Македонски Shqip English

Д-р Фиданчо Стоев

СУДСКА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И ПРИНЦИПОТ НА СУПСИДИЈАРНОСТ

                                                                                                Неправдата каде и да е

                                                                                                закана  на правдата е

                                                                                                насекаде

                                                                                                     Лутер Мартин Кинг

 

           

 

 

  1. Човековите права како врвен идеал

 

 

          Во средината на минатиот век, со и преку ООН, современиот свет е преуреден врз темелните идеи: слобода, правда и мир.

          Основа на овие идеи е вербата во најголемиот и највеличествен идеал: „признавањето и почитувањето на вроденото човеково достоинство (вредноста на човековата личност), еднаквите и неотуѓивите права на сите луѓе-членови на човештвото“. Тоа беше предизвик, наспроти тиранијата, угнетувањето, сиромаштијата и војните (непочитувањето и омаловажувањето на човековите  права и слободи).

          За таа цел од меѓународната заедница и од националните држави беа прокламирани и прифатени начела и инструменти за :

          -владеењето на правото и демократијата, во кои тежишно место зазема заштитата на човековите права и слободи;

          -начелото на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска заради нивен меѓусебен баланс и за рамнотежа која би била  еден вид брана за спречување на злоупотреба и за меѓусебна контрола;

          -слободата на пазарот, конкуренцијата  и претприемништвото како услов за напредок, но и за социјална  правда.

          Овие  фундаментални  начела на современото општество-заради нивно остварување и почитување, неминовно доведоа до:

          1) Создавање и примена на меѓународен  правен поредок- со општо-прифатени меѓународни норми и правни стандарди.

          2) Утврдување  на универзални-основни човекови права и слободи – чие  признавање и гаранција е задолжително за секоја современа (демократска и правна држава).

          3) Создавање  на концепт (принципи) на независно судство, со создавање  на национални  и меѓународни судски институции, нивна  основна функција, заштита на човековите права и на правниот поредок во секоја современа држава, прокламирајќи  како основно право на секое лице: правично судење, јавно судење, судење во разумен рок од независен и непристрасен суд и по однос на граѓанските  права и по однос на кривичните обвиненија.

          Современиот свет, за жал, не функционира така, односно не се одвиваат, земено глобално, работите и животот на поединецот, на народите и на државите според овие меѓународни правила и норми.

          Повеќе генерации се сведоци дека светот е далеку од прокламираниот  цивилизациски  идеал, од почитувањето на вроденото човеково достоинство и дека во процесот на глобализација се јавуваат  нови облици на тероризам и дискриминација, дека несопирливо се шири  економската  беда и еколошката катастрофа, дека трговијата со луѓе , со дрога и оружје се` повеќе добива  масовни размери. Сепак, се` уште  вербата ( и надежта) на мнозинството луѓе, пред се` на обичниот човек,  во хумано и цивилизирано општество не е изгубена. Во нивно име бројни национални и меѓународни организации и институции постојано се ангажирани за усовршување на инструментите и на средствата за почитување и заштита на човековите слободи и права.

 

 

  1. Важноста на начелото на поделбата на власта 

     од аспект на  човековите права

 

 

          Позната е мислата дека „стремежот за слобода, но и за власт човекот ја носи во себе“. Од појавата на светот и векот човекот  постојано го следи нечија „власт“: на родителот, на учителот, на шефот, на лидерот на партијата, а од сите најсилна и најреална е -власта  на државата. Тоа е неминовност, зошто човекот е социјално  суштество и му е потребен организиран живот, напредок, ред и поредок во заедницата. Но, наспроти власта, која е синоним на неслободата, човекот го носи во себе и стремежот  за слобода, правда и достоинство, па затоа настојува, се бори за демократска власт, за подобар живот и за поправеден поредок.

          Основата и легитимитетот на политичката власт низ вековите  имала различни објаснувања и верувања; од мистификацијата дека е дадена од бога или е семејно наследство, до  насилно извојување или демократско освојување. Повеќе  од два века преовладува уверувањето и практиката дека единствено демократски избраната власт, врз основа на гласот на мнозинството граѓани, има легалитет и легитимитет.

