news-bg

Блог

Дестимулирачките карактеристики на договорите за дело и нивното влијание врз човековиот живот

Авторка: Тамара Доневска


Работата е неизбежен дел од човековото секојдневие. Дневно секој од нас поминува околу 8 часа на своето работно место, за тоа време работникот работи за сметка и во корист на работодавачот. Деталите за работната позиција взаемните права и обврски на работникот и работодавачот најчесто се регулираат со договорот за вработување.

Во текот на последните декади се почесто се соочуваме со зголемен број на алтернативни видови на вработување кои може да се карактеризираат со терминот нестандардно вработување. Овој термин најчесто се користи за сите привремено вработени работници, оние со неполно работно време, под најразлични агенции за привремено вработување и најново појавата на „тезгарската економија“  [1]. Мноштво фактори влијаат врз појавата на овие видови на нестандардно вработување, но сепак, најголемо влијание има  технологијата. Една од причините поради кои што се дава предност на нестандардното вработување е неговата флексибилност и адаптабилност за потребите на секој работник и секој работодавач. Оваа флексибилност може да се гледа како нож со две сечила, од една страна му овозможува на работникот да оствари некаков приход, но за да го оствари тој приход голем број од правата кои му се загарантирани со договорот за вработување се занемаруваат. 

 Механизмите за заштита вметнати во Законот за работните односи

 Во идеални услови секој работник би требало да биде вработен согласно Законот за работните односи, според кој би ги остварувал сите оние права кои што му се загарантирани со него, но за жал реалноста е поразлична и се почесто се застапени договорите за дело, кои се користат за пополнување на празнината кој се јавува како резултат на нестандардните вработувања. Овие договори може да се користат за наем на работна сила, но не и на истиот начин кој е определен во Законот за работните односи. Договорот за дело е врзан со делото, односно со извршувањето на делото, тој се смета за исполнет.

Во сржта на Законот за работните односи се вметнати одредби со кои работникот се заштитува и му се гарантираат низа на права. Почнувајќи од забрана за дискриминација и заштитата од вознемирување на работното место, минималните барања за безбедност и здравје на вработените во работниот простор, право на надоместок (плата, минимална плата, надоместоци на плата, надоместување на трошоците поврзани со работата), должност за постојано образование, осигурување во случај на невработеност, здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување и за крај правната заштита при кршење на правата од работен однос. Сигурноста е главната карактеристика која се препишува на договорот за вработување како резултат на овие одредби и затоа кога се споредува со договорот за дело јасно може да се забележат неговите предности.

Многу голем број на работници се почесто се наоѓаат во незавидна положба каде што треба да бираат помеѓу невработеноста и можноста за каков било приход, најчесто остварен врз основа за договор за дело. Како резултат   на тој надоместок, т работниците скоро секогаш врз основа на склучен  договор за дело се соочуваат со нееднаков приход, намалени шанси за дополнителна едукација и намалена сигурност.

Намалена сигурност и стабилност

За разлика од договорот за вработување каде има низа на услови што треба да бидат исполнети за да може да се откаже договорот на работникот, договорот за дело може да биде раскинат само по желба да нарачателот, односно работодавачот без поголеми трошоци и последици. Привременоста на ваквиот договор најчесто го дестимулира работникот и во планирање на својата иднина, оформување на семејство или неможност да аплицира за станбен кредит бидејќи најчесто еден од условите за аплицирање е работникот да е вработен на неопределено време. Имејќи го предвид наведеното, не постои адекватна противтежа меѓу работникот и работодавачот од причина што сигурноста и стабилноста на работното место, условите за работа и приходите зависат исклучиво од волјата и потребата на работодавачот за извршување на конкретна работа.

Нееднакви можности за напредување и едукација 

Постојаната едукација и надоградување е обврска и на работникот, но и на работодавачот. Работникот се надоградува со цел да биде поконкурентен на пазарот на трудот, додека пак работодавачот го надоградува работникот за да оствари поголема добивка, поради тоа вредноста која ќе ја врати за дополнителното едуцирање е минимална во однос на неговите придобивки. Дистрибуцијата на ваквите поволности многупати е нееднаква за оние вработени кои се со договор за дело. Стравот дека вработениот може да си замине или дека може да биде преземен од друга компанија како и краткотрајноста на договорот се најчестите причини поради кои работодавачот решава да не инвестира во сите вработени подеднакво. Нееднаквото третирање на работниците, освен што резултира со дискриминација, резултира и со нивна поделба на оние што имаат можност да бидат напредуваат, да бидат дополнително едуцирани и квалифицирани и на оние кои што овие средства за професионален развој им се ускратени, како и можностите за идни вработувања.

Нееднаквост на надоместокот

Двајца работници, на иста работна позиција, со исти работни обврски, кои подеднакво добро ја извршуваат својата работа и земаат ист нето надоместок, но имаат различен договор, едниот е вработен со договор за вработување другиот со договор за дело. Јазот во надоместоците навидум е незабележлив кога се разгледуваат нето платите на работниците, но доколку се разгледаат бруто трошоците на работодавачот јасно може да се забележи разликата. За вработените со договор за дело, работодавачот го надоместува само персоналниот данок, додека за останатите тој има трошоци за здравствено осигурување, пензиско и низа други законски утврдени трошоци кои не може да ги избегне.

Алтернатива на невработеноста

Многумина го гледаат договорот за дело како алтернатива на невработеноста или тест период за можно трајно вработување. И тоа несомнено се потврдува во пракса. Но, доколку се имаат предвид ефектите на долгорочен план, договорот за вработување нуди многу повеќе можности и права во споредба со договорот за дело и тоа не само тргнувајќи од сигурноста и стабилноста како круцијални критериуми, туку и од аспект на остварување на основните човекови права како правото на работа, слободен избор на вработување, заштита при работење и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, право на соодветна заработувачка, право на платен дневен, неделен и годишен одмор, кои права се загарантирани и со Уставот на Република Северна Македонија и од кои работникот не може да се откаже. (член 32 од Устав)

Нужно е препознавањето на договорот за дело како начин за ангажирање на работници и негово регулирање со цел обезбедување на посигурна и постабилна иднина. Сé додека не најде соодветно решение, договорот за вработување сé уште се смета за една од најсигурните алтернативи за остварување на некаков и затоа не зачудува Студијата за млади на Северна Македонија 2018/2019 која вели дека најзначајниот фактор за избор на работата е „сигурното работно место без страв од отпуштање“. 


 

 [1] gig-economy  


   

Објавено на: 16.10.2020 година


project-img