Македонски Shqip English

М-р Александар Ванчоски

Забрана на тортурата и дејствување на полицијата во демократско општество

Вовед

Актите на тортура претставуваат сериозна закана за демократските принципи и вредности во секое општество. Тортурата е сериозно прекршување на фундаменталните човекови права, а особено кога ваквите дела се извршени од страна на полициски службеници, кои се најодговорни за заштита на правата и слободите на сите граѓани, што е јасен показател за постоење на одредени пропусти во функционирањето на демократскиот систем.

Воедно и во повеќето држави кои се сметаат за напредни и развиени демократски општества постојат случаи на злоупотреба на полициските овластувања, но уште повеќе загрижуваат примерите на акти на тортура извршени од страна на припадниците на полициските организации. Несомнено е дека ваквата ситуација наментнува потреба од континуирано преиспитување на воспоставените системи за превенција како и воспоставување на што потранспарентни процедури за испитување на случаите каде што е сторена тортура од страна на полициските припадници.

  1. Правна регулатива на меѓународно ниво за забрана на тортура

Развојот на меѓународоното право особено допринесе мачењето или пак тортурта (термин кој е превземен од англосаксонското говорно подрачје, а има латиски корени) да се смета за исклучиво тежок облик на нарушување на човековите права и слободи, за кој е потребно да се воспостави соодветна истрага и остра осуда за сторителите. Говорејќи за меѓународно-правната регулирност на забраната на актите на тортура и останатите облици на сурово, нечовечко и понижувачко постапување или казнување секако дека Универзалната декларација за правата на човекот (УДЧП) усвоена во 1948 год. е најбазичниот документ со кој се предвидува дека  "Никој не смее да биде подложен на мачење или на свирепа, нечовечна или понижувачка постапка или казна"[1]. На европско ниво забраната за тортура е предвидена и регулирана со Европската Конвенција за заштита на човековите права донесена од страна Советот на Европа во 1950 год.[2] Одредени одредби за забрана на тортурата и останатите облици на сурово, нечовечко и понижувачко постапување или казнување се содржани и во четирите Женевски конвенции усвоени во 1949 год., потоа во "Правилата на Обединетите нации (ОН) за минимални стандарди за постапување со затвореници" од 1957 год., како и во "Меѓународниот Пакт за граѓански и политички права на човекот и граѓанинот" од 1966 год.[3] Исто така во оваа група на документи спаѓа и "Кодексот на однесување на ОН за овластените службени лица задолжени за спроведување на законот"  од 1979 год. како и "Начелата на медицинската етика релевантни за улогата на медицинскиот персонал, особено лекарите, во заштитата на затворениците и притворените лица од тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување" од 1982 год.

Двата документи кои се најцитирани во литературата која се однесува на човековите права и забраната за тортура претставуваат "Конвенција на ОН против тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување" од 1984 год. како и "Европската конвенција за спречување на тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казнување" од 1989 год. Конвенција на ОН против тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување е прв меѓународно-правен обврзувачки документ кој се однесува на забраната на тортура и кој е прифатен од најголем  број на земји во светот и тој број во моментот изнесува 159 земји.[4] Според Конвенцијата на ОН, тортурата е дефинирана како:

„…дејствие со кое што намерно се нанесува сериозна болка или страдање, било физички или ментално, на лице со цел добивање од него или од трето лице информација или признание, казнување на лицето за дело коешто тоа или трето лице го извршило или е осомничено дека го извршило, или заплашување или принудување на тоа лице или на трето лице, или пак од причина заснована врз дискриминација по било кој основ, кога таквата болка или страдање се нанесува од страна на или на барање на или со знаење или премолчена согласност на службено лице или друго лице кое постапува во својство на овластено службено лице. Таа не опфаќа само болка или страдање кои што произлегуваат од, кои што се својствени на или кои што се придружни на законските санкции.“[5]

Исто така според Конвенцијата на ОН за да едно дело се смета за тортура мора да бидат исполнети следниве три основни елементи:

- намерно предизвикување на голема физичка или душевна болка;

- постоење на определена цел која може да биде добивање на одредено известување или признание, да се казни за одредено дело, да се заплаши или да се  изврши притисок;

- извршување од страна на службено лице или друго лице кое дејствува во службено својство.[6]

Говерејќи за Конвенцијата за забрана на тортура донесена од страна на ОН важно е да се напомене дека во тесна корелација е и "Факултативениот протокол кон Конвенцијата на ОН против тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување" донесен во 2002 год., а стапен во сила во 2006 год. кој претставува во суштина важен инструмент во превенцијата и откривањето на дејствијата на тортура во објектите кои служат како места на задржување на лица. Целта на овој Факултативен протокол "... е да се воспостави систем на редовни посети преземени од страна на независни меѓународни и национални тела на места каде што луѓето се лишени од слобода, со цел за спречување тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казна."[7] Исто така овој систем на редовни посети во суштина е превземен од веќе воспоставевниот модел во земјите на Советот на Европа преку Комитетот за превенција на тортура кој се базира на Европска конвенција за спречување на тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казнување од 1989 год.

Во самиот член 1 на Европска конвенција за спречување на тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казнување е предвидено формирање на "Европски комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување" кој исто така е познат како Комитет за превенција на тортура. Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа има примарана задача да организира посети на места кои се користа за  притвор, со цел да се процени како лицата лишени од слобода се третираат. Како места кои се користат за притвор се сметаат затворите, центри за притвор на малолетници, полициски станици, центри за задржување на имигранти, психијатриски болници, домови за социјална грижа, итн.[8] Делегациите на Комитеттот имаат неограничен пристап до местата на лишување од слобода, како и право да се движат во внатрешноста на тие места, без ограничување. Тие покрај ова имаат право насамо да разговараат со лицата лишени од слобода, и слободно да комуницираат со секој кој може да обезбеди информации.[9]

Претходоно споментатите конвенции за забрана на тортура на ОН и Советот на Европа и механизмите за контрола кои се тесно поврзано со одредбите кои произлегуваат од нивните текстови претставуваат главните меѓународно-правни и институтционални механизми за превенција и откривање на дејствија кои можат да се класифицираат како тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казнување.

Од доменот на меѓународното право би можеле да се наведат и следните два меѓународни документи кои содржат одредени одредби кои се однесуваат на забраната на тортура  и нечовечно или понижувачко постапување или казнување, тоа се: Правилата на ОН за заштита на малолетни лица лишени од слобода  од 1990 год. и Статутот на Меѓународниот кривичен суд од 1998 год.

  1. Правна регулатива за забрана на тортура во Република Македонија

Од аспект пак на правната регулираност на забраната на тортура и нечовечно или понижувачко постапување или казнување во Р.Македонија ваквите дејствија се нормирани најнапред во Уставот, а потоа и во одредени закони. Така на пример во членот 11 на Уставот на Р.Македонија се наведува дека "...Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Се забранува присилна работа."[10] Исто така во членот 54 од Уставот се наведува дека "... Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста."[11]

Во Кривичниот законик на Р. Македонија во членот 142 кој гласи " Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување" е наведено дека:

 (1) Тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана иди друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или  душевно страдање за да го казни за кривично дело што го сторило или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од три до осум години.

(2) Ако поради делото од став 1 настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за оштетениот, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години. "[12]

 

Покрај овој член во Кривичниот законик како кривично дело се предвидени и дејствија на малтретирање кои се сторени при вршење на служба. Така членот 143 пропишува дека:

Тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години

 

Исто така и во членовите 403-а и 404 е предвидена забрана за мачење. Во членот 403-а се наведува дека дејствијата на мачење и на нечовечко и понижувачко постапување и казнување извршени при систематско уништување на цивилно население или пак според член 404 во услови на војна, вооружен судир или окупација се казнувата (и во двата члена) со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.[13]

Кривичниот законик во членот 405 предвидува исто така забрана за мачење на ранети и болни лица во услови на војна и вооружен судир, а во членот 406 забранува мачење на лица кои се воени заробеници. Казна затвор од најмалку десет години или пак доживотен затвор е предвидено и во двата споменати члена.

  • Полициското дејствување и забраната за тортура

Имајќи ги во предвид фактите дека при дефинирањето на тоа дали едно дејствие претставува тортура или не, важен елемент е дали сторителот е службено лице како и тоа дека единствено полицијата има легитимна моќ за употреба на сила станува јасно зошто полициските припадници се во фокусот на активностите за превенција и откривање на потенцијални случаи на тортура.  

