Македонски Shqip English

м-р Весна Трајановска

ВИДОВИ ВКРСТЕНО ИСПРАШУВАЊЕ СО ПОСЕБЕН АКЦЕНТ КОН КОНСТРУКТИВНОТО ВКРСТЕНО ИСПРАШУВАЊЕ И НАЧИНИТЕ НА НЕГОВО ПРИМЕНУВАЊЕ

  1. Видови вкрстено испрашување. Во основа има три видови вкрстено испрашување: конструктивно (поддржувачко), деструктивно (дискредитирачко), а третиот вид е комбинација од конструктивното и деструктивното испрашување. Во доказната постапка, конструктивното и деструктивното вкрстено испрашување се алтернативни пристапи и се однесуваат на начинот на испрашување на сведоците и на вештаците.

1.1. Со конструктивното вкрстено испитување се прави обид да се добијат нови и корисни докази и факти кои сведоците не ги дале во текот на директното испрашување. Преку конструктивното вкрстено испрашување се прави обид без предизвикување, односно дискредитирање на кредибилитетот на сведокот кој бил повикан од спротивната страна, да се извлечат позитивни и погодни докази.

1.2. Додека од друга страна, пак, со деструктивното вкрстено испрашување, одбраната прави обид да се дискредитира сведочењето дадено од сведоците во директното испрашување како лажно или неверодостојно. Тоа се прави со поставување прашања со што се предизвикува сведокот да не се согласува со поставените прашања, се воспоставува и се одржува контрола над прашањата и единствено, се поставуваат наведувачки прашања на кои треба да се бара одговор само со „да“ или со „не“. Со деструктивното вкрстено испрашување целта е да се уништи или барем сериозно да се повреди кредибилитетот на сведокот или да се ограничи ефектот од неговото сведочење.

При сведочењето на еден сведок може да се искомбинираат и двете форми на испрашување - конструктивниот и деструктивниот пристап. Комбинацијата на конструктивното и деструктивното вкрстено испрашување е најчестиот вид вкрстено испрашување коешто се справува со предностите и суштината на сведочењата на сведоците и со предрасудите и недостигот од квалификации на сведокот. Изборот, сепак, се остава на самиот вкрстен испитувач.

  1. Конструктивно вкрстено испрашување. Вкрстеното испрашување често се идентификува со начинот на испрашувањето со кое се дискредитира кредибилитетот на сведоците и веродостојноста на доказите со цел да се уништи или, во најмала рака, да се редуцира таквиот убедувачки ефект на фактите кои се дадени во текот на директното испрашување. Меѓутоа, англискиот експерт Стон смета дека ваквото толкување на вкрстеното испрашување е, сепак, погрешно, бидејќи токму конструктивното вкрстено испрашување може, исто така, да биде важно во текот на испрашувањето на сведоците и доказите добиени од него.[33]

Преку конструктивното вкрстено испрашување се прави обид да се извлечат позитивни и погодни докази од сведокот кој бил повикан од спротивна страна, но без негово дискредитирање. Со ваквиот начин на испрашување се постигнува согласност со сведокот или со вештакот кои се предложени од спротивната страна. Во конструктивното вкрстено испрашување се прави обид да се нагласат недостатоците во квалификациите, академските наспроти практичните проширувајќи се во разни области со кои вештакот не е запознат со литературата осврнувајќи се на сè што тој го има напишано или, пак, на методологијата на неговата работа.[34] Со овој тип вкрстено испрашување и со поставување на прашањата се добиваат одговори кои го поддржуваат и го унапредуваат случајот на вкрстениот испрашувач. Во конструктивното вкрстено испрашување не се користат прашања за да се нападне сведокот. Наместо тоа, се користат прашања за добивање поволна информација од него, пример, прифаќање и потполнување на празнините на определените факти кажани од сведокот. Во ваквиот вид вкрстено испрашување се развива поволен доказ од сведокот повикан од спротивната страна. Станува збор за вметнување поволно сведочење кое ќе биде во корист на случајот кој го застапува вкрстениот испитувач. Тоа се додава на кредибилитетот и веродостојноста на доказите кои одат во негов прилог, иако доаѓаат од сведокот повикан од спротивната страна. Ако вкрстениот испрашувач сака да се потпре врз доказите на сведокот предложен од спротивната страна и да се извлечат докази кои го поддржуваат и унапредуваат сопствениот случај, би немало никаква смисла да се напаѓа кредибилитетот на тие сведоци.

