Македонски Shqip English

М-р Драгана Кипријановска

Случајот Anders Breivik: повод за критицизам или поттик за имплементација на концептот на човекови права?

Случајот Anders Behring Breivik ќе остане запаметен во поновата историја како еден од најгроморозните случаи од масовни размери, непознати во норвешкиот правен систем од периодот на Втората Светска војна.                    

Се работи за случај што сериозно ја разбранува експертската и пошироката јавност и повторно го реактуелизира прашањето за дострелот на заштита на човековите права загарантирани со основните меѓународни документи и со националните правни прописи на сите современи држави.

Едно кратко резиме на случајот упатува на следниве факти. На 24 август, 2012 година 32-годишниот Anders Behring Breivik, кој на јавноста и стана познат по неговите радикално десничарски сфаќања, беше осуден од надлежниот суд во Осло за акти на тероризам и за убиство со предумисла поради тоа што на 22 јули 2011 година во централниот дел на главниот град, со експлозија која настанала како последица на aктивирање на бомба во близина на владината зграда, лишил од живот 8 лица, за потоа на островот Утоја со употреба на оружје да убие уште 69 млади лица дојдени на летен камп за централно леви политички активисти.   

Во текот на истиот ден, Breivik бил лишен од слобода од надлежните власти и задржан во самица до почетокот на судењето. На почетокот на судскиот процес, обвинителството настојувало да понуди докази кои би ја поткрепиле тезата дека обвинетиот постапувал во состојба на непресметливост[1] и со тоа, да издејствува одлука за негово сместување во психијатриска установа (insanity plea strategy).[2] Посебен акцент бил ставен врз фактите и недостатоците што тој ги презентирал во неговиот манифест познат под називот „2083: Европска декларација за независноста,“ која претставувала своевидна збирка на неговите политички идеи и визии за културно-конзервативната револуција.[3] Сумарно, една од главните цели врз кои се засновала стратегијата на обвинителството била во тоа да го прикаже Breivik пред судот и пред пошироката јавност како личност со суманути идеи и милитантна ултранационалистичка заднина, како и да ги разбие неговите уверувања за тоа дека тој дејствувал во улога на некаков потенцијален херој и модел на однесување што треба да го следат останатите десничарски радикали.[4]

Breivik меѓутоа, се спротивставил на ваквата стратегија, не сакајќи да остане обележан како „луд“ бидејќи сметал дека ваквиот епилог за него би имал крајно понижувачко дејство. Според неговото уверување, „сместувањето на еден политички активист во душевна болница не би претставувало ништо друго, туку садистички чин, далеку понехуман од посегнувањето по неговиот живот. Тоа е судбина која е полоша и од самата смрт.“[5]                                                                                                                                                И не само тоа, тој, со своето однесување пред судот ни малку не настојувал да издејствува позитивна одлука и да биде ослободен од издржување на казната, ниту ги негирал извршените дела. За него судскиот процес претставувал прилика за прибирање поголем број симпатизери и поддржувачи на мисијата што ја заговарал.[6] Како резултат на тоа, обвинетиот побарал од своите застапници да ја променат претходно развиената стратегија и со сите расположливи аргументи да ги побијат тезите на обвинителството за тоа дека наводно, постапувал во состојба на непресметливост.

Со одлуката на судот од 24 август, 2012 година Breivik бил осуден на безбедносна карцерација (безбедносното лишување од слобода - “forvaring,“чл. 39-в ст. 1 од КЗ)[7] во траење од 21 година, со можност за продолжување на временскиот период на издржувањето на санкцијата сѐ додека постојат причини што упатуваат на неговата опасност за околината.[8]

Треба во овој контекст да се истакне дека на споменатиов случај уште се гледа како на своевиден тест на кој претходно беа изложени добар дел од останатите европски држави, за тоа дали и во која мера нивниот национален правен систем останува доследен на концептот на почитување на човековите слободи и права и владеењето на правото, дури и тогаш кога треба да изнајдат одговор и да се справат со сторители на брутални и немилосрдни терористички акти кои во основа, претставуваат негација на основните вредности на хуманоста.[9] Не помалку, ваквиот тест важи и во поглед на условите на лишување од слобода, меѓу другото и тогаш кога се работи за делинквенти со ваков (криминален) профил.

Овие дилеми останаа неразрешени и предизвикаа серија реакции и по донесувањето на одлуката на Окружниот суд во Осло, во април, 2016 година.                                Имено, на 1 јули, 2015 година, г-дин Breivik ја обжалил пресудата на судот, тврдејќи дека условите со кои се соочил во затворот биле во спротивност со одредбите од чл. 3 и oд чл. 8 од Европската Конвенција за човековите права (во понатамошниот текст: ЕКЧП).

