Македонски Shqip English

М-р Ирена Цуцулоска

Повторување на домашните постапки во Република Македонија по донесена одлука на Европскиот суд за човекови права

Повторување на домашните постапки во Република Македонија по донесена одлука на Европскиот суд за човекови права

Вовед

Извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) има огромно значење за заштитата на човековите права во Европа затоа што овозможува заштита на правата на индивидуата и превенира слични случаи на повреда на човековите права во иднина да се појават пред ЕСЧП.[1]  Европската конвенција за човекови права (во понатамошниот текст: ЕКЧП) ги обврзува земјите членки да ги извршуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (член 46 став 1 од ЕКЧП) како и одлуките донесени врз основа на пријателска спогодба (член 39 став 4 од ЕКЧП). Со цел да се имплементира оваа обврска, државите се должни да преземат индивидуални и генерални мерки. Генералните мерки имаат за цел да превенираат слични повреди во иднина како оние кои што во конкретниот случај биле констатирани од страна на ЕСЧП (преку измени во легислативата, промени на судска пракса или други мерки). Извршувањето на пресудите исто така бара преземање на индивидуални мерки од страна на државата кои што имаат за цел да стават крај на повредата во конкретниот случај и да ги ремедираат, онолку колку што тоа е возможно, негативните последици за апликантот. Ова вклучува исплата на сумата која што му е досудена на апликантот како правично обесштетување или која што е договорена помеѓу страните по пат на пријателска спогодба, како и други мерки кои што се потребни да се преземат во случај кога паричното обесштетување не може соодветно да ги отстрани негативните последици од повредата (како што е на пример повторувањето на домашната постапка)[2].

  1. Повторување на домашната постапка како индивидуална мерка за извршување на одлуките на ЕСЧП

Европскиот суд за човекови права во предметот Pampamichalopoulos v Greece[3] објаснил дека извршувањето на пресудата треба да биде направено „на начин на кој што се овозможува во најголема можна мера враќање во ситуацијата која што постоела пред настанувањето на повредата“. Во пресудата Brumarescu v Romania[4] Судот рекол дека државата има обврска да преземе мерки кои што “ќе имаат за цел да го стават апликантот во позиција во која што тој би се нашол доколку повредата не се случела“. Понекогаш паричниот надоместок на апликантот не е доволен за отстранување на повредата и враќање во поранешна состојба и во тој случај државите се должни да преземат и други мерки, како што е „повторувањето на домашната постапка“.

 Повторувањето на домашната постапка e индивидуална мерка за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која што често пати претставува и единствен начин на кој што може да се овозможи „restitutio in integrum“ за апликантот по донесувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права. Важноста на оваа мерка, како и фактот дека претставува единствен ефективен правен лек во одредени случаеви, довело до донесувањето на Препораката 2000(2)[5] од страна на Советот на Европа преку која што им се препорачува на државите членки ефективно да го гарантираат принципот „restitutio in integrum“ во своето национално право, во случај кога постои повреда на Конвенцијата и да овозможат постоење на соодветни можности за повторување на постапката во оние инстанци каде што Судот нашол повреда на Конвенцијата. Притоа повторените постапки мора да целосно да ги адресираат проблемите и недостатоците утврдени од страна на ЕСЧП.

  1. Повторување на домашните постапки во Република Македонија по донесена пресуда на Европскиот суд за човекови права

Во Република Македонија согласно важечите процесни прописи, овозможено е повторување на постапката по донесена пресуда на Европскиот суд за човекови права. Имено, постојат одредби во Законот за парнична постапка, Законот за кривична постапка и Законот за управните спорови кои што ја даваат оваа можност. Сите три постапки ќе бидат одделно разгледани подолу.

 

2.1.Повторување на домашната постапка согласно Законот за парнична постапка

Законот за парнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) во член 400 дава можност за повторување на постапката по донесена пресуда на Европскиот суд за човекови права. Оваа можност во РМ е воведена во 2005 година со донесувањето на Законот за парнична постапка (ЗПП). Оттогаш наваму постои одредена судска пракса на судовите во врска со примената на член 400 од која што може да се заклучи дека постојат одредени аспекти на овие одредби кои што можеби сеуште не се доволно јасно формулирани, поради што доаѓа до различни толкувања од страна на судиите и проблеми во примената на овие одредби.

Повторување на постапка по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур

                                                     Член 400

(1)Кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во Дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Македонија ги ратификувала, странката може во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права да поднесе барање до судот во Република Македонија кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена.

 

 Доколку го анализираме текстот на член 400 од ЗПП во самиот наслов ќе забележиме дека законодавецот зборува за “Повторување на постапка по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, што значи дека законодавецот во парничната постапка ја исклучил можноста да постои повторување на постапката по донесена „одлука“ на ЕСЧП (врз основа на случена пријателска спогодба или еднострана декларација), што не е случај со одредбите во кривичната и управната постапка каде законодавецот го употребува терминот „одлука“ на ЕСЧП.

Постојат доста примери од пракса каде што апликантите барале повторување на постапката врз основа на оваа одредба. Од анализата на судската пракса на Република Македонија произлегува дека постојат случаеви каде што како спорно се појавува прашањето од кога започнува да тече рокот од 30 дена за поднесувањето на барањето од страна на странката. И покрај тоа што во Законот е јасно наведено дека рокот од 30 дена започнува да тече од конечноста на пресудата на ЕСЧП сепак домашните судови при повторувањето на постапката во врска предметот Бајалџиев против РМ[6] не биле сигурни дали рокот треба да започне да го смета од моментот кога апликантот дознал за конечноста на пресудата или од самото настапување на конечноста. Сепак, на крај второстепениот суд ја затворил оваа делима потврдувајќи дека рокот треба да започне да тече од настапувањето на конечноста на пресудата, а не од моментот кога странката тврди дека дознала за конечноста на пресудата. Она што е особено важно да се напомене тука е дека пресудите на Европскиот суд за човекови права се објавуваат јавно на веб страната на Судот www.hudoc.echr.coe и од моментот на објавување тие се достапни на целата јавност вклучително и апликантите. Јасно е дефинирано во член 44 од ЕКЧП кога пресудите стануваат конечни (три месеци од датумот на донесувањето на пресудата, доколку не било побарано случајот да биде доставен пред Големиот судски совет) па оттука не би требало во иднина да постојат дилеми кај судиите при примената на оваа одредба од аспект на тоа кога треба да се смета дека започнал рокот за поднесување на барањето од член 400 од ЗПП, односно кога пресудата на ЕСЧП станала конечна.

Доколку добро се анализира член 400 од ЗПП, исто така може да се забележи дека законодавецот го условува судот повторувањето на постапката да води и кон измена на одлуката на судот со која што биле повредени човековите права и слободи на апликантот. Ова е потребно во иднина да се измени затоа што повторувањето на постапката не мора да значи дека одлуката на домашниот суд во одреден случај ќе се измени дури и доколку судот  ја отстрани повредата која што била утврдена во ЕСЧП. Она што е важно е при повторувањето на постапката домашниот суд да ги отстрани процесните недостатоци кои што биле направени во првата постапка (на пример, да сослуша одредени сведоци што не биле сослушани и сл.), а за кои што ЕСЧП рекол дека не се во согласност со ЕКЧП, што може но не мора да води кон измена на крајната одлука на судот. Треба да биде оставено на судиите самите да оценат дали отстранувањето на некоја процесна повреда на Конвенцијата, ќе води и кон суштинска промена на одлуката на судот во конкретниот случај или не.

Став 2 и 3 од член 400 од ЗПП гласат:

(2)Во постапката од ставот (1) на овој член соодветно се применуваат одредбите за повторување на постапката.

(3)Во повторувањето на постапката судовите се должни да ги почитуваат правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на основните човекови права и слободи.

 

 

Со оглед на тоа дека став 2 од член 400 упатува на примена на одредбите за повторување на постапката од ЗПП во овие случаеви, во пракса се појавуваат проблеми од аспект на тоа што во одредени случаеви судиите сметаат дека став 2 упатува меѓу другото и на основите за повторување на постапктата, што во предметот Наумоски против РМ[7] водело и кон одбивање на барањето за повторување на постапката од страна на првостепениот суд поради тоа што ниту еден од основите за повторување на постапката не можел да се примени на конкретниот случај, игнорирајќи го фактот дека член 400 став 1 самиот по себе претставува основ за повторување на постапката. Затоа во иднина е потребно член 400 да се толкува од страна на судиите како засебен основ за повторување на постапките различен од оние основи дадени во ЗПП, на што и укажал второстепениот суд во погореспоменатиот предмет.

Став 3 на овој член е доста јасен и ја истакнува уште еднаш должноста судовите да ги почитуваат правните ставови изразени во пресудите на Европскиот суд за човекови права.

 

2.2.Повторување на домашната постапка согласно Законот за кривична постапка

Законот за кривична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010, 100/2012 и 142/2016) дава можност за повторување на домашната постапка по одлука на ЕСЧП во член 449 став 1 алинеа 6.

 

Повторување на постапката во корист на осудениот

Член 449

(1) Кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако: 

....

6) со правосилна одлука на Европскиот суд за човековите права се утврди повреда на човековите права и основни слободи во текот на постапката.

 

 

Доколку се анализира текстот на оваа одредба може да се забележи дека овде законодавецот го користи терминот „одлука“ (за разлика од ЗПП каде што фигурира терминот „пресуда“) со што се оди чекор понапред и се остава отворена можноста за поднесување на барања за повторување на постапката дури и по донесена одлука на судот врз основа на пријателско спогодување или еднострана декларација. И покрај тоа што досега не постои таков случај во пракса, не е исклучена можноста во иднина тоа да се случи.

За разлика од ЗПП каде што оваа можност за повторување на домашната постапка е вметната во посебен член, во ЗКП тоа е направено со вметнување на нова алинеа во генералната одредба за повторување на кривичната постапка во член 449, каде што повторувањето на кривичната постапка по одлука на ЕСЧП е предвидено како посебен основ. За разлика од граѓанската и управната постапка, Законот за кривична постапка не предвидува рок во кој може да се поднесе барањето за повторување на постапката.

Најчести проблеми кои што се појавуваат во пракса, а во врска со примената на оваа одредба, се проблемите околу застареноста на кривичното дело, што всушност е проблем со кој се соочуваат скоро сите земји членки на Советот на Европа кои што ја имаат воведено оваа можност.

Повторување на постапката

Член 43

Постапката окончана со пресуда или со решение ќе се повтори на барање на странката: 

            1)...

...

            7) по одлука на Европскиот суд за човекови права.

 

 

2.3.Повторување на домашната постапка согласно Законот за управни спорови

 Слично како и кај кривичните постапки, во Законот за управни спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 150/2010“) е воведена можноста за повторување на постапките по одлука на ЕСЧП во член 43 став 1 алинеа 7 како еден од основите во генералната одредба за повторување на постапките. И овде, законодавецот зборува за „одлука“ на ЕСЧП, со што се остава отворена можноста за поднесување на барања за повторување на постапката и по донесена одлука на судот врз основа на пријателско спогодување или еднострана декларација. Согласно член 44 на ЗУС кој се однесува на сите основи за повторување на постапките, повторување на постапката може да се бара најдоцна во рок од 30 дена од денот кога странката дознала за причината за повторување.

Заклучок

Република Македонија е една од државите членки на Советот на Европа кои што имаат овозможено повторување на постапката по донесена пресуда на ЕСЧП и во граѓански и во кривични и во управни предмети, со што претставува позитивен пример за успешна имплементација на Препораката 2000(2) на Советот на Европа. Веќе постои и судска пракса на повторување на постапките во сите три области. Во секој случај потребни се сеуште обуки на судиите за примената на овие одредби, со оглед на тоа што во пракса се јавуваат одредени невоедначености.

Она на што во иднина исто така би требало да се поработи со цел подобрување на законските одредби кои ја даваат оваа можност во Република Македонија е отстранување на невоедначеностите помеѓу трите постапки во нивната формулација (различни рокови, различна дефиниција[8]) кои што би можеле да доведат до различни толкувања и потешкотии во пракса при примената од страна на судовите.

 

[1] Déborah Forst, The Execution of Judgments of the European Court of Human Rights Limits and Ways Ahead, ICL Journal © Verlag Österreich, Vol 7-3, 2013.

[2] Council of Europe, Department for execution of the judgments of the European Court of Human Rights http://www.coe.int/en/web/execution/home.

[3] Види предмет: Papamichalopoulos and Others v Greece, App No. 14556/89 (31 November 1995), Series A no 330-B, paras 37-39.

[4]  Види предмет: Brumarescu v Romania, App No. 28342/95 (23 January 2001), ECHR 2001-I, para 19.

[5] Recommendation No. R (2000) 2 of the Committee of Ministers to member states on the reexamination or reopening of certain cases at domestic level following judgments of the European Court of Human Rights, https://search.coe.int/cm/Pages/result_details.aspx?ObjectID=09000016805e2f06

[6] Бајалџиев против РМ, А.бр. 4650/06.

[7] Наумоски против РМ, А.бр. 25248/05.

[8] ЗПП зборува за „пресуда“ додека пак ЗКП и ЗУС за „одлука“.