news-bg

Новости

Проект:
ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ГРАНТ

Недостатоци во Законот за кривичната постапка кои ги ограничуваат човековите права и слободи

Тематскa анализа за влијанието на законската рамка и јавните политики врз почитувањето на човековите права и слободи


Недостатоци во Законот за кривичната постапка кои ги ограничуваат човековите права и слободи

 

Едно од најчувствителните прашања во кривичната постапка е ограничувањето на правата и слободата на обвинетото лице. На таа проблематика посветено е поголемо внимание во новиот Закон за кривична постапка (ЗКП)1 од 2010 година , во глава 16, насловена како: мерки за обезбедување на присуство на лица и непречено водење на кривичната постапка. Ова преставува значителен чекор во заштитата на правата и слободата на засегнатите лица со водењето на кривичната постапка, но во однос на одредени правни институти од оваа суптилна проблематика, пропуштено е законско регулирање на одредени состојби и процесни можности, кои, самостојно или во комбиниран модел, би овозможиле поедноставување на процедурата и поголема гаранција на правата и слободата на засегнатото лице.

Тие недостатоци ја оневозможуваат потребната хармонизација на домашното со современото меѓународно право, од една страна, вклучувајќи ги прагматичните решенија содржани во демократизираните европски законодавства, со истовремена синхронизација со гаранциите содржани во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (ЕКЧП)2, која е составен дел на домашното право и Уставот на Република Македонија, кој во основа ги определува најбитните гаранции и права, по која рамка мора да се ускладат и домашните закони.

Со ратификацијата на ЕКЧП во 1997 година од страна на Република Македонија, таа, по својот карактер и дејство станува извор и составен дел на домашното законодавство, согласно чл.118 од Уставот на РМ, а нејзиното обврзувачко дејство и супремација над домашните закони, налагаа и овозможуваа и нејзина директна примена.

Компаративно гледано, во однос на основните правни институти, постои поголема идентичност на домашното право со меѓународните општо прифатени правни стандарди, но во одредени случаи и состојби, пропуштено е нивно законско регулирање, како и вградувањето на позитивно афирмираната и докажана судска пракса, како надградба на правата и слободата на лицата опфатени со кривичната постапка.

Во тој поглед, во новиот ЗКП значително е проширена лепезата на видовите мерки на претпазливост во одредбата на чл.146. Во таа одредба е предвидено дека нив ги предлага јавниот обвинител (чл.146 ст. 5). Тука е пропуштено да се земе предвид и вгради во законот истоветниот став на теоријата и праксата, дека овие мерки можат да се одредат и без таков предлог, по сопствен став и иницијатива на судот, што има поткрепа и во одредбата на чл.144 ст.2 од ЗКП и во усвоената и применета судска пракса, изразена во заземениот правен став на Апелациониот суд во Скопје, на седницата од 13.11.2007 година.

Можноста за самостоен избор на мерката на претпазливост кој се вклопува во принципот на избор на поблага, наместо построга мерка, предвиден во чл.144 ст. 2 од ЗКП, ја забрзува постапката и ја растеретува од непотребната формалност во конкретниот случај.

Законодавецот во таа одредба пропуштил да ја предвиди и можноста да се определи гаранција заради привремено враќање на одземена патна исправа во оправдани и аргументирани случаи.

Наспроти негативната пракса на Врховниот суд на РМ3, во позитивната пракса на Апелациониот суд во Скопје, таквата комбинација е применета во два случаи, со позитивен ефект.

Во едниот случај, заради исклучителни и аргументирани потреби на приватна фирма за потпишување на договор со фирма од Р. Словенија од кој зависел опстанокот на фирмата и егзистенцијата на нејзините вработените, прифатена е понудената гаранција на одговорното лице и вратена му е одземената патна исправа по депонираната сума на пари, по што обвинетиот самостојно се јави во судот, ја предаде патната исправа и гаранцијата беше вратена.

Во другиот случај, врз обвинетото лице мораше да се изврши медицинска интервенција во Клиничкиот центар во Љубљана, и по нејзиното извршување, обвинетиот самостојно ја предаде патната исправа во судот, по што следуваше враќање на депонираната сума како гаранција.