Соодветно внимание заслужува стојалиштето на Окружниот суд кој во случајов, оценил дека норвешките судски власти го прекршиле чл. 3 од Конвенцијата што содржи забрана за тортура, како и изложување на други облици на нехумано и понижувачко постапување.[10]  Судот, од друга страна, не нашол повреда на чл. 8 од Конвенцијата.

Вака изведениот заклучок се покажа како доста контроверзен и поттикна натамошна расправа проследена со различни и не ретко, спротивставени сфаќања. Главната недоумица се однесуваше на тоа како е возможно и која е оправданоста оние кои извршиле терористички акти, да се повикуваат на повреда на условите на третман, истакнувајќи дека тие не го задоволуваат потребниот стандард загарантиран со меѓународните документи за човековите права?

Оваа теза секако, не смее да се потцени, но, таа, истовремено, мора да се разгледува во контекст на природата на одредбата од чл. 3 од ЕКЧП: забраната за мачење, нечовечно или понижувачко постапување, за разлика од повеќето материјални одредби од Конвенцијата и оние содржани во Протоколите, спаѓа во категоријата на апсолутно заштитени, недерогабилни права и од неа не постојат исклучоци, дури ни во оние случаи кога се работи за јавна опасност која претставува закана за нацијата. Со други зборови, природата на извршеното казнено дело е ирелевантна за потребите и целите на одредбата од чл. 3 од Конвенцијата.[11]                                                                                                                                Постојат, од друга страна и тврдења дека Судот сепак, може да најде дека не постои  повреда на правата загарантирани со чл. 3 од ЕКЧП кога се во прашање сторители на терористички акти, без притоа, да ја доведува во прашање природата на ваквите дела. Имено, независно од тоа што забраната за мачење, нечовечно или понижувачко постапување претставува апсолутно заштитено недерогабилно право, таа, сѐ уште може да се смета за релативна, во смисла на оцената на сразмерноста при одредувањето дали е задоволен долниот праг („minimum level of severity“) за примена на погоре цитираната одредба од Конвенцијата.[12]

Во конкретниов случај, апликантот бил сместен во посебен затворски оддел од највисок безбедносен тип („særlig høyt sikkerhetsnivå“), најнапред во Ila Detention and Security Prison, а потоа во Telemark Prison, при што, за сето време на издржување на санкцијата се покажало дека тој се наоѓал во состојба на добро физичко здравје. Иако, му бил овозможен пристап до три затворски ќелии кои располагале со простор за живеење, вршење работни и физички активности, а му било дозволено и да го продолжи универзитетското образование, да користи компјутер, да прима посети, итн., норвешкиот суд посебно укажал на фактот дека г-динот Breivik, покрај контактите со затворските службеници, скоро и да немал никаква интеракција со останатите затвореници, а единствен интерес пројавувал за оние посетители кои биле од редот на неговите десничарски истомисленици, коишто контакти пак, му биле забранети, со оглед на безбедносниот режим во установата.[13]

Дополнително, Окружниот суд во Осло заклучил дека затворските власти треба да настојуваат да обезбедат сместување и на други затвореници во ист затворски оддел, како би се олеснила комуникацијата помеѓу нив и со тоа, би се избегнало сакнцијата да претставува поголем товар за осудениците отколку што е тоа неопходно.                                  Покрај другите околности, Окружниот суд обрнал внимание и на писмата на г-динот Breivik, во кои тој упатил на можноста да ги нападне и да се справи со затворските власти доколку кај него постоела таква желба, како и да изработи оружје користејќи ги средствата што ги поседувал во неговата ќелија. Независно од тоа, судот застанал на ставот дека писмата, сами по себе, не може да се ценат како одлучувачки факт, односно дека она што треба да се уважи се конкретно преземените дела, а не пишаните зборови.

Што се однесува пак, на неговата задравствена состојба, извештаите покажале дека кај него не постоеле нарушувања предизвикани од условите на издржување на санкцијата, иако, во некои од нив биле потенцирани евентуалните ефекти што можеле да настанат како резултат на изолацијата (дезориентација, нарушување на помнењето, главоболки, анксиозност, и сл.). Овие симптоми, од друга страна, не одговарале на сликата што тој настојувал да ја прикаже за самиот себе, претставувајќи се како здрава и среќна личност. Осврнувајќи се на овие прашања, судот сепак, признал дека е навистина тешко да се заземе дециден став за состојбата на менталното здравје на обвинетиот. Дури и ако се тргне од тоа дека тој е душевно здрав и следствено на тоа, казнено одговорен и способен да учествува во судењето што се води против него, сепак, кај него, постоела дијагноза на растројство од нарцисоиден вид и антисоцијалност, што упатувало на тоа дека тој страдал од одредени душевни аномалии. На крајот, судот ги прифатил аргументите на одбраната кои се засновале на тоа дека обвинетиот во основа, бил психички ранлива личност, за што особено требало да се води сметка за време на неговото задржување во установата.