Генерално, конструктивното вкрстено испрашување е најдобриот начин на почетокот да се започне со вкрстеното испрашување на секој сведок, дури и со тие кои се сериозни, пристрасни, приврзани или невистинити, па подоцна да биде сменето во деструктивно вкрстено испрашување, ако е неопходно. Се чини дека ваквите пријателски тактики, во нивната најголема пресметана форма, можат да бидат користени за да им наместат стапица на сведоците од спротивната страна. Таквите тактики можат да разоружаат дрзок и предизвикувачки сведок.[35] Откако ќе се предизвика кредибилитетот на сведоците на овој начин, сведоците сами ќе почнат да се борат за поени кај вкрстениот испрашувач за кои од него ќе бараат одобрување.[36]

  1. Начини на негово применување. Постојат неколку видови можности и механизми што го овозможуваат конструктивното вкрстено испрашување. Имено, конструктивното вкрстено испрашување може да има четири начини при негово применување, а тоа се, секако, следниве:
    • нагласување на нешто во директното испрашување,
    • нови осознанија,

3.3. нови факти или

3.4. презентирање алтернативен случај.

3.1. Нагласување претставува ставање на акцентот, односно придавање големо значење на одреден дел од исказот во текот на директното испитување на сведоците. Вкрстениот испитувач прифаќа некои поволни делови од исказот на сведокот или вештакот кој биле испитани во директното испрашување и се обидува да ги зајакне или прошири, без да ги промени, па така, како резултат ќе има подобар и убедлив ефект во доказната постапка. Тој може ова да го направи, така што ќе побара од сведокот да повтори нешто важно или со извлекување на истите докази од дополнителната точка на гледање. Нагласувањето, како еден од видовите на конструктивното вкрстено испрашување, се спроведува преку нагласување на нешто важно во директното испитување од страна на вкрстениот испрашувач со предизвикување на сведоците за да го повторат исказот појасно и поцелосно со покажување на погодните факти кои биле вметнати во релноста на ситуацијата, нивната меѓусебна поврзаност, причина и последица.

Пример, жртвата која го идентификувала обвинетиот во грабеж, може да го изјави следново: „сè се случи толку набрзина и јас бев многу уплашена, па тој не ме удри со чеканот”. Во ваквата ситуација, постои простор за нагласување од страна на одбраната. Тука може да се примени формата на истакнување на фактот за брзината на настанот, но и со упатување и на други факти, како што се на пример, краткото време земено од пешакот кој бил на самото место на настанот додека таа ги слушнала истрелите итн. Значи, вкрстениот испрашувач на одбраната може, исто така, да го развие сведочењето во врска со стравот на жртвата од удирање со чеканот што би можело да го натера да се фокусира на тоа, а не на лицето на напаѓачот.[37] Значи, тоа е една можна тактика што може да постави прашање и дава акцент дека штетните факти не биле толку лоши колку што реално можат да бидат.[38] Имено, линијата на испрашувањето, исто така, ќе ја истакне целта дека предметите биле ставени на видно место во собата и се гледале, дека тие биле лесни за носење и дека тие биле еден вид артикли што обично се продаваат во маркетите.[39]

3.2. Нови сознанија. Преку ваквиот начин на конструктивно вкрстено испрашување се прави обид да се извлечат нови сознанија од сведочењето на сведокот или вештакот предложен од спротивната страна и ова, обично, се состои од затворено набљудување на согледаните факти базирани од впечатоците со сугестија дека тие треба да значат нешто друго, а не тоа што го мисли сведокот. Понатаму, можат да се обидат да извлечат нови сознанија од доказите предложени од сведоците на спротивната страна.

Ако на едната страна и е дозволено да изведува такви докази без приговор и дури потоа со аргументирање во врска со допуштеноста, би било фер да се даде можност и право и на другата страна да и биде дозволено вкрстено да го испита сведокот за впечатливите докази. Иако таквиот сведок може непријателски да ги прифати таквите нови значења за набљудуваните факти, ефектот од вкрстеното испрашување може да биде зголемен до таа мерка што ќе го направи судот свесен за ваквата можност или ќе го нагласи тоа.

Во друга ситуација може тешко да се одделат фактите и гледањето на сведоците. Во оваа категорија би припаднале доказите на идентификација на препознавање или сличност. Повторно, проценката на сведоците на неговата ментална или физичка кондиција, чувства или мотиви, во реално време може да биде допуштено. Некои набљудувања се многу неодредени, нејасни, суптилни или двосмислени и можат да бидат комуницирани ефективно без прифаќање на некои лични податоци од набљудувачот.