Можно е лепезата на мерките на претпазливост да се зголеми на сметка на некои од построгите мерки, како на пример: наместо определување на куќен притвор, да се воспостави примена на електронски алки или слични направи за физичко следење на обвинетиот, а на сличен начин може да се контролира и спроведувањето на некои од мерките на претпазливост.

Но, во делот на мерките на претпазливост, може да се внесе и една предупредувачка одредба, дека во случај на нивно неисполнување или кршење може да следува определување на куќен притвор или притвор, што би ја зајакнала дисциплината на нивното исполнување.

Во однос на мерката гаранција, како подобрување на правата на обвинетиот, е проширувањето на основите за нејзиното применување, предвидени во чл. 150 ст. 1 точ. 2 од ЗКП, што компаративно гледано, е истоветно како и во законодавствата на земјите од поранешна СФРЈ4.

И новиот ЗКП остана на ставот за општоста на гаранцијата, што значи дека не е исклучена за ниедна категорија на лица, па и за странци, ниту по однос на тежината на кривичните дела, како што тоа се прави во некои современи законодавства5.

Како новина во одредбата од чл. 150 ст. 5 од ЗКП, предвидено е при определувањето на гаранцијата судот да може да определи една или повеќе мерки на претпазливост со кои се обезбедува присуството на обвинетиот. Таквото решение е преземено од претходно споменатите современи законодавства6 што ги зголемува гаранциите за доследното спроведување на определените мерки, но и самите права на обвинетиот, за помало и полесно ограничување на неговите права и слобода.

Во таа одредба пропуштено е да се внесе можноста со прифаќањето на гаранцијата судот да може да определи и куќен притвор, како поблага форма од обичниот притвор, кој има поголеми рестрикции на правата на притвореното лице и построг режим на издржување.

Законски гледано, таквата комбинација ја дозволува и одредбата на чл. 144 ст. 2 од ЗКП, нагласувајќи ја можноста за истовремено определување на повеќе мерки од ст. 1 од ова одредба, освен кога ќе се определи мерката притвор.

Правно тоа го дозволува и новината во чл. 163 ст. 6 од ЗКП, со нагласувањето дека при определувањето на таа поблага форма на притвор аналогно се применуваат одредбите кои се однесуваат на мерката притвор7.

Според ставот на експертите, теоретичарите и праксата на Апелациониот суд Скопје8, таквата комбинација законски е дозволена.

Спротивен став е изразен во одлуката на Врховниот суд на РМ, КЗЗ бр.55/10 од 10.12.2010 година, која всушност резултира со низа повреди на правото на обвинетото лице и неговата одбрана и е донесена со повреда на неговите законски права и на негова штета, со кршење на одредбата на чл. 434 од стариот ЗКП.

Комбинацијата на претходно споменатите две мерки може да наметне повеќе прашања и дилеми, поаѓајќи од тоа дали таквата комбинација е во корист или е на штета на обвинетиот.

Познато е дека основната цел на гаранцијата е пуштање на обвинетиот да се брани од слобода, а дека неприфатената гаранција го остава и натаму во притвор.

Проширувањето на основите за нејзиното определување во чл. 10 ст. 1 точка 2 од ЗКП, всушност ги вклучува основите за притвор од чл. 165 ст. 1 точ. 3 од ЗКП, а тоа се: повторување, довршување или сторување на делото со кое се заканува. Тоа е всушност прифаќањето на компаративните решенија кои ги зголемуваат правата на притвореното лице или лицето кое треба да се стави во такви услови9.

Тоа проширување ги зголеми можностите за определување на гаранција, а со тоа и правата на обвинетиот, а реципрочно, за сметка на прифатената гаранција се намалува бројот на случаите на определен притвор.