          Искуствата во современиот свет потврдуваат дека и во овој таканаречен „најмалку неправеден облик на  демократија“ политичката  борба за власт станува опсесија затоа што носи моќ и благодет. Да се влезе во политичката елита и да се почувствуваат привилегиите, почестите и благодетите неминовно раѓа силен мотив и нескротлива  желба да се задржи тој статус. Политичката елита, чиј состав е релативно стабилен, не би била тоа ако не е способна и вешта да понуди  нови надежи, ветувања и илузии за кои на граѓанинот-избирач  не му останува ништо друго освен да ги прифати или да се определи за друга партиска програма и надеж.

          Ако е тоа така, разбирливо е зошто начелото на поделбата на власта постојано се проблематизира, е актуелно и се преиспитува,  барајќи нови средства и институции за негово успешно функционирање како брана, односно како бариера за спречување на злоупотребите на власта.

          Дали тоа ќе биде така многу зависи од реалното функционирање на политичкиот плурализам  и од обезбедувањето демократски избори. Во современи услови поединецот е немоќен, па успешното и законитото функционирање на една влада, без оглед дали ќе биде еднопартиска или коалициска, не може да се замисли без силна  парламентарна опозиција и без реално остварување  на  тројна поделба на власта.

          Сепак, во крајна линија, во рамки  на судството, кое е  носечка   институција на судската власт, епилог добиваат главно повеќето конфликти во политиката и во економијата и се отстрануваат  повредите на поединечните човекови права и слободи. Оттука и силниот стремеж и постојаните обиди на политичката власт за дирекни или за посредни влијанија и контрола на носителите на судската власт.

 

  1. Судството како носечка институција во

    заштитата на  човековите права

 

          Би можело да се каже, во заштитата на човековите права, основен  проблем е општо-познатиот факт присутен и на меѓународно и на национално ниво (повеќе или помалку во одделна земја) - маргинализацијата на правото и недоследното остварување  (занемарување) на начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, што се` заедно негативно се одразува на почитувањето и заштитата на човековите права.  Наспроти таа состојба, продолжува  процесот на глорификација и доминација на политиката и политичката (извршната) власт, која постојано наоѓа облици и средства - (отворено - со двојни аршини, или прикриено - преку двосмислени норми, односно со спротивставување на еден со друг меѓународен  принцип, на пример, принципот на „консензус“ во ЕУ со „правото на самоопределување на народите,, меѓу другото и за името на својата држава) реално- да владее и да ја наметнува својата политичка волја и интереси. Како инаку може да се разбере, во почетокот на ХХI век, наметнувањето на апсурдниот спор за името на Република Македонија, спротивно на основните меѓународни принципи и норми за еднаквиот третман на народите и државите, за човековото право на национален идентитет и достоинство, изразено во името на државата.

          Таа состојба, повеќе  или помалку, присутна е  и на национално ниво, со тенденции за недоследно остварување на начелото на поделбата на државната власт не само преку невоспоставување  на меѓусебниот баланс на соодвените институции - носители на одделните власти, туку и со проблематизирање на уставно - правните односи меѓу трите власти, особено со обиди за влијание и контрола на политичката  врз судската власт. Затоа денес, во современиот свет, повеќе од потребна е реафирмацијата на меѓународното и на националното начело за независно судство, кое, не само нормативно, туку и реално треба да добие и да има централно место и да биде `рбетник на владеењето на правото,  на демократијата и на заштитата на човековите слободи и права.

          Засега  нема поадекватна институција преку која најправедно можат  да се разрешуваат повеќето конфликти, злоупотреби на власта  и овластувањата, криминалните однесувања (од организираниот  криминал до корупцијата), отстранувањето на повредите на поединечните човекови права и слободи, односно нивната заштита и унапредувања.

         

  1. Меѓународните судски стандарди како супсидијарно начело во заштитата на човековите права

 

 

          Од аспект на заштитата на човековите права од посебна важност е Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи со чија ратификација,  во 1997 година, Република Македонија  ги презеде обврските што таа ги пропишува, а со кои се бара:

          -непосредна примена  на нејзиние норми од македонските судови во заштита на човековите права;

          -инкорпорирање и разработка на одделни нејзини начела и одредби во националното законодавство, посебно во законите од областа на судството.

          Ова поконкретно значи: 1) Конвенцијата стана обврзувчка за домашните судови; 2) секое лице во државава кое смета дека се повредени некои негови права и слободи, гарантирани со Конвенцијата, може да се повика на неа и да бара заштита пред  домашните  судови; 3) секое лице, по исцрпување  на правните лекови пред домашните судови, за повредените права и слободи може непосредно да се обрати пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП); 4) одлуките на Европскиот суд за човекови права со кои е утврдена повреда на некое право на лице се задолжителни за државите -  потписнички на Конвенцијата и тие се должни да ги почитуваат  и да ги извршуваат; 5) судската практика на ЕСЧП, имајќи предвид дека преку неа динамично и еволутивно се интерпретира и толкува текстот на Конвенцијата, постепено станува  извор на правото, не само во општите, туку и во континенталните правни системи во услови на хармонизација и на правото и на судската практика.

          Може да се каже дека постапно се надминува, како главен проблем, супсидијарната примена на меѓународните норми, односно прифакањето на меѓународните правни стандарди од националните законодавства.

          Денес се` повеќе центар на внимание е прашањето за супсидијарната примена на меѓународните судски стандарди, поточно  меѓународната судиска  практика во примената на одреден правен институт или норма, односно заштитата на одредено основно човеково право. На пример: кај судење во разумен рок појдовни принципи на оцена се сложеноста на предметот, однесувањето на странките и однесувањето на судот. Ова значи дека оцената за секој предмет флексибилно  е поставена  и судијата треба непристрасно и самостојно да ги оценува тие принципи врз основа на конкретните факти и докази. Доаѓаме до фундаментот: судијата мора да формира свое самостојно судско уверување врз основа на својата оцена  на фактите и доказите,  а сето тоа да биде базирано според правилата на соодветната судска постапка. Ова е и меѓународен  стандард: „судиите да бидат  апсолутно  слободни, непристрасно да одлучуваат по предметите  според нивното лично убедување и според толкувњето на фактите во согласност со постојните прописи.“

 

  1. Самостојното судско уверување и

         одговорноста на судијата

 

Централно прашање е самостојноста на судијата,   непристрасното судиско уверување и одговорноста на судијата во секој конретен предмет.

Во современите судски системи еден од основните принципи и стандарди во спроведувањето на правдата е самостојното судиско уверување (убеденост) на судијата при пресудување во секој конкретен случај. Ова затоа што, како што е познато, ПРАВДАТА се заснова и значи - почитување на правата на секој поединец. Во секој случај, правдата  нема да биде задоволена без  ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ. И токму судијата е тој кој има исклучително овластување да ја утврди вистината и да ја спроведе правдата.

Во согласност  со овие и со други принципи и правила за вршење на судиската функција, судијата, во секој конкретен случај, го оформува, го стекнува и го создава своето судиско уверување. Основна претпоставка е дека судијата, во пристапот кон еден предмет, се  придржува кон основните принципи на секој современ судски систем: независност и самостојност, непристрасност и чесност (значи без влијание, без притисоци и без мешања).

          Во секој судски процес, при тоа, најважна е објективно- субјективната интелектуална анализа  и перцепција на судијата,  а при тоа: а) на кои докази, обично противречни, повеќе или помалку сигурни и слично, земени поединечно или сите заедно, ќе им даде  верба и тежина, и поврзано со тоа; б) кои факти и околности ќе ги смета за решавачки и битни за случајот и кои од нив ќе ги смета за докажани или за недокажани; в) каков заклучок ќе изведе со подведување на утврдените факти под позитивниот пропис, односно кој закон ќе го примени и какво толкување и  интерпретација ќе даде за него.

          Право е на судијaта да ги оценува и да ги вреднува изведените докази, да ги смета за утврдени или за неутврдени  решителните факти за еден случај, односно врз основа на резултатите од доказната  постапка да ги толкува  и да ги вреднува решителните факти и согласно со тоа да примени еден или друг закон и да го толкува така како што тој ја разбира неговата смисла и цел. Врз таа основа можно е да се формира различно судиско уверување.

          Меѓутоа, сето тоа мора да биде јасно, логично, разбирливо, правно аргументирано и образложено зошто судијата одлучил така како што одлучил, изразувајќи го своето судиско мислење. Претпоставка  е дека таквото судиско мислење е резултат на совесно и одговорно, високопрофесионално и непристрасно, независно и самостојно водење и завршеток на судскиот процес. За таквото свое мислење судијата не може да биде повикан на одговорност или да биде разрешен од функција.

Самотојното судиско уверување  (мислење), формирано според  принципите и правилата на судската функција и професија, не значи неспособност или нестручно и несовесно вршење на функцијата, и обратно, неспособноста за вршење на судиската функција не смее да се поврзува, да се покрива и да се оправдува со самостојното судиско уверување. Овие две нешта меѓу себе се неспоиви и меѓу нив мора секогаш да се повлекува, да постои црвена гранична линија затоа што самостојното судиско уверување е израз на карактерот и природата  на овластувањата и должностите на судијата да ја утврдува и да ја спроведува правдата во секој случај. Без самостојно судиско уверување, нема  независно судство, нема  достапност до вистината и правдата. Големата општествена доверба што ја добива судијата со изборот е резултат на неговиот висок професионален и етички интегритет, на неговото знаење, умешност и  оспособеност за првилно  судење и пресудување.

Самостојното судиско уверување не може и не смее да биде правно неосновано, произволно, неаргументирано, пристрасно, несамостојно - тоа е негов  сурогат.

Мора јасно да се разгранични дека повисокиот суд ја цени  формалната и материјалната законитост на одлуката на судијата, а Судскиот совет ги цени, ги испитува и ги истражува мотивите, намерите и совесноста на судијата при донесувањето на одлуката. Судскиот совет мора да има укажување, докази или индикации дека во начинот на формирањето на судското уверување е повреден некој  принцип или правилото за непристрасно и самостојно, односно правично судење.

          Од аспект на заштитата на човековите права од исклучителна важност е домашните судии да имаат увид и да ја користат судската практика на Европскиот суд за човекови права, како супсидијарно помагало, како насока врз кои се` елементи и аспекти во еден конкретен предмет да го формираат своето судиско уверување, почитивајќи ги конкретните факти, околности и докази.

Иако примената на меѓународната судска практика  се` уште е на почетокот, треба да се очекува дека таа се` повеќе ќе има битно влијание на остварувањето на основната цел и функција на судството за правично судење и за спроведување на правдата.

          Принципот на супсидијарност во вршењето на судиската функција, од аспект на заштитата на човековите права, е исто така битен и условен од соодветното, согласно со Уставот и со законите, вршење на функциите на адвокатурата, на јавното обвинителство и на државното правобранителство, а во пошироки димензии и од улогата  и одлуките на Уставниот суд, од постапувањето на Народниот правобранител, од општествениот амбиент што се создава со активностите на  невладините организации, на медиумите и на јавното мислење.

Kolku naelata i mehanizmite: megunaroden praven poredok, univerzalnite covekovi prava i nezavisnoto sudstvo, obezbeduvaat uspe[no po;ituvawe i za[tita na ;ovekovite prava kako vrven ideal?

 

Dali vo sovremeniot svet e prisutna marginalizacija na pravoto na eden i klarifikacija na politikata (politi;ko-izvr[na vlast) na druga strana i kolku dosledno se po;ituva na;eloto na podelba na vlastta?

 

Kade e crvenata linija megu samostojnoto sudsko uveruvawe bez koe nema nezavisno i samostojno sudstvo i odgovornost na sudijata za pravi;no sudewe vo sekoj konkreten slu;aj?