Македонски Shqip English

Д-р Наталија Шикова

Rule by Law, Not by Men!

Владеењето на правото е политичка вештина заснована врз постулатите на НЕУТРАЛНОСТ, УНИВЕРЗАЛНОСТ, ПРЕДВИДЛИВОСТ. Неутралноста подразабира правни ограничувања наметнати од закон, односно укажува дека основата за ограничувањата не е лична волја или арбитрарна одлука на владини функционери или на приватни актери. Универзалноста значи дека правилата важат за сите, дека владините акции се регулирани од правила, а владините претставници не се над правото. Предвидливоста, пак, е основа за правната сигурност и претставува заштита од приватно насилство, самоволие и самовластие.

 

За да зборуваме за владеење на право најнапред мораат да бидат исполнети одредени општи услови, а основниот е дека - Законите мораат да бидат генерални! Тоа значи дека не треба да се засноваат врз индивидуална волја, гола арбитрарност, дискрециски овластувања без смисла наменети само за одредени индивидуи, туку треба да реферираат на релевантни правни правила и принципи и да третираат слично - слични случаи! Почитувањето на законот мора да биде  возможно, односно луѓето треба да знаат што бара законот. Во таа насока, законите треба да се: јасни, јавни, стабилни, извесни. Луѓето треба да го разбираат законот, да знаат како функционира и да можат врз основа на него да ги предвидат своите сегашни и идни однесувања. Во секој случај законите треба да се спроведени од независни, отворени и пристапни трибунали, целосно и фер.

 

Оттаму, кога се зборува за владеење на правото најчесто се мисли на систем заснован врз правила за управување што вклучуваат цврст и пристапен правен систем кој пак претполага независна адвокатура и судство. Освен тоа, за владеењето на право витален предуслов е постоење на пишан устав и поделба на власта.

 

Историски преглед- развој на правна мисла

Идејата за владеење на право и се што таа опфаќа не е нова. Секако, поминала ни различни развојни периоди, добивајќи на длабочина и збогатувајќи ја својата суштина. Историски зачетоците на принципите на владеење на право датираат одамна. Уште Хамурабиевиот законик донесен 1750 п.н.е. во Вавилон предвидувал општи правила за однесување и за трговија и воспоставувал систем надгледуван од судии. Во Античка Грција (доцен VII и ран VI век п.н.е.) се сметало дека еднаш напишаните и објавени закони не се предмет на арбитрарно толкување од страна на привилегираната класа; тие треба да се универзални и генерални и да водат кон просперитетно и праведно општество, а судовите мораат да ги применуваат. Солон сметал дека треба да постои еднаквост на законите во однос на еднаквите однесувања на човекот, Херодот, пак дека магистратите се слободни, но не целосно – односно законот е нивен господар, додека Платон пак ги сметал магистратите за слуги на законот, а неговиот ученик Аристотел во својата Никомaхова Етика, напишал дека на совршен свет не му требаат закони, но несовршен може да опстане само меѓу оние чии меѓусебни односи се регулирани со закон.

 

Во поранешен Рим и Римската Империја, Законот на 12 таблички настојувал да регулира однесувања и да ги намали привилегиите или привилегираниот статус за лицата на штета на други, и иако покрај општиот закон постоеле и специјални права и привилегии, различни судови и судски процедури, пишаната форма на законот ја олеснила неговата употреба.[1] Во тој контекст Марко Аурелије се залагал за држава со еден закон за сите, а Цицерон сметал дека законите - праведни или неправедни – мора да се почитуваат и дека државата без закон е како тело без ум.

 

За основа на принципот на владеење на правото, онака како што го познаваме денес, значаен придонес има Св. Тома Аквински кој уште во средниот век истакнал дека моќта на кралевите произлегува од луѓето (повеќе отколку од Бога). Луѓето имаат моќ да му се спротивстават на неправедниот тиранин, а сите владетели мораат да го почитуваат законот.[2] Христијанската идеја за човекот како слика за Бог, идеите за слобода на личноста наследена од класичното римско право, го оформиле приватното право засновано врз личната автономија. Ова се однесува посебно за договорите и за сопственоста како апсолутно право, а не како за привилегија што може да е дадена или одземена од владетелот. Токму поради тоа и поради слични влијанија, во Англија во 1215 година е донесена Magna Carta Libertatum (Големата повелба) врз основа на која за првпат Англискиот крал Џон се согласил да владее само врз основа на закон, а  востановено е дека никој, дури ни кралот, не е над законот.

 

Во понатамошниот развој на правото се рационализирала правната процедура, се зајакнала позицијата на судијата или на обвинетиот и за првпат правото ги дефинирало правата и обврските. Истакнати документи се и Bill of Rights (донесен во 1688 година) со кој се елиминира моќта на кралот арбитрарно да апси без да постои прекршување на кривичното право, односно - се ограничува моќта на монархот. Во овој период, според Џон Лок владината легитимност зависи од волјата на народот, а владеeњeто на правото бара авторизирани и независни судии за одржување  на општата волја легитимирана од владата. Уште еден не помалку значаен акт е Habeas Corpus Act од 1679 година, што утврдува дека обвинетите имаат право на сослушување пред суд, за да се утврди нивната вина. Според овој акт владата нема право да затвора без причина или да делува над правото.

