Македонски Shqip English

Проф. Слободан Унковски

МОЛК, ИЗВЕШТАЈ ОД ТЕРЕНОТ

Интервенција за фалсификување на меморијата и културата

 

 

Драмата на фалсификување на нашата колективна меморија, и бришењето на континуитетот на нашата култура е всушност длабока  драма на сопствениот идентитет на носителот на моменталната моќ овде, на шефот на партијата на власт. Елементи на грандиозност, предимензионираност, проекции,  се се’ само не реалност, зошто во овој случај,  реалноста се трансформира во склад со фиксациите на личноста, наместо таа да ги корегира.  Штетата што е направена на нашава сеуште кревка држава и нација е огромна.

Во таа рекомпозиција на реалноста, имаше некаков систем: Најнапред се доведоа во прашање потеклото  и културните столбовите на нашата нација, потоа се повторуваше ставот дека од сега почнува се, дека до сега немало ништо.

Во создадениот виртуелен свет, веќе скоро никој не знаеше што точно се случило, а со уривање и корумпирање на  печатените и електронски медиуми, просторот за јавен збор драматично и драстично се смали.

Зола ќе можеше во Македонија да го изговори своето Обвинувам, ама тоа ќе немаше каде да се објави. 

Се ресетираше меморијата на општеството и на државата, се воспостави зададен најнов почетокот на државата. Значајни автори во повеќе области беа лустрирани со крајно сомнителни постапки, а институциите служеа само по диктат и за целите на режимот.

Граѓаните, реинтерпретацијата на сите аспекти на своето постоење  ја добиваат како видео историја, раскажана низ владините квази документарни емисии, во форма на патетична турска ТВ серија, од раскажувачи кои како да биле на лице место: Тогаш Александар слезе од својот коњ, или Гоце сретна други дејци и сл. Реалното шоу, реалноста, и играната реалност од цунамито на  турски серии создаваат свет на заплеткани емоции во кој може да се потоне со часови без да се постави ниту едно прашање за својот сопствен живот и за состојбите во својата татковина.

За многумина во македонската култура, молкот беше услов за комотно преживување, без компликации, без загрозување на својот бизнис/творештво. Јасно им беше на сите дека од другата страна е мрачната страна на злоупотребената држава, агресивната владеачка структура, тајните служби. Тоа им беше опасно и привлечно истовреме, страв и фасцинација, творење и потчинетост, гордост и гушење на длабокиот срам.

За оние другите што имаа свое мислење  и потреба како некакви факели да го водат народот низ мракот на епохата, Партијата на власт имаше подготвено досијеа и ги изложуваше на закани од најразличен вид од черечење по своите портали и ТВ станиците под целосна контрола, до судење во политички нарачани процеси.

Квазидемократската институција Годишен конкурс на Министерството за култура е антологијски пример на Квака 22: за да добиете проект, треба да конкурира институцијата за вас. За да конкурира институцијата за вас, треба да ве покани за соработка, за да ве покани за соработка треба да сте погоден, односно да имате проект кој ќе одговара на необјавените а секаде присатни принципи на државната уметност.  Вашиот  проект во Министерството за култура го разгледува тајна комисија, резултатите се објавуваат без сумите кои се определени, а за кои подоцна се гледа дека се драматично различни во една иста област.

Уметноста е најчесто акт на единка со име и презиме, многу често со видливо лице или личност на авторот.  Уметникот е изложен. Се знае кој е. Како изгледа. Каде делува. Нема каде а и не може да се скрие.

 

Молк или говор. Каков говор, за кого? Говор против системот, против диктатурата. Ако уметноста е слобода, говор против гушењето на слободата, против злоупотребата на државата, против корупцијата. Такви ги имаше до скоро една дузина, не повеќе од тоа.

Одреден   број уметници пак сметаат дека овој систем конечно ги препознал како квалитетни за прв пат, им дал големи нарачки и кога еден ден како за возврат, се бара од нив да ги завршат нечистите работи за властодржецот, тие му служат без поговор. Зад секој од истакнатите поддржувачи на власта се тегне историја на привилегии, услуги, подмитувања од разни видови, добиени позиции или простени злоупотреби и криминали.