Различен проблем може да произлезе во деталните докази, каде сведокот зборува дека набљудуваните факти кои можат да бидат неутрални, но кои во комбинација со други набљудувани факти, можат да бидат основа за важни заклучоци. Тука, би било несоодветно за сведоците да ги тврдат нивните гледања, бидејќи само судот може да извлече такви заклучоци од доказите.

Ако вкрстениот испрашувач се обидува да ги презентира новите значења, односно новата смисла на доказите, тој може да го стори ова преку модифицирање на доказите во врска со набљудуваните факти и со соодветни аргументи во неговите завршни зборови. Сведоците кои даваат детални, односно сеопфатни докази, во директното испрашување или во вркрстеното испрашување не треба да бидат прашани за заклучокот што тие го извлекле од таквите факти.

Доказите кои доаѓаат од впечатоците или импресија на сведоците, исто така, може да бидат дадени во врска со нови сознанија или ситуации. Ова се примери од општите изјави од фактите наследени од набљдувањето на другите посебни факти. Доказите од мислењето на вештаците, исто така, инволвираат значења (мислења) наследени од други факти и се отворени на оваа техника на утврдување нови значења. Ефектите од деталните докази зависат од изведувањето на доказите, додека судот, а не сведоците, прават вакви заклучоци. Во принцип, извлекувањето или модифицирањето на таквите заклучоци е работа за аргументирање во завршните зборови, а не за време на вкрстеното испрашување, одделно од земање на фактите на што можат да бидат базирани заклучоците.[40]

Предноста и недостатокот од поставување конечни, посебни прашања, тука се зголемува. Затоа е потребно да се застане веднаш, што може да биде повпечатливо за судот отколку да се продолжи со поинаквата интерпретација на сведокот. Поентата, исто така, може да биде направена во завршните зборови. Исто така, сведокот нема шанса да ја ослаби или да ја уништи саканата интерпретација со квалификација или со повлекување на неговите поранешни докази. Освен тоа, опонентот може да не успее во намерата да излезе во пресрет на точките од повторното испрашување повикувајќи се на други докази или на конечни аргументи. Од друга страна, поставувањето конечни, посебни прашања, исто така, има свои предности. Сведокот може да прифати нова интерпретација, како корекција признавајќи дека тоа што го рекол во директното испрашување, било погрешно. Во оваа ситуација, техниката била успешна, ако сведокот признава само дека значењето ставено на него е еднакво усогласено со фактите или најмалку со можностите. Алтернативната и поволната верзија од директното испрашување ќе биде презентирана на судот од сведочењето на спротивниот сведок. Ако сведокот го одбие ваквиот начин на поставување на алтернативната верзија, тој ќе изгледа дека е пристрасен.

Со оваа техника, на случајот може да му се даде нова ориентација и перцепција без модифицирање на основните факти. Директното испрашување може да биде ослабено преку поволноста на доказите водена од вкрстениот испрашувач или да биде создадено рационално сомневање во врска со одреден факт што е битен за донесување осудителна пресуда. Предностите се тоа да може да се направи без да се дискредитира сведочењето на сведоците како погрешно или невистинито.

3.3. Нови факти. Преку ваквиот вид на конструктивно вкрстено испрашување можат да се изберат нови факти, односно да се направи обид да се извлечат факти кои не биле кажани во текот на директното испитување од сведокот или вештакот повикан од спротивната страна. Ваквите докази можат да бидат многу убедливи, бидејќи доаѓаат од сведок кој бил претставен од спротивната страна, како веродостоен, доверлив и сигурен.

Типичната и вредносната форма на вкрстеното испрашување се состои од обидот да се донесат нови и важни факти коишто не се однесуваат на директното испрашување. Дали постојат можности од извлекување на еден таков материјал, ќе зависи од темелноста (сеопфатноста) од директното испрашување. Доколку обвинителството пропушти некои факти од испрашувањето, намерно или можеби изгледало дека тие биле безначајни, одбраната може да се обиде да ги изнесе на вкрстеното испрашување. Одбраната не е обврзана да го изведува секој доказ или да докажува што било, но мора неразумно да го заведува судот. Како и да е, ако за прв пат се појават нови и материјални факти во вкрстеното испрашување, тогаш ова може да биде спротивно на адвокатот кој го повикал тој сведок како сопствен. Тоа може да даде впечаток на лоша верба, недостаток од искреност (непристрасност) и потфат да се прикрие вистината. Се разбира, повремено, ако адвокатот намерно пропушти некои факти во директното испрашување во насока да намести стапица за непретпазливиот (несвесниот) вкрстен испрашувач кој, со зголемување на овие работи, повикува река од несакани сведочења.

