Македонски Shqip English

Маргарита Цаца Николовска

Уставна жалба

Уставна жалба

Обезбедувањето и заштитата на човековите права и слободи е еден од основните предуслови за функционирање на демократиијата преку принципот владеење на правото. Историски гледано од моментот на донесување на Универзалната декларација за човековите права на Организацијата на Обеднинетите Нации (ООН), активностите на ова поле се бројни. Покрај донесувањето и усвојувањето на Европската конвенција за основните човекови права и слободи (во понатамошниот текст: ЕКЧП) и нејзините пропратни протоколи, многу други меѓународни документи во оваа област ги третираат човековите права и слободи. Направени се безбројни усилби да се сфати значењето на овозможување на остварување на човековите права и слободи.

Преамбулата на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи укажува на целта што сака Универзалната декларација за човекови права да ја постигне а тоа да обезбеди општо и ефективно признавања и исполнување на правата утврдени во неа.  Советот на Европа пак како меѓународна организација има за цел да постигне поголемо единство меѓу своите членки и за постигнување на таа цел е потребата од заштита и развој на човековите права и основни слободи. Во овој документ се потврдува длабоката приврзаност на Советот на Европа кон оние основни човекови слободи кои ги чинат темелите на правдата и мирот во светот и чија заштита се заснова врз вистинската политичка демократија и врз заедничкото сфаќање и почитување на човековите права од кои тие слободи зависат. Во исто време потенцирани се еднавите стремежи на европските земји и заедничкото наследство на идеалите и политичките традиции, почитување на слободата и владеењето на правото, да ги направат првите чекори за колективно гарантирање на определените права утвредни во општата декларација. [1]

Следејќи ја содржината на ЕКЧП особено е важно да се извршува прифатената обврска на секоја земја да ги овозможува и заштитува човековите права и слободи не само преку теоретскиот пристап, што значи постоење на легислатива, туку тоа да се остварува во праксата, да се произведе правно дејство од постојната легислатива. Европскиот суд за човекови права (во понатамошниот текст: ЕСЧП) нагласува дека овозможувањето треба да биде остварено преку правните лекови кои ги овозможува секоја држава а кои треба да бидат ефективни или делотворни како во правото така и во практиката.[2] Според јуриспруденцијата на судот тие правни лекови да бидат делотворни, треба да бидат „реални и ефективни а не теоретски и илузорни“. Бројни се критериумите утврдени од страна на ЕСЧП за делотворноста на тие правни лекови и од пресудно значење е овозможување и обезбедување на соодветно обештетување, надоместување за претрпената повреда, но истовремено да се обезбеди и разрешување на суштината на засегнатото право. Во оваа насока секако дека е и остварување на постојниот принцип на супсидијарност и обврска за негова примена. Супсидијарниот принцип е презентиран и применуван преку ЕКЧП како еден од принципите на толкување на истата. Во понатамошното зајакнување на овој принцип е и Протоколот 15 на ЕКЧП со кој се презентира поексплицитно обврската на земјата – членка да преку националното законодавство врши заштита на човековите права и слободи во националните органи. Ваквата презентирана обврска одредени земји во регионот и пошироко ја имаат остварено порано, пред донесување на овој Протокол и негово ратификување, на начин што во меѓу другите предвидени правни лекови во националното право, ја имаат предвидено и можноста за покренување на постапка за остварување на заштита на човековите права и слободи пред Уставните судови како највисоки органи во земјите кои се надлежни за заштита на Уставот на дадената земја – држава. Ваквиот пристап е сосема прифатлив кога се има предвид дека во прашање се фунадаменталните права и слободи кои што фактички се уставно-правна категорија. Некои земји оваа можност ја реализираат подоцна, а некои се уште се во фаза на размислување каков пристап да остварат по однос на ова прашање.