Окружниот суд во Осло заклучил дека норвешките служби за корекција навистина, вложиле значајни усилби и ресурси во обезбедувањето соодветни услови за сместување на г-динот Breivik, иако, според мислењето на судот, безбедносните аспекти заслужувале поголемо внимание при одредување на режимот на издржување на санкцијата. Со оглед на високиот степен на безбедност на затворските оддели, судот не нашол доволно основи што упатувале на тоа дека од обвинетиот зрачела сериозна опасност, соодветна на онаа која се смета за потребна за негово задржување во услови од ваков вид. Во таа смисла, судот застанал на позиција дека постои одредена контрадикција помеѓу оценката за опасноста на обвинетиот, неговото (добро) однесување во затворот од моментот на лишувањето од слобода и строгоста на режимот на кој бил изложен.                                          Консеквентно на тоа, со одлуката од 20 април 2016 година, судот во Осло оценил дека условите на извршување на санкцијата применети во случајот на г-дин Breivik, претставуваат облик на нечовечно постапување во смисла на чл. 3 од ЕКЧП. Притоа, судот посебно го подвлекол предолгото времетраење на изолацијата, непостоењето доволно оправдани причини за чување во самица, вклучително и отсуството на соодветни административни механизми за изјавување жалба. Како особено понижувачки судските власти ги земале условите на издржување на санкцијата во првиот затвор во кој бил сместен обвинетиот - Ila Detention and Security Prison (така, ставање лисици при секој обид за движење, неоправдано вршење физикален преглед при излегување од затворот, независно од тоа дали обвинетиот одел да на суд или сл., дури и во присуство на чувари од женски пол и на отворено место, итн.).[14] Норвешкиот суд едновремено, заклучил дека државните власти треба да му исплатат на обвинетиот надомест на судски трошоци во износ од 330.937 норвешки круни.

Сосема очекувано, пресудата на норвешкиот суд поттикна широка дебата и послужи како повод за различни толкувања, од оние што по секоја цена настојуваа да ја прикажат во лоша светлина поради незаслужениот публицитет со кој успеа да се стекне еден бескурпулозен злосторник, до оние кои со особена гордост гледаа на ваквата одлука, интерпретирајќи ја како рефлексија на концептот за доследно почитување и заштита на човековите права, независно од видот и карактерот на делата извршени од страна на сторителите на казнени дела, врз кои исто така, се протегаат споменативе права.                        И покрај ваквиот исход, норвешкото Министерство за правда, на 26 април 2016 година одлучи да ја обжали вака донесената пресуда, упатувајќи на погрешно утврдената фактичка состојба од страна на судот, како и на неправилната примена на правото. Следниот стадиум треба да го означи одлуката на Апелациониот суд (Borgarting Court of Appeal), кој допрва треба да се произнесе со повод изјавената жалба.[15]

Резултат на случајот Breivik е и Извештај за прашањата во врска со способноста за вина во кривичното право, вештачењето и заштитата на општеството,[16] изготвен во октомври 2014 година, од страна на посебно формираниот Комитет од страна на норвешката Влада.[17]                                                                                                                                Независно меѓутоа, од обемностa на овој документ во кој се адресирани повеќе важни прашања за концептот на непресметливоста (така, оправданоста од натамошното опстојување врз медицинскиот модел и целисходноста од евентуално прибегнување кон одредена варијанта на мешовитиот модел, улогата и значењето на судско-психијатриското вештачење во кривичните предмети и ингеренциите на психијатриските вештаци, заштита на општеството од опасните делинквенти, преиспитување на постојните основи за исклучување на способноста за вина, ретроспектива на норвешкиот казненоправен систем во делот на овие прашања, вклучително и анализа на меѓународното право и на компаративните искуства важни за концепцијата на непресметливост), вака изнесените стојалишта и заклучоци, гледано од денешен аспект, останаа да постојат како сеопфатна теоретска експликација без притоа, да поттикнат натамошни иновации во системот на казнената правда.[18]

 

 

* Докторанд на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

[1] Дефиницијата на непресметливоста е дадена во одредбата од чл. 44 од Кривичниот законик на Норвешка која гласи: „не е кривично одговорен сторителот кој во време на извршување на казненото дело страдал од психоза, тешка душевна заостанатост или пак, не бил свесен за делото што го врши.“ Инаку, првиот психијатриски извештај изготвен на барање на судот, покажал дека обвинетиот Breivik страдал од параноидна шизофренија и дека дејствувал во психотична состојба во време на извршување на нападите, како и во периодот на вештачењето.

[2] Како важен потег на обвинителството во функција на ваквата стратегија, се зема обидот да го побие постоењето на меѓународната христијанска воена организација позната под називот „Knights Templar”, на која Breivik тврдел дека ѝ припаѓа, поопширно за судењето на Breivik пред норвешките власти, в. De Graaf, van der Heide, Wanmaker, Weggemans, The Anders Behring Breivik Trial: Performing Justice, Defending Democracy, ICCT Research Paper June (2013), 5 итн.

[3] Breivik, Anders, “2083: A European Declaration of Independence,” London, 2011, http://fas.org/programs/tap/_docs/2083_-_A_European_Declaration_of_Independence.pdf.

[4]De Graaf, van der Heide, Wanmaker, Weggemans, The Anders Behring Breivik Trial, 5-7.

[5] Reuters, “Diagnosis of insanity would be ‘worse than death’, Norway killer says”, The Globe and Mail, 4 April 2012; в. и  http://www.bbc.com/news/world-europe-17733869.

[6] Еден од најтиражните норвешки весници, Verdens Gang, објави извадоци од писмата на Breivik испратени за време на неговиот престој во затворската установа. Меѓу поважните цитати е издвоен следниов: „The process looks like a circus with 450 accredited journalists from all over the whole world. I cannot say I look forward to it, but it is certainly a unique opportunity to explain the idea of 208,“ De Graaf, van der Heide, Wanmaker, Weggemans, The Anders Behring Breivik Trial, 7.

[7] Безбедносното лишување од слобода во норвешкото казнено законодавство се појави во 1929 година и претрпе дополнителни и суштински измени со Новелата на КЗ од 2002 година. Споменатава санкција е поставена како алтернатива на затворот и кон нејзиното изрекување судот пристапува тогаш кога примената на казната затвор со одредено времетраење се покажува како недоволна за заштита на интересите на општеството, под услов да се работи за потешки облици на криминално неправо, идентични со оние кои се наведени кај безбедносните мерки (чл. 39-39h од КЗ); текстот на норвешкиот КЗ е достапен на англиски јазик на http://app.uio.no/ub/ujur/oversatte-lover/data/lov-19020522-010-eng.pdf.

[8] Oslo District Court, “Les dommen i 22. juli-saken, avsagt 24 august i Oslo tingrett”, Final verdict in the 22nd of July trial (24 August 2012), http://www.domstol.no/upload/DA/Internett/domstol.no/Aktuelt/2012/toslo-2011-

188627-24.pdf.

[9] Сепак, општиот впечаток присутен во јавноста, но и во академската мисла е дека норвешкиот суд сепак, успеал да ги запази основните стандарди и да одговори на барањата за почитување на човековите права, водејќи едновремено, сметка и за интересите на жртвите и за оние на пошироката заедница, дури и тогаш кога се работи за особено опасни злосторници, Mujezinović Larsen, The inhuman treatment of a terrorist: Reflections on the Norwegian Breivik case, Osservatorio Costituzionale, Associazione Italiana dei Costituzionalisti, (2016), 1-2.

[10] Oslo City Court, case no. 15-107496TVI-OTIR/02, 20 April 2016, текстот на пресудата е достапен на англиски јазик на http://www.domstol.no/contentassets/cd518ea4a48d4f8fa2173db1b7a4bd20/dom-i-saken-om-soningsforhold---15-107496tvi-otir---abb---staten-eng.pdf.

[11] ECHR, appl. no 59450/00, Ramirez Sanchez v. France (judgment, Grand Chamber, 4 July 2006), пар. 116, 150.

[12] Ibid, пар. 150; така и Mujezinović Larsen, The inhuman treatment of a terrorist, 3.

[13] Подетално в. во Пресудата на Окружниот суд во Осло (Oslo City Court, case no. 15-107496TVI-OTIR/02, 20 April 2016), 4-7.

[14] Mujezinović Larsen, The inhuman treatment of a terrorist, 5-7.

[15] Mujezinović Larsen, The inhuman treatment of a terrorist, 9.

[16] Criminal Capacity, Expertise and Societal Protection, Official Norwegian Report NOU 2014: 10 https://www.regjeringen.no/contentassets/42efeed9ff864a8f891aa6536748e264/en-gb/pdfs/nou201420140010000engpdfs.pdf.

[17] Gröning Linda and Georg Fredrik Rieber-Mohn, Proposal for New Rules Regarding Criminal Insanity and Related Issue, Norway post-22 July.” Bergen Journal of Criminal Law and Criminal Justice, Vol. 3, Issue 1, 2015, 110.

[18]Gröning and Rieber-Mohn, Proposal for New Rules Regarding Criminal Insanity and Related Issue, 109-131.