 

Христијанската теологија кое барала јавните конфликти да се предмет на закон, како и особениот развој на западната мисла конечно резултирала со воспоставување на принципите на владеење на право.[3] XVIII век е најплоден во однос на ова поле. Во таа насока Монтескје во делото Духот на законите (1748 година) истакнал дека судиите мораат да го следат законот. Кога законодавната моќ е соединета со извршната моќ во единствено тело на управа или на единствена личност, тогаш нема слобода, бидејќи постои страв дека истиот монарх или сенатот што ги создале тиранските закони, тирански ќе ги спроведуваат![4] Волтер, еден од најзначајните мислители ќе потенцира дека законот мора да биде јасен, униформен и прецизен. Тоа укажува на универзален став против арбитрарноста и неконтролираниот деспотизам. За Волтер најдобра форма на влада е онаа во која индивидуата е предмет на познати и јасно изразени закони.

 

Во време на просветителството и либерализмот се истакнува значењето на индивидуалните права. Позитивните права претполагаат морална обврска. Тие ги поседуваат сите и државата не смее да ги прекршува. Негативните права бараат воздржување од интервенција. Овие начела се  прокламирани во Француска буржоаска револуција од 1789 година, како и во Американска декларација за независност од 1776 година.

 

Оваа плејада на документи и размисли за владеењето на правото и придобивките од него се заокружува во XX век со воздигнување на моралниот елемент на владеење на право, неговото проширување и екстензивно толкување. Па така, за Роналд Дворкин[5] и за Џозеф Раз[6] интегрален дел од принципот на владеење на правото е промоцијата на демократија и заштитата на човековите права.

 

Владеењето на правото во системот на ОН и ЕУ

Во Системот на ОН принципот на владеење на право е втемелен во најважните документи на ОН. Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година, во третиот став од Преамбулата го истакнува владеењето на правото како основа за заштита на човековите права: “Бидејќи е суштински човековите права да бидат заштитени со владеење на правото, за човекот да не биде принуден последниот излез да го бара во востание против тиранијата и угнетувањето”.[7] Не помалку значајни се и Меѓународните пактови за правата на човекот од 1966 година, Конвенцијата против геноцид од 1948 година, Конвенцијата против тортура од 1984 година, според кои легитимитетот на правниот и на политичкиот систем произлегува токму од владеењето на правото и општата волја!

 

Но, потребата од ефективен систем за владеење на право е и дел од сите регионални документи на ниво на ЕУ, и е неопходен услов за државите што сакаат да бидат примени во членство на ЕУ. Во таа насока, принципот на владеење на правото е дел од политичките кри­териуми усвоени од Европскиот совет во Копенхаген од 1993 година[8] наменети за зем­јите аспиранти кон Унијата. Според Советот, за да станат членки, државите мораат да бидат плурални, редовно да спроведуваат слободни избори со тајно гласање, да го почитуваат владеењето на правото, да се потписнички на Европската конвенција за човекови права и фундаментални слободи.

 

Уште повеќе владеењето на право е темелна вредност на ЕУ.[9] Според овој концепт приматот на правото е основен принцип на секој демократски систем што настојува да поттикне и да промовира права, без разлика дали се граѓански и политички или економски социјални и културни. Ова подразбира опции што овозможуваат граѓаните да ги бранат своите права. Принципот што ја ограничува моќта на државата најдобро е промовиран преку репрезентативната влада која го влече својот авторитет од суверенитетот на народот. Овој принцип мора да ја обликува структурата на државата и прерогативите на различните моќи. Тоа подразбира: законодавен дом што им дава полн ефект на човековите права и основни слободи; независно судство; ефективни и достапни правни средства; правен систем што гарантира еднаквост пред законот; затворски систем кој е хуман; полициски сили во служба на законот; ефективна извршна власт што го спроведува правото, способна да воспостави социјални и економиски услови неопходни за живот во општеството.[10]

 

Оттаму, иако е тешко да се утврди прецизна дефиниција - што всушност претставува владеење на правото јасно е дека владеењето на правото има „лабава“ дефиниција која значи задоволување само формални услови, односно не се води сметка за праведноста на законите, туку  дали постојат специјални процедурални атрибути кои правната рамка мора да ги има за да биде во согласност со владеењето на правото, и друга поцврстата дефиниција, која се фокусира на поцврсти атрибути и бара задоволување на суштински услови. Модерната концепција за владеењето на правото која оди над формалноста и вклучува одредени супстантивни права од кои или врз основа на кои се изведува владеењето на правото.

 

Како овие концепти деновиве се отсликуваат во Р. Македонија?