Анализирајќи ги состојбите во регионот на поранешна СФРЈ лесно се вади заклучок дека ваквиот правен лек што го имаат обезбедено во својот правен систем се именува различно и тоа како: апелација - во Босна и Херцеговина, уставна тужба - во Република Хрватска, уставна жалба - во Република Србија и во Црна Гора. Именувањето на правниот лек е ирелевантно ако се има предвид што е целта на неговото воведување. Како што е веќе наведено првенствената цел за воведување на вакви правни лекови е највисокиот орган во државата кој што е фактички посебен и независен орган од редовното судство, одвоен и од законодавната и извршната власт, да го третира крајно прашањето на заштита на човековите права и слободи во државата. Во исто време тоа претставува крајна инстанца во државата во остварување на заштитата на човековите права и слободи пред остварување на можноста да се аплицира пред Европскиот суд за човекови права и слободи - ЕСЧП. Република Македонија иако ја има ратификувано Европската конвенција и протоколот број 15, супсидијарниот принцип, преку примена на правниот лек пред Уставниот суд за заштита на определени права и слободи, го има рестриктивно предвидено.

Потребно е да се нагласи дека Уставните судови како национални органи се и надлежни за заштита на Уставот на дадената држава. Примената на овие правни лекови пред Уставните судови е тесно врзана за претходното искористување на правните лекови како дадена законска можност за правна заштита. Во зависност од карактерот на поединечниот правен акт кој се оспорува пред Уставниот суд и содржината на самото барање зависи и карактерот на одлуката на конкретниот Уставен суд. Секако дека во овој сегмент од значење се и причините и даденото образложение на поднесеното барање. Заради поедноставување на обврските на заинтересираното лице наједноставен пристап до Уставните судови е пополнување на постојниот одреден образец кој што претставува иницијален акт за постапување пред Уставниот суд. Во регионот државите го следат примерот на ЕСЧП кој својот образец го има објавено на интернет страницата на судот. Имајќи ја предвид содржината на овие обрасци, заинтересираните лица даваат релевантни податоци и истите треба да бидат презентирани јасно и конкретно како би овозможиле Уставните судови ефикасно и ефективно да постапуваат по барањата.

Во текот на своето работење по правниот лек поднесен пред Уставните судови во наведените држави, истиот првенствено ја утврдува и констатира интервенцијата која што е направена во предметното право или слобода, се впушта во утврдување на прифатливоста на барањето, во самата содржина на истото и донесува одлука првенствено имајќи го предвид поставеното барање на заинтересираното лице. Меѓу другото, одлуките на Уставните судови се движат во насоки на поништување и укинување на поединечниот акт, враќање на предметот на постапување пред органот кој што ја направил евентуалната повреда, забраната за понатамошно вршење одредени активности, одредува отстранување на штетни последици во одреден рок, наредува вршење на одредени дејствија, враќање во поранешна состојба, надомест на материјална и нематеријална штета, како и објавување на својата одлука.

Ефикасноста и ефективноста во постапувањето на Уставните судови најдобро може да се оценува преку контрола на извршувањето на одлуките на Уставните судови. Извршувањето на самите одлуки е комплицирано прашање и одговорот може да се најде во секој поединечен случај. Потребно е да се напомене дека постојат голем број проблеми во извршувањето на одлуките на Уставните судови кое нешто го доведува во прашање ефикасното обезбедување и заштување на конкретното право или слобода. Ваквите проблеми секако дека понатаму се предмет на разгледување пред ЕСЧП не само од аспект на ефикасноста на правниот лек како таков туку и на самото остварување на човековите права и слободи гледано од процедурален и содржаен аспект.  