За да се прифати гаранцијата и укине притворот, стварната гаранција изразена низ понудената сума пари, вредности или недвижности, треба да е во соодветна висина, односно вредност кој влева убедување дека како таква не носи ризик за нејзино губење и одбегнување на кривичната одговорност од една страна, и стекнатиот убедлив впечаток дека прифаќањето на гаранцијата го дозволува пуштањето на обвинетиот да се брани од слобода или пониската резолуција и наметнатата предострожност од останатите околности на случајот, поцелисходната одлука треба да е во насока на примена на поблагиот вид, т.е. куќниот притвор. Во сите околности тоа е фактичко прашање за кое единствен меродавен орган за одлука е судот.

При тоа не се бара депонираната сума или вредност како гаранција да претставува еквивалент на причинетата штета со извршеното кривично дело, на што најчесто инсистираат претставниците на обвинението. Штетата како елемент на одредени кривични дела е предмет на докажување во кривичната постапка или евентуално во парнична постапка, како категорија е варијабилна, но докажлива, што не треба да се апстрахира, но не треба да изостане и стварната оценка на судот на имотната состојба на обвинетиот и стварната можност за нејзиното надоместување.

Куќниот притвор е поблага форма на ограничување на правата и слободата на обвинетиот, при чија примена, покрај престојот во домашни услови, се користат и правата предвидени во чл. 163 ст. 2 точ. 1 и 2 од ЗКП, додека притворот опфаќа построги мерки на неговото издржување и поголеми рестрикции на правата на обвинетиот и во однос на одобрените средства за комуникација и во однос на посетите од фамилијата или непречената комуникација со бранителот. Всушност, непречената комуникација како новина во ЗКП е преземена од новиот ЗКП на Босна и Херцеговина и на некои од државите од поранешната СФРЈ, но стои фактот дека во домашни услови обвинетиот е корисен и за своето семејство.

Ценејќи ги како поолеснителни, поприфатливи и покорисни условите на куќниот притвор и обвинетите лично и нивните бранители, во своите барања често настапуваат со комбиниран предлог: да се прифати понудената гаранција и определениот притвор да се замени со куќен притвор доколку обвинетиот не биде пуштен да се брани од слобода.

Оттука, во услови на перманентна тенденција за намалување на класичниот притвор, воопшто во целокупното законодавство и намалениот интензитет на притворските основи и позитивната оценка на личните карактеристики на притвореното лице, може да се прибегне кон комбинацијата на гаранцијата и куќниот притвор која и според оценката на обвинетиот и неговиот бранител и лично ја сметаат како поповолна од самиот притвор. Покрај тоа, застапен е и критериумот на оценка на понудената гаранција, но секако не треба да е со ист интензитет како кај притворот. Потребното нивелирање на интересите на обвинетото лице и потребите на постапката и тука не изостанува, а државата треба сама по себе да е спремна да го контролира определениот куќен притвор. Сепак, понудената гаранција треба да е сразмерна, а не незначителна.

Истовременото определување на гаранцијата и куќниот притвор ги зајакнува и гарантира условите на неговото спроведување, при присутното знаење дека спротивното однесување води кон пропаѓање на гаранцијата и повторно ефектуирање на притворот.

Во однос на утврдувањето на видот и висината на гаранцијата, во новиот ЗКП можеше да се предвиди можноста за дискреционо право на судијата да може да ги одреди тие елементи, во зависност од материјално-финансиската состојба на обвинетиот, или лицето кое ја полага гаранцијата и конкретните околности на предметниот настан, како на пример во чл. 116-а од ЗКП на СР Германија, или чл. 124 од ЗКП на Р. Хрватска.

Јасната поставеност на една таква одредба во ЗКП, ќе ги отстрани сите претходно наведени дилеми, ќе ги зајакне процесните права на обвинетиот и одбраната и ќе се елиминира непотребното одржување на притворот, при услови за примена на поблага мерка, каква што е споменатата комбинација.

Како новина во одредбата на чл. 163 ст. 6 од ЗКП, е предвидено дека при определувањето на куќниот притвор соодветно се применуваат одредбите во однос на определувањето на мерката притвор, ако со овој закон поинаку не е определено, што е идентично како и во хрватското законодавство, но тука требаше да се регулира и неговото траење, како засебна мерка, а во интерес на сигурноста на странките во постапката10.