Исто така, можно е адвокатите да испуштат нешто важно, едноставно, да направат превид во прецизните околности на кривичното судење. Во оваа ситуација, тие можат да очекуваат дека нивните застапници ќе ги потсетат. Според тоа, постојат многу ситуации во кои вкрстените испрашувачи имаат простор за избирање нови, корисни факти, но тие треба секогаш да бидат од корист и за напуштање на некои очигледни дупки или сомнителни точки во нивниот случај. Ова може да биде повеќе ефективна тактика. Адвокатите имаат тенденција и сакаат сè да биде во експлицитна состојба, но понекогаш, тишината може ним подобро да им послужи. Потрагата по нови докази треба да биде направена само доколку вкрстениот испрашувач знае кои се тие и може да предвиди дека тие ќе бидат корисни и не и единствени, бидејќи тие биле отсутни од главните докази на сведоците.[41]

Како неповолност во врска со барањето нови факти е кога вкрстеното испрашување поврзано со темата што била презентирана неадекаватно во директното испрашување, ќе и даде на страната која го повикала сведокот како свој, право да ги зајакне неговите докази со дополнително испрашување. Ако вкрстениот испрашувач поставува прашања на кој тој не може да ги предвиди одговорите, тој презема ризик и треба да продолжи со големо внимание. Додека вкрстениот испрашувач може да се обиде да го води сведокот со испрашување што сугерира одговори, доказите во врска со новите факти ќе бидат повеќе впечатливи, ако тие не се постигнати со такво наведување, но наведувањето може да биде барано со нерешителни сведоци.

Ако новите и важните факти се изнесени за прв пат во вкрстеното испрашување, тие, најверојатно, ќе бидат убедливи од нивните извори, но влијанието од таквите корисни докази може да биде редуцирано или одбиено со предизвикување на таквиот сведок во друг однос.

3.4. Алтернативен случај. Четвртиот и последен начин за конструктивно вкрстено испитување е алтернативниот случај. Преку ваквиот вид на конструктивно вкрстено испрашување, вкрстените испрашувачи ја ставаат нивната алтернативна верзија на случајот на секој од нивните сведоци кои се повикани од спротивната страна до одреден степен, каде тој има знаење за релевантните факти. Преку ваквиот начин не се прави обид да се негира што било од исказот на сведокот, бидејќи тоа може да понуди согласност од сведокот за нешто во случајот на вкрстениот испитувач што, ако се добие, би бил позитивен придонес.

Преку наведувачките докази можно е спротивставување на сведоците кои се подложени на вкрстено испрашување. Тоа им дава можност на прифаќање на сведоците, на одбивање или коментирање на презентираните докази од алтернативниот случај кој е презентиран од вкрстениот испрашувач. Неуспехот да се постави еден случај на овој начин, може да има спротивни последици и треба да биде одбегнат.[42]

            Најдобриот начин за примена на овој вид конструктивно вкрстено испрашување е преку вкрстено испрашување со помош на едно или две детални наведувачки прашања со што сведокот се прашува дали се согласува со тоа или не се согласува. Идеалното за овој вид конструктивно вкрстено испрашување е тоа што сведокот се ограничува и се контролира со одговори од типот „да” и „не”. Ова минимизира каков било дискредитирачки ефект од исказот на сведокот од спротивната страна. Ставањето на еден случај на сведокот или вештакот предложен од спротивната страна има друга вредност, дури, ако сведокот сам признава дека посакуваната состојба на фактите била можна, иако тој не одел толку далеку за да го прифати тоа. Ако го направи ова обвинителскиот сведок, тогаш одбраната може да го искористи како основа за тврдење дека постои рационален сомнеж што треба да води кон ослободителна пресуда. Како друга придобивка е ставање на еден случај на сведок или вештак предложени од спротивната страна кој е повеќе психолошки отколку логичен, а сугестијата тука се однесува на добро познатата човечка тенденција на прифаќање идеја, единствено, бидејќи тоа е презентирано, иако не постојат други причини за прифаќање.