Имајќи ги предвид квалитетите на концептот на владеење на право, историската важност што тој ја има како примат на секој модерен правен и политички систем, а особено неговата улога во однос на заштитата на човековите права, по и 25 години независност не може да се каже дека во Р. Македонија принципот на владеење на право заживеал во вистинска смисла на зборот. Иако владеењето на право е дел од темелните вредности на Уставот на Р. Македонија (член 8), во практиката занемарена е неговата суштината и неговата вредност, односно сé уште постои „лабавото“ поимање за концептот на владеење на право. Непочитувањето на постулатите врз кои тој се заснова укажуваат дека недостасува вистинско разбирање за овој концепт, а сведоци сме дека придобивките што произлегуваат од него се секојдневно релативизирани. Тоа е погубно за земја што настојува да стане дел од ЕУ, односно – држава што во најмала рака претендира да ги достигне европските вредносни стандарди. Но, и самиот обид за придвижување од лабавото кон поцврстото значење на владеењето на правото и воспоставување опции што ќе им овозможуваат на граѓаните заштита на своите права, е поразителен. Повеќе од очигледно е дека во Р. Македонија изостанува базичниот концепт на граѓанин, како единка свесна за своите права и обврски, и која рамноправно може да партиципира во креирање политики и носење одлуки, а со тоа да го гради и да го унапредува општеството, а не пак да се достигне модерното поимање за сé она што во себе го вклучува принципот на владеење на право. На најосновно правно ниво во Р. Македонија не постои универзалност, ниту неутралност, ниту пак предвидливост. Имплементацијата на законите е селективна, Владата најчесто е над законот а предвидливоста сосема изостанува. Кон ваквата ситуација на арбитрарност и правна несигурност придонесува и слабо развиената граѓанска свест. Ова е загрижувачки токму поради тоа што во нецелосно воспоставен систем на владеење на правото, систем што е предмет на постојани манипулации, слаба демократска јавна култура и недоволно репрезентативни институции - не може да се очекува просперитет на општеството. Во ваква ситуација, извесна е само промената на играчите на политичката сцена што програмски и идеолошки наликуваат едни на други, а граѓаните – кои се срцевина на  системот на владеење на правото, и чија првенствена цел е нив да ги штити, претставуваат обична маса, што акламативно прифаќа сé, не поместувајќи се од дефетистичка позиција нетипична за земји што во темелните вредности на својата политичка организација го имаат токму принципот на владеење на правото. Оттаму, за да се придвижиме кон историски значајните и неспорно вредни правни концепти, најнапред потребно е да се развие граѓанската свест преку соодветно образование. Наместо барање помош од надвор, потребно е да се свртиме кон внатре, кон зајакнување на сопствените капацитети, кон креирање граѓани кои критички ќе размислуваат, а потоа и ќе придонесат кон развој на нашето општеството. Бидејќи политичката култура се гради и се развува - одговорноста во тој процес е врз сите нас.   

 

 

 

 

 

[1] Hans-Bernd Schäfer & Alexander J. Wulf, “Jurists, Clerics, and Merchants: The Rise of Learned Law in Medieval Europe and its Impact on Economic Growth”, Journal of Empirical Legal Studies, Volume 11, Issue 2 (2014): 266–300

[2] John M. Finnis, Aquinas: Moral, Political and Legal Theory, (Oxford University Press, 1998); http://plato.stanford.edu/entries/aquinas-moral-political/#RulLaw

[3]  Franz Wieacker, “The Importance of Roman Law for Western Civilization and Western Legal Thought”, Boston Coll., Int’l & Comparative L. Rev. 4 (1981): 257- 273

[4] Charles Louis de Secondat, Baron de Montesquieu, The Complete Works of M. de Montesquieu (London: T. Evans, 1777), 4 vols. 9/9/2016;  http://oll.libertyfund.org/titles/1855

[5] Ronald Dworkin, edith Arthur Ripstein (University of Toronto Cambridge University Press, 2007)

[6] Joseph Raz, “The Rule of Law and its Virtue”, Oxford Scholarship Online: March (2012)

[7] Универзална декларација за правата на човекот, 1948

[8] Conclusions of the Presidency, European Council in Copenhagen, 21 – 22.06.1993 (SN 180/1/93 REV 1)

[9] Потенциран повеќе пати низ историјата на ЕУ како основачки принцип на Унијата, принципот на владеење на правото за прв пат доби уставотворно решение со Договорот од Амстердам од 1997 година (член 6(1) и член 7 од Договорот за ЕУ (сегашен член 2 од Консодилираната верзија на Договорот за ЕУ), види повеќе кај Ана Никодиновска Крстевска, Односот меѓу вредностите и политиката на Европската унија низ призмата на нејзината надворешна политика, (2-ри Август, Штип 2015)

[10] Communication on “Democratization, the rule of law, respect for human rights and good governance: the challenges of the Partnership between the European Union and the ACP States”, European Commission, COM, 1998