Македонски Shqip English

Вања Михајлова

КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА - НЕЗАВИСНА, УШТЕ ЕДНА ПАРТИЗИРАНА И НЕФУНКЦИОНАЛНА ИНСТИТУЦИЈА?

Во Република Македонија со посебни закони (lex specialis) се формирани повеќе комисии и регулаторни тела кои се дефинирани како независни и самостојни, што би требало да гарантира дека се имуни на политичкото влијание на Владата и дека функцијата ја извршуват со стриктно почитување на владеење на правото и принципите на законитост, транспарентност, професионалност, непристрасност и еднаков третман  на сите граѓани. За реализација на оваа основна цел, со Законот се предвидува дека членовите на овие комисии и тела се именуват преку јавно објавен оглас, на кој ќе може да се пријави секое заинтересирано лице кое ги исполнува предвидените критериуми. Комисијата за прашањата за изборите и именувањата при Собранието на РМ, од пријавените кандидати изготвува листа на “подобни“ лица која ја доставува до Собранието на РМ кое ги именува членовите на овие комисии.

Истата постапка за именување на членови е предвидена и за Комисијата за заштита од дискриминација-тело кое има законска надлежност и обврска да ги заштитува правата и слободата на граѓаните кои ќе се обратат до неа. Имено, во член 8 од Уставот на РМ, основните права и правата на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и владеење на правото се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Република Македонија ги има потпишано и ратификувано сите меѓународни конвенции и други меѓународни договори со кои се гарантират основните права и слободи и забранува секој вид на дискриминација, тргнувајќи од најстариот ваков документ- Универзалната декларација на ООН за човековите права, од кои произлегува обврската овие фундаментални вредности да ги операционализира во домашното законодавство и имплементира во практиката.

Република Македонија усвои посебен Закон за спречување и заштита од дискриминација (објавен во “Службен весник на РМ“бр.50/2010). Во Законот се предвидени повеќе видови забрани, чија цел е превенција од дискриминација. Имено, согласно член 3, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или  со ратификуван меѓународен договор.

Согласно член 16 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган која работи во согласност со надлежностите утврдени со овој закон, а според член 18 од Законот, за член на Комисијата може да биде именувано лице кое е државјанин на Република Македонија и има постојано место на живеење во државата и кое има високо образование и искуство од областа на човековите права или општествените науки.

Од ова може да се оцени дека во Законот се дадени многу флексибилни критериуми кои овозможуват секое лице кое има високо образование од било која струка (дури и таква која нема никакви допирани точки со оваа многу сензитивна област) да може да биде именувано за член на Комисијата. Барањето кандидатите да имаат искуство од областа на човековите права, исто така, е растеглив критериум што овозможува и лица кои посетувале семинар од неколку дена во врска со човековите права да се промовират себеси за експерти од оваа област. Отсутвото како критериум за членување во ова тело да се бара од лицата да бидат реномирани и признати експерти во јавноста од оваа област, како и отсуството на барање за професионално искуство од определен број на години, отвора широк простор во Комисијата за заштита од дискриминација да бидат именовани лица кои немат, или имаат многу малку познавања од оваа област и кои го немаат соодветното професионално искуство, но кои се блиски со владеачката гарнитура, а огласот за пријавување за членови во ова тело да претставува обична фарса.

Улогата на Комисијата утврдена во член 24 од Законот, е круцијална за заштита на правата на лицата кои се дискриминирани по било кој основ, а широките законски надлежности кои и се доверени и дават доволен простор за делување во насока на ефикасна заштита од појавите на дискриминација, па оттука од посебно значење е нејзиниот состав и нивната посветеност за доследна имплементација на Законот.

За Институтот за човекови права (ИЧП) чија основна мисија е промовирање, унапредување и заштита на човековите права и слободи, вклучувајќи и заштита од дискриминација од секаков вид, од посебна важност е соработката со државните органи и независни комисии надлежни токму за заштита на овие основни права. Реализацијата на оваа цел, во многу ќе зависи и од составот на овие органи кој треба и практично да покаже дека е подготвен за вистинска соработка со невладиниот сектор кој има улога на “watch dog” и контролор на  нивната работа и во тој контекст да ги прифати сугестиите, мислењата но и критиките за нивната (не)активност, недоволна ефикасност во заштитата на човековите права и слободи, за селективност или пристрасност во извршувањето на нивната функција. Од овие причини, Институтот со посебен интерес го следеше именувањето на новиот состав на оваа Комисија, кое во јавноста предизвика многу контроверзии и сомневања дека (слично како и кај другите законски дефинирани независни комисии) се именовани лица блиски до владеачките партии, што уште од старт создава дилеми и недоверба во нивниот кредибилитет, непристрасност и независност во вршењето на оваа значајна функција. ИЧП преку барање за слободен пристап до информации, од Собранието на РМ го побара списокот на кандидатите за членови на Комисијата за заштита од дискриминација и биографиите на именованите членови. Институтот на жалост, не ги доби биографиите на сите кандидати, бидејќи според добиената информација од Собранието на РМ, истите им биле вратени на кандидатите откако биле одбиени, со што не беше во состојба да направи увид и споредба во врска со нивните квалификации и професионално искуство, со цел да се увери дека именовањето е извршено врз објективни критериуми за компетентноста, стручниот капацитет на кандидатите и професионалното искуство.

Од податоците кои ги доби Институтот за човекови права, се утврди дека на огласот за членови на Комисијата за заштита од дискриминација, биле пријавени дури 44 кандидати. При тоа е констатирано дека дел од ново-именованите членови на јавноста многу повеќе и се познати по нивните ставови со кои ги бранат политиките на Владата, отколку по нивниот ангажман за заштита од дискриминација, дