Македонски Shqip English

Зоран Дранговски

Враќање на нерегуларните мигранти согласно договорите за реадмисија и меѓународните стандарди

Нерегуларната миграција е еден од најголемите предизвици со кој што се соочува Република Македонија денес, а имајќи ја предвид географската локација, Македонија се наоѓа на Западно-балканската рута на мигрантите која што од Турција води кон Западна Европа. Токму преку оваа рута во периодот од јуни 2015 до март 2016 транзитираа приближно еден милион државјани на трети земји што претставуваше предизвик за целиот државен систем почнувајќи од капацитетите на институциите, координацијата на терен како и заштитата на човековите права и владеењето на правото. По официјалното затворање на рутата во март 2016 година, не постојат легални можности овие лица да транзитираат кон земјите од Западна Европа и единствена можност е да го сторат тоа на нерегуларен начин, а полицијата со сите свои капацитети се обидува да ги спречи овие движења.

 

Во официјална изјава на министерството за внатрешни работи се вели “Почнувајќи од 8 март 2016 година, откако земјите членки на ЕУ ја затворија Западно-балканската рута, па до 12 мај 2016 година, откриени се вкупно 11.803 мигранти, сите на влез во Република Македонија при илегален обид за преминување на македонско-грчката граница, и тие се вратени во Република Грција. Секој обид за нелегален влез во Република Македонија е спречен од полициските и армиските службеници заедно со странските полициски службеници распоредени долж граничната линија”.[1] 

 

Националниот превентивен механизам при посетата на ПТЦ Винојуг утврди дека на нерегуларните мигранти им се врши фотографирање и им се земаат само најосновните лични податоци од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи, по што без никакви официјални процедури и без водење некаква официјална евиденција, веднаш се депортираат на територијата од која нерегуларно влегле во Република Македонија. Како резултат на вака утврдената фактичка состојба, националниот превентивен механизам констатира дека оневозможувањето пристап до постапката за признавање на правото на азил на лицата сместени во шаторот на Хабитат непосредно упатува на флагрантно кршење и непочитување на правата на оваа категорија лица што им се гарантирани со националните закони и меѓународни акти.[2]

 

Осум бегалци, по потекло од Сирија, Ирак и Авганистан ја тужат Македонија пред Европскиот суд за човекови права, како се тврди, поради враќање во Грција на начин кој не е во согласност со меѓународните прописи, а на 13 септември поднесено е барање до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. По кризата која настана во Сирија, ова е прв настан од овој тип пред меѓународен суд да се појават бегалците кои беа на пат кон Европа. Во образложението се вели дека државјаните на Сирија, Авганистан и Ирак, две жени, од кои едната лице со посебни потреби и шестмина мажи, вкупно осум бегалци, на 14 март на граничниот премин Идомени ја преминале македонската граница, но македонските безбедносни сили ги фатиле и веднаш ги вратиле во Грција. Според нивните изјави, членовите на македонските безбедносни сили не повеле никаква истрага, не биле заведени и на дел од границата на која имало отвор во оградата, незаконски биле вратени назад. Македонија, која е потписник на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и Женевската конвенција, со што ги прекршила потпишаните конвенции. Со ваквата екстрадицијата на мигрантите надвор од Македонија, одземено им е правото за барање азил, што се противи на ЕКЧП и се бара казна за раководството на Македонија поради: „На 8 бегалци кои имаат законски права да поднесат барање за азил, не им било дозволено тоа, ниту им било дозволено да ја објаснат својата состојба.“ На 14 март 2016 година македонските сили назад вратиле околу 1.500 бегалци, кои од Грција преминале во Македонија.[3] 

 

Меѓународни стандарди за враќање на нерегуларни мигранти

 

Покрај меѓународните механизми за заштита на човековите права кои се однесуваат на сите луѓе, во однос на лицата кои се враќаат во последните години се развиени посебни политики и правни документи со кои се регулираат определени стандарди кои се аплицираат во различни ситуации на враќање, без разлика дали се работи на доброволно враќање или присилни враќања.

 

Некои од најзначајните се следниве

 

  • EU Directive on Returns
  • European Convention on Human Rights (ECHR)
  • Council of Europe Guidelines on Forced Return
  • Recommendations of the Committee for the Prevention of Torture
  • UNHCR’s ExCom Conclusion 96 (LIV) on the Return of Persons not in Need of International Protection

 

Европските земји постојано наоѓаат механизми со цел да организираат заеднички летови за враќање и да обезбедат взаемно признавање на решенијата за протерување и правните механизми кои ги регулираат овие ситуации. Фронтекс како агенција на ЕУ има мандат кога се работи за враќања,[4] а ЕУ обезбедува значителни средства со цел да се поддржат државите во нивните напори да отстранат луѓе од нивните територии. Дополнително ЕУ се фокусира на потпишување на договори за реадмисија со колку што е можно повеќе земји. Најзначаен правен инструмент со кој се регулираат овие враќања e “Директивата за заеднички стандарди и процедури во членките на ЕУ за враќање на државјани на трети земји кои престојуваат  илегално”. [5]

 

Оваа директива поставува заеднички правила за голем број на области кои се релевантни во процесот на враќање. Предвидува дека секој државјанин на трета земја кој нема право на престој (пр. Нема или има истечена виза, истечена дозвола за престој, одземено право на престој, негативна финална одлука по поднесено барање за азил...). Оваа директива не се однесува на лица кои се во постапка за признавање на право на азил. Нелегален престој се подразбира како престој на територија на земја членка на државјанин на трета земја кој не исполнува или повеќе не исполнува услови за влез, престој во земја членка. Дополнително потребно е да се осигура дека оваа директива нема да се применува во спротивност со одредбите и обврските од Женевската конвенција која се однесува на статусот на бегалците.[6]

 

Директивата се однесува на различни аспекти од процесот на враќање. Ја регулира постапката за издавање на решенија за враќање како и забрани за влез. Голем број на процедурални гаранции се предвидени за лицата кои се предмет на процедури за враќање како и правото на жалба и ревизија на решенијата за враќање, да се добие соодветна здравствена заштита, во случај да се работи за деца да имаат право на образование додека трае процесот на отстранување. Директивата исто така предвидува и правила под кои може едно лице да се притвори додека е во процес на отстранување, вклучувајќи и максимален период во кој едно лице може да биде притворено, како и условите за притвор. Посебно се однесува на правилата под кои деца се наоѓаат во услови на притвор и фамилии.

 

Миграциската контрола и самото отстранување од земјата има мало влијание врз запирањето на нерегуларните движења, особено во случаите кога волјата и мотивацијата на луѓето е голема. Мерките за враќање мора да бидат дел од поширок спектар на политики кои се однесуваат на менаџирањето на миграциите. Под законодавството на ЕУ, земјите членки мора да обезбедат временски период во кој што ќе се даде можност на лицето да ја напушти земјата доброволно пред да се пристапи кон присилно отстранување.

 

Лицата кои што немаат потреба од меѓународна заштита треба да се процесираат на хуман начин и преку целосно почитување на нивните човекови права и достоинство. Доколку биде потребно, користењето на сила треба да биде пропорционално.

 

Според УНХЦР, безбедно враќање е враќање кое се реализира под следниве околности: Правна безбедност ( како што е амнестија или други гаранции за лична безбедност, интегритет, заштита од дискриминација, и гаранции дека нема да има казна или гонење по враќањето) и физичка и материјална безбедност. Концептот на достојно враќање подразбира елементи на враќање во кое лицата кои се враќаат нема да бидат предмет на физичко или психичко малтретирање, тие ќе бидат во целост информирани за условите по враќањето и ќе имаат доволно време да се подготват, и дополнително нема да бидат разделени од останатите членови на нивните семејства.[7]

 

Пред секое враќање потребно е да се имаат во предвид следниве гаранции:

 

  1. Доброволно враќање пред присилно враќање
  2. Осигурување дека се работи за доброволно враќање
  3. Non refulmont
  4. Сигурно и достоинствено враќање
  5. Единство на семејството
  6. Користење на притвор во процесот на враќање
  7. Должина на користење на притворот
  8. Услови во центрите за притвор
  9. Задржување на деца и семејства во процесот на враќање
  10. Право на правна помош и советување
  11. Процедурални гаранции поврзани со враќањето
  12. Присилно враќање на непридружувани малолетници

 

Важен механизам за справување со миграцијата се договорите за реадмисија и нивното спроведување. Во МАРРИ Миграциската анализа 2012 се вели дека прашањата за реадмисија биле меѓу оние кои предизвикале најголем интерес меѓу државите од Западен Балкан, што индицира дека е една од приоритетните области на политиките за справување со миграции.[8] Надлежен орган за донесување одлука за присилно отстранување од државата е Министерството за внатрешни работи. Во случај кога е одлучено дека странецот нема право да остане во Македонија, добива рок доброволно да ја напушти државата, а по истекувањето на тој рок ќе биде присилно отстранет. Сепак, оваа постапка се покажала како проблематична. Во случај на присилно отстранување, постапката предвидува предавање на странецот на претставници на државата чиј државјанин е или државата од каде што пристигнал.[9]

 

Сепак, проблеми настануваат кога треба да се радмитираат државјани на други држави. Бидејќи не постојат договори за реадмисија со државите на потекло на мигрантите (африканските и азиските држави), лицата се враќаат во државата од каде што влегле во Македонија. Обично, надлежните органи се соочуваат со потешкотии на ова поле. Имено, Македонија има потпишано Договор за реадмисија со Европската Унија кој претставува правна основа за реадмисија и враќање. Сепак, недостига протокол за имплементација со Грција.[10]

 

Заклучок

 

Иако официјално Балканската рута е затворен од март 2016 година, Република Македонија се соочува со два големи предизвици. Се поголем број на нерегуларни мигранти кои пристигнале на територија на Република Србија се враќаат на територија на Република Македонија на неформален начин без да се почитува договорот за реадмисија. Секојдневно голем број на лица кои остваруваат нерегуларен влез на територија на државата најчесто од јужната граница со Република Грција. Иако намерата на овие лица е да транзитираат кон земјите од Западна Европа, Република Македонија нема законски механизми со кои им овозможи таков транзит или престој на овие лица. Согласно законот за странци и законот за гранична контрола државата е должна да преземе мерки за обезбедување на државната граница како и да го ограничи движењето на лица кои оствариле нерегуларен влез. Секое постапување со лицата кои оствариле нерегуларен влез мора да биде во согласност со домашното законодавство и меѓународните стандарди и секој случај на арбитрарно постапување со овие категории на лица мора да биде санкционирано. Потребно е да се има посебен фокус кон ранливите категории на лица, жртвите на трговија со луѓе, а посебно кон непридружуваните малолетници. Република Македонија има обврска согласно Уставот да им овозможи меѓународна заштита на лицата кои се прогонувани или кои бегаат од војна, а капацитети на државата се токму во способноста да идентификува кој од сите луѓе во мешаните миграциски движења има потреба од меѓународна заштита. Секое враќање на нерегуларни мигранти без да се почитуваат законските обврски претставува груба повреда на човековите права.

 

 

 

[1] За два месеци Македонија вратила 11803 мигранти во Грција  http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=A01820A3C391E547B8F949571603E4A7

[2]  Редовна ненајавена посета во ПТЦ Винојуг, Гевгелија од страна на националниот превентивен механизам на 16.5. 2016 година.

[3] Push-backs at the Greek-Macedonian border violating human rights

https://www.proasyl.de/wp-content/uploads/2016/09/CaseReport_Idomeni_ECtHR_20160914.pdf

[4] Frontex missions and tasks http://frontex.europa.eu/about-frontex/mission-and-tasks/

[5] DIRECTIVE 2008/115/EC OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 16 December 2008 on common standards and procedures in Member States for returning illegally staying third-country nationals

 http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=OJ:L:2008:348:0098:0107:en:PDF

[6] Refugee convention http://www.unhcr.org/1951-refugee-convention.html

[7] Protection Policy Paper The return of persons found not to be in need of international protection to their countries of origin: UNHCR’s role

http://www.refworld.org/docid/4cea23c62.html

[8] МАРРИ Миграциска анализа 2012

 

[9] Закон за странците, член 106

 

[10] Аналитика - Анализа на националните политики и практики за справување со илегалната миграција и барателите на азил, страна 24