Во новиот ЗКП внесени се повеќе новини кои појасно ја детерминираат гаранцијата, нејзината варијабилност (чл. 151), укинувањето и враќањето на гаранцијата(чл. 152) и нејзиното пропаѓање (чл. 153). Логично на намалувањето на кривичниот опфат на обвинението или на неговото зголемување да варира и потребниот износ односно вредноста на гаранцијата.

Посебно значајна новина е предвидувањето на правото на жалба на решението за гаранција (чл. 155) што отсуствуваше во поранешниот ЗКП, но се користеше одредбата која го регулираше правото на жалба на решението на судот (чл. 408 ст. 1 од ЗКП).

Но, недозволен пропуст на таа одредба е што е испуштено да се предвиди и правото на жалба во случај на одбивање на понудената гаранција од страна на судот, што е често во праксата во несигурното судство, иако во демократизирана процедура треба да доминира нејзиното прифаќање и намалување на бројот на одредените притвори.

Имајќи ги предвид општите уставни и законски гаранции за правото на жалба (чл. 15 од Уставот на РМ и чл. 440 ст. 1 од ЗКП), поднесувањето на таква жалба не треба да биде отфрлено од страна на судот како недозволен поднесок, со ригидно оценување на одредбата на чл. 155 од ЗКП, затоа што е на штета на правата на обвинетиот за поднесување на таков правен лек и потребното преиспитување на причините за одбивањето на гаранцијата од страна на друг покомпетентен орган. Затоа е потребно дополнување на таа одредба, со дозвола на жалба и во таква ситуација.

Во одредбата на чл. 161 од ЗКП во која е опфатена постапката за задржаните лица, во ставот 3 е предвидено дека задржувањето може да трае најдолго 24 часа од моментот на лишувањето од слобода и дека во тој рок лицето мора да биде изведено пред надлежниот судија.

Следејќи ја општата тенденција на современите законодавства за скратување на задржувањето, треба да се намали тој рок на 12 часа, како што е тоа на пример предвидено во чл. 163-ц ст. 3 од ЗКП на СР Германија и некои други земји.

Во новиот ЗКП доста комплексно е опфатено прашањето за определувањето на притвор спрема обвинетиот, што е компатибилно со истоветните решенија во современите законодавства и меѓународното право, како и со заземените ставови во судската пракса на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Имено, предвидените притворски основи во чл. 165 од ЗКП се идентични со оние кои се предвидени во тие законодавства, со незначитела разлика во однос на тоа што во некои од нив, опстои и основот за вознемирување на јавноста или загрозување на безбедноста на граѓаните, кој основ нашиот ЗКП го напушти пред повеќе години. Во однос на него има место за размислување и можеби повторно воведување во особено драстични случаи на домашен или меѓународен тероризам, тешки дела против човештвото и цивилното население и слично. Во некои случаи тоа може да е и во корист на самиот обвинет, на пример, да се изолира од разлутената толпа луѓе и слично.

Општо земено, сите современи законодавства ги содржат истите притворски основи (Види: чл. 112 од ЗКП на СР Германија, чл. 137 од ЗКП на Р. Франција, чл.197 од ЗКП на Р. Словенија, чл.132 од ЗКП на Босна и Херцеговина, чл. 174 од ЗКП на Р. Србија, чл. 123 од ЗКП на Р. Хрватска, чл. 148 од ЗКП на Р. Црна Гора и др.).

Скоро идентично тие основи извираат од одредбата на чл. 5 ст.1 точ. в од ЕКЧП и се поклопуваат со ставовите од заземената пракса на ЕСЧП според кои се признаваат четири причини за притвор пред судење и тоа: 1. Ризик од бегство, 2. Ризик од попречување на курсот на правдата, 3. Потреба од спречување на кривично дело и 4. Потреба да се зачува јавниот ред.