 

Груевски се појави како нарачател на уметнички работи на големо, како најголем мецена во современата македонска историја. Парите се народни, но тоа не е во моментов важно. Стотици вајари, сликари, преведувачи, писатели, глумци и режисери, оперски пеачи, музичари, композитори, архитекти, пеачи на народна и забавна музика, издавачи, леари на бронза, клесачи на мермер, и многу други, добија нарачки, работа во обем што не се памети и во димензии што не се знае дали било кога ќе се повторат а камо ли да се надминат.

На овие луѓе лукративноста им помогна да ја проголтаат срамната мисија за генската и историска модификација на македонското ткиво. За нив, во ситуацијата кога државата е единствениот нарачател/финансиер/ можен помагател на творештвото, да го искажеш својот став против неа, или да ги доведеш во прашање нејзините идеи, е како да го заколеш своето златно теле.

Еден уметник, ако е навистина тоа, своите фрустрации, стравови, трауми и внатрешен хаос може да ги артикулира низ своето уметничко дело и да и  ги понуди на пубиката, а лидерот на владеачката партија, тоа го прави со реалните животи, со реалната архитектура и систем, со реални (наши) пари, со разнебитување на нашата реална држава, со интервенции на сите нивоа, и во сите области за кои самиот се именува за врвен експерт и единствен судија. Мит е во Скопје дека тој самиот ги одредува местата за споменици, самиот ги корегира висините, го одредува материјалот и е проценител на естетиката. Нема комисии, нема совет, нема закон, нема процедура, освен оние кобајаги процедури на Град Скопје, за кои еден ден ќе се констатира дека не се по закон.

Не е едноставно да се објасни која е таа хипноза кај дел од македонските уметници, која е таа фасцинација и занес со грандоманските проекти на владателот.  Денес, со промените во ангажманот на граѓаните, со снимените разговори, со Протестирам, со климањето на позицијата на Екс премиерот, се повеќе уметници се јавуваат и се одвојуваат од режимот, декларирајќи се, можеби задоцнето, како противници на овој начин на владеење...

Еднаш порано мислев да се воспостави датум: кој се изјаснил до тогаш против системот, се смета дека проговорил и дека е првоборец против режимот. Кој молчел, се утврдува како соработник на власта, како поддржувач на погубните политики, како корисник на бенефитите од ваквото владеење, како соучесник во криминалот.

 

Но уметничката личност не е едноставна за разбирање. Некои ќе речат дека биле уплашени, други биле хипнотизирани, трети само така можеле да преживеат, четврти не сакале да губат години од својот живот кога се во најголем потенцијал. Петтите сватиле дека само со комплетно ништење на своето мислење, со немање став, со слепа покорност, со продавање на душата на ѓаволот ќе си купат значење и благосостојба. Некои занесени во своето творештво скоро да не забележале што се случува. Уметникот по природа често е слаб и пресензитивен, групите на некои од нив им нудат сигурност, заштита, снага, пари, моќ, значај, потенција. Групите го верификуваат нивниот евентуален талент. Жртвата има повторна потреба да дојде на местото на траумата и повторно да се сретне со Ноќниот портир.

Кога ќе помислам подобро, бидејќи не молчевме, овој режим ни зема десет години од нашето творештво. Нешто особено скапоцено што веќе не може да се врати. Од друга страна, зарем не беше наша задача да ја разбудиме совеста, да укажеме на манипулациите и злоупотребите, на гушењето на секоја форма на критично мислење и на сведување на творештвото овде на апологетско, кастрирано, безлично, лигаво, бесмислено постоење. Зарем не беше наша задача да ги извлечеме од моќната хипноза занесените и заведените од парите што се тркалаат по улица, од сумите што се бројат во милиони? Зарем не беше нашата задача да му ги осветлиме работите на народот, да му ги отвориме очите?

Еднаш споменав еден ќелеш тефтер за запишување кој молчел кога морало да се говори, кој служел кога морало да се покаже отпор. Некои од уметничките служителите на системот се растреперија по тој повод. Денес не го спомнувам, ама не е лошо да си запишуваме што и како.