот предмет. Од друга страна истите списи се потребни и на Врховниот Суд за да одлучи по барањето, а самото доставување на списите би значело одоговлекување на првичната постапка. Дел од овој проблем законски е решен односно во чл.36а ст.1 од Законот за судовите каде се предвидува достава на препис од списите од предметот, со цел понискиот суд да продолжи да постапува по предметот без да ја чека одлуката од Врховниот суд по однос на барањето. Сепак не се предвидува рок во кој понискиот суд е должен да ги достави списите , ни начин на постапување на Врховниот суд доколку понискиот суд не ги достави списите. Поради ваквите пропусти во Законот за судовите, во иднина треба да се допрецизира рокот за достава на преписот на списите од пониските судови како и парична казна за претседателот на судот доколку во определениот период истите не ги достави.

 

 
 

[1] Проф.д-р Гордана Лажетиќ-Бужароска, проф.д-р. Гордан Калајџиев, доц.д-р Бобан Мисоски, доц.д-р Дивна Илиќ-Димоска „Казнено Процесно право“ ( Скопје 2015 година) стр.45

   

[2] Закон за кривична постапка чл. 6, Закон за парнична постапка чл.10 и Закон за управни спорови чл.90

   

[3] Службен весник на Р.М бр. 35 од 14.03.2008 година

   

[4] Закон за  изменување и дополнување на законот за судовите чл.4 (Службен весник на Р.М бр. 35 од 14.03.2008 година)