При дефинирањето на елементите кои ја сочинуваат содржината на решението за притвор, новиот ЗКП можеше да ја вгради и можноста судот во конкретниот случај да ја одреди висината на гаранцијата што може да го замени притворот, како што е тоа на пример предвидено во чл. 124 од ЗКП на Р. Хрватска. Тоа значи, според конкретизирани параметри, да може судот при самото изготвување на решението за притвор да го внесе и износот на пари кој доколку се прифати и депонира од обвинетиот, односно лицето кое ќе ја депонира гаранцијата да може веднаш да биде пуштен да се брани од слобода.Тоа значително би го намалило бројот на притворските случаи, на сметка на гаранцијата. Се разбира дека, како што е и претходно нагласено, треба да се земат предвид сите услови за гаранцијата, како и платежната моќ на нашите граѓани.

Исто така, новина во одредбата на чл. 172 ст. 1 од ЗКП е предвидувањето на можноста и странките да поставуваат предлози за укинување на притворот. Тоа се однесува на обвинетиот , а со тоа и на неговиот бранител, на кои во поранешниот ЗКП неосновано им беше скратено тоа право, со погрешно и незаконито толкување на оваа одредба11.Тоа ригидно толкување не само што е спротивно на уставната и законска дозволеност на поднесување на правен лек, т.е. жалба, спротивно е и на чл. 5 ст. 4 од ЕКЧП. Од тие причини, на колегиум на Апелациониот суд Скопје, заземен е правилен правен став за допуштеност на жалбата и во овој случај, што е и применувано во праксата на судот. Бидејќи таквото мислење едногласно го подржуваа и теоретичарите и практичарите, при изготвувањето на новиот ЗКП, беше внесено во спомнатата одредба. Дури и да не дојдеше до тоа, со оглед на приоритетноста на одредбата на чл. 5 ст. 4 од Конвенцијата, истата можеше директно де се применува од страна на судовите, но за жал таква пракса нема.

Судската пракса во последните пет години, покажа некритично и енормно определување на мерката притвор и тотално изостанување на определувањето на мерката гаранција.

Така, скоро сите предлози за притвор поставени од ОЈО, прифаќани се ан-блок од страна на судот, а во 2014 година тој процент изнесува дури 99% од сите предлози на ОЈО. Наспроти тоа, обратен е процентот на прифатените предлози на СЈО, кои се одбивани со неосновани, неаргументирани и неодржливи причини, кои во одредени случаи излегуваат и од рамката на законитоста.

Таквиот приод и кај меѓународната заедница и кај домашната јавност, создаде перцепција за селектирано судство кое го изгубило атрибутот на независно судство, потпаднато под влијанието на извршната власт.

Натамошната демократизација на ЗКП, треба да ги опфати и претходно наведените предлози и сугестии за унапредување на процесните права на обвинетиот во кривичната постапка, а со самото тоа и неговите човечки права и слободи, за да може да се воспостави тежнеењето според кое слободата е општо правило, а затворањето е исклучок.


25.03.2017 г. Скопје Изработил: Јордан Митриновски

1 Закон за кривична постапка, Службен весник на Република Македонија бр.150/10 од 18.11.2010 г.

2 Европската конвенција за човекови права донесена од страна на Советот на Европа во 1950 година, достапна на http://www.echr.coe.int/Documents/Convention_MKD.pdf.

3 Види КЗЗ бр. 14/92, ЗСО, 5, стр.72

4 На пример: чл. 196 ст. 2 од ЗКП на Р. Словенија, чл. 141 од ЗКП на Босна и Херцеговина, чл. 137 од ЗКО на Р. Србија, чл. 102 од ЗКП на Р. Хрватска и др.

5 На пример во СР Германија, Р. Словенија и др.

6 Види чл. 102 ст. 4 од ЗКП на Р. Хрватска

7 Исто како на пр. во чл. 119 од ЗКП на Р. Хрватска

8 Види: решение КСж бр. 537/10 од 6.12.2010 г

9 Види: чл. 116 од ЗКП на СР Германија, чл. 137 ст. 2 од ЗКП на Р. Србија, чл.102 ст.4 од ЗКП на Р. Хрватска и др.

10 Види од чл. 119 до 121 од ЗКП на Р. Хрватска

11 Види: КЗЗ бр.55/10 од 10.12.2010 г.



Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

project-img