Со цел извршување на своите законски определени задачи полицијата поседува посебни овластувања како и дискреционо право за нивна примена со што во суштина може да го ограничи потполното или делумно уживањето на човековите права и слободи, а во екстремни околности може да користи и смртоносна сила. Поради ваквите делегирани овластувања од страна на државата, полицијата мора константно "да се придржува до владеење на правото во согласност со најдобрите меѓународни стандарди и процедурални правила и стратегии кои се пропишани во применетите национални и локални закони."[14]

Полициската работа е многу одговорна работа, па дури и мали грешки и неодговорности можат да резултира со сериозни последици. На пример, во посериозни ситуации ", кога полицијата ги крши човековите права, тоа најверојатно ќе резултира со: ерозија на јавната доверба и поддршка (која е клучна за полицијата), изолација на полицијата од заедницата; спроведувачите на законот станува прекршувачи, човечкото достоинство е нарушено, иницирање на граѓански немири, меѓународни и медиумски критики и политички притисок врз владата и полицијата итн. "[15]

"Полициско работење е метафора за државната власт; капацитетот за употреба на сила е дефинирачка карактеристика на полицијата. Употреба на сила никогаш не е едноставна задача, но начинот на кој полицијата ја применува државната власт ни кажува многу за природата на заедницата и за политичкиот легитимитет."[16]

Поради ова полициското работење треба постојано да се темели на професионализам и континуирана процес на едукација со цел дејствијата на тортура и на нечовечко и понижувачко постапување и казнување под никакви услови и околности да не станат дел од секојдневното функционирае на полицијата.

Заклучок

Сериозноста на последиците кои ги предизвикуваат дејствјата на тортура и на нечовечко и понижувачко постапување и казнување ја наметнува потребата од правна регулирност на оваа исклучително негативна појава да биде правно регулирана како на меѓународно така и на регионално и национално ниво. Специфичната положбата на полицијата во едно демократско општество произлегува од фактот дека нејзините припадници, ја имаат единствена можност во општеството за легитимна употреба на сила во остварувањето на своите законски предвидените задачи и должности. Во контекст на претходоно треба да се напоменен дека  полицијата при своето дејствување е обврзана како темелена вредност да  ги почитува во целост човековите права и слободи, при што мора активно да ги заштитува и континуирано одржува условите за нивно спроведување. Сепак ова не претставува едноставна  цел, туку континуиран процес кој бара сеопфатни напори не само од страна на полицијата, туку и од страна на целата заедница и самата држава.

 

[1] Универзалната декларација за правата на човекот (УДЧП), Генерално Собраниe на Обединетите Нации, Резолуција 217А ( III ), 10 декември 1948; чл. 5.

[2] Член 3 " Забрана на мачење "; "Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување".

[3] Член 7 "Никој не може да биде подложен на мачење или на свирепи, нехумани или понижувачки казни или постапки. Посебно е забрането некое лице да се подложи на медицински или научен експеримент без негова слободна согласност".

[4] Колекција на договори на  Обединетите Нации; https://treaties.un.org/.

[5] Конвенција на ОН против тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, 1984 година, член 1.

[6] Национален превентивен механизам; Народен Правобранител на Р. Македонија; http://ombudsman.mk/.

[7] Факултативениот протокол кон Конвенцијата на ОН против тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување; 2006; член 1.

[8] Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа; http://www.cpt.coe.int/en/about.htm.

[9]Ibid.

[10] Устав на Р.Македонија; Собрание на Р. Македонија; 08-4642/; 17 ноември 1991 год, член 11.

[11] Устав на Р.Македонија; Собрание на Р. Македонија; 08-4642/, 17 ноември 1991 год, член 54.

[12] Кривичен законик на Р.Македонија; Службен весник на Република Македонија" број 80/99, број 4/2002 година, број 43/2003, број 19/2004, број 81/2005, број 60/06, број 73/06, број 7/08, број 139/08, број 114/09, број 51/11, број 135/11 , 185/11, број 142/12, број 166/12, број 55/13, број 82/13, број 14/14, број 27/14, број 28/14, број 115/14 и број 132/14.

[13] Ibid, член 403-а и член 404.

[14] Прирачник за демократско полициско работење; Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ); Виена 2008; стр.22.

[15] Прирачник за демократско полициско работење; Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ); Виена 2008.

[16] Candace, McCoy; "The Cop's World: Modern Policing and the Difficulty of Legitimizing the Use of Force"; Human Rights Quarterly, Vol. 8, No. 2 (May, 1986), Johns Hopkins University Press; p. 273.