Состојбата во Република Македонија по однос на прашањето на постоење на можност за примена на правен лек пред Уставниот суд, а во врска со прашањето за остварувањето на заштитата на човековите права и слободи е поразлично од сите други држави во регионот, а и пошироко. За жал состојбата околу овие прашања не може да се оцени како позитивна и покрај тоа што теоретски постои можност во одредена област Уставниот суд на РМ да постапува во делот за заштита на одреден права и слободи иако во праксата и во тој мал одреден дел резултатите не се на завидно ниво. Согласно Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на РМ е орган на републиката која ја штити уставноста и законитоста. Ваквиот генерален опис на надлежноста на Уставниот суд е дообјаснет и проширен со другите членови од Уставот кои што го третираат прашањето на надлежност на Уставниот суд. Така, согласно член 110 од Уставот на РМ Уставниот суд на РМ ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверување, совеста, мислата и јавно изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Ваквата поставеност на Уставниот суд води до заклучок дека во делот за човековите права и слободи, евентуално со поднесување на некое барање би можеле исклучиво само одредени права да бидат заштитувани преку Уставниот суд. Нема одговор за ваквиот пристап. Може да се претпоставува само зошто уставотворецот се одлучил на ваков пристап, но во секој случај може да се констатира дека овој пристап е исклучително рестриктивен. Не е спорна околноста дека во постапките пред редовните судови постои можност да се овозможува одредена судска заштита меѓутоа идејата да се даде уставно-правен карактер на истата преку уставно-правна процедура не е остварена. Не е релевантно само ова прашање. Друго е прашањето што преку ваквата уставната поставеност се штитат во одреден дел слободите и правата на човекот и граѓанинот, а во одреден дел, односно во делот на забрана за дискриминација, истата се штити само спрема граѓанинот. Нема одговор за ваквиот пристап зошто постои разлика помеѓу човекот и граѓанинот кога обврската преземеена од ЕКЧП е дека секому под јурисдикција на дадената држава, во случајот РМ, е да му се обезбедат и штитат права и слободи утврдени во ЕКЧП и нејзините протоколи (член 1 од ЕКЧП). Во прилог на сето ова се секако вредностите и принципите веќе елаборирани во самата преамбула на ЕКЧП.

Рестриктивниот и лимитиран пристап постоеше можност да се исправи и да се измени со овозможување на воспоставување на правен лек – уставна жалба во времето кога се направи обид да се донесат одредени амандмани на Уставот во текот на 2014 година. Овие нацрт-амандмани кои што во тој период беа предложени, предизвикаа големи реакции во кои истите негативно се оценуваа. Содржината на овие амандмани предвиде воведување на институтот уставна жалба меѓутоа дадените аргументи воопшто не беа јасни и концизни, туку напротив се предлагаа со многу кусо несоодветно и неиздржано образложение и презентираа една состојба на конфузност особено кога се има во предвид воспоставување на систем на паралелизам и на потребата од ефективни и ефикасни правни лекови. Добро е што Собранието не ги стави овие нацрт амандмани на дневен ред бидејќи постоеја многу елементи за несоодветно постапување, меѓу кои: забрзаната собраниска процедура во отсуство на опозицијата и немањето на јавна расправа и стручни дебати околу содржината на овие амандмани.[3]

Што се однесува до паралелизмот на полето на постојните правни лекови за заштита на човековите права, се поставува прашање дали е потребно постоење на правен лек за погоре наведената заштита како пред редовното судство во граѓанска, кривична, прекршочна и управна постапка, така и пред Уставен суд. Ако се анализира праксата на ЕСЧП, истата и на одредени правни системи како и теоретскиот научно – академскиот пристап не е непознато да се дава можност за барање за заштита на правата и слободите во презентираните насоки, а тоа таа заштита да може да се остварува преку повеќе правни лекови. На заинтересираното лице е да одбере кој правен лек ќе го користи во ситуација кога нема со закон предвидена одредена хиерархија во таа постапка преку која се доаѓа до одлука со која што е направена финалната, крајна интервенција. Ова се разбира дека се прифаќа само во услови кога нема поврзаност во искористувањето на предвидените правни лекови.

Во овој домен уставната жалба или иницијалниот акт пред Уставниот суд за започнување на постапка за заштита на човековите права и слободи треба да се цени како неопходен правен лек за нејзиното остварување. Ова највеќе од аспект, како што веќе се напомена, дека станува збор за фундаментални права и слободи кои што се уставна категорија.

Што се однесува до можноста во РМ за заштита на правата и слободите директно да се остварува во постапка пред редовното судство, може да се констатира дека истата постои. Таа се остварува преку дадените законски решенија во разни области од правото при што директната заштита се остварува и преку Законот за облигационите односи (ЗОО) во делот за личните права. Во Законот за изменување и дополнување на ЗОО во член 9-а покрај заштитата на имотните права, регулирана е и заштита на личните права, а тоа секое физичко и правно лице да има право на заштита на своите лични права согласно со закон. Во ставот 2 од овој член не се наброени сите лични права но материјално правната заштита е возможна ако се има предвид измената на членот 142 од ЗОО со кој е извршено усогласување и дополнување на поимот што претставува штета, така што покрај обичната штета и испуштената корист како материјална штета, опфатена е и штетата настаната од повреда на личните права. Со ваква законска поставеност фактички дадена е можност да се ремедира состојбата во која што е извршена повредата за кое нешто праксата на ЕСЧП е јасна и децидна. Во оваа постапка, како и во сите други судски постапки судиите имаат обврска правилно да ја применуваат релевантната пракса на ЕСЧП.

За жал на ова поле не може да се детектираат успешни резултати имајќи ја предвид дадената погоре наведена можност.

Дали ова значи дека дадените можности за остварување заштита на човековите права и слободи во редовните судски постапки и лимитираната можност пред Уставниот суд се контрапродуктивни или нешто друго е во прашање!? Мора да се напомене дека особено Уставниот суд на РМ непрактикувајќи соодветно да ја третира крајната интервенција во даденото право или слобода и да донесува одлука која не ја ремедира состојбата, целосно ги обесхрабрува заинтересираните лица да ја користат дадената уставна можност. Секако дека треба да се додаде и непостоењето на вербата во независноста и непристрасноста во работата на судиите кое нешто е детектирано како од домашниот, така и од меѓународниот фактор.

Искуството и праксата на Уставните судови во регионот се во насока истите да можат да вршат интервенции во правосилните и конечните одлуки на националните судови. Тоа подразбира нивно укинување, поништување или преиначување со одредување на надомест за сторената повреда на одреденото право и слобода. Во одлуките на Уставните судови се среќаваат релевантни аргументи и причини за донесената одлука, како и напатствија за натамошното постапување без да се наруши принципот на самостојноста во надлежностите на редовното судство. Уставните судови во своите одлуки потенцираат дека не се судови од четврта инстанца, дека не навлегуваат во утврдување на фактичката состојба и дека ја оставаат можноста редовните судови да одлучуваат во делот за примена на материјалното право освен ако нивното постапување е арбитрерно. Ако станува збор за арбитрерност, истата е предмет на оценување од страна на Уставните судови.

Во секој случај потребно е да се направат сериозни напори да се овозможи ефективна и ефикасна заштита на човековите права и слободи во соодветна уставмно-правна постапка пред Уставниот суд кој е гарант на уставноста во државата. Со воспоставување на правниот лек уставна жалба се врши и уште една одредена и посебна контрола на правилната примена на Уставот врз постапувањето и на редовното судство во овој домен.

Во востановувањето на овој правен лек потребна е подолготрајна и експертска работа како од научно-теоретски аспект и од искуства во практиката и тоа како на национално поле така и на меѓународно, со примена и на компаративниот принцип. Секако дека за транспарентноста е потребно голем број и на јавни дебати, а тие да бидат организирани со цел да се даде можност на сите заинтересирани лица да се запознаат и евентуално придонесат во разрешување на ова важно прашање.

 

[1] Преамбула од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи

[2] Види пресуда Ротари против Романија

[3] Види реакција на Институтот за човекови права (ИЧП) во однос на нацрт амандманите на Уставот на РМ објавени на веб страната на ИЧП www.ihr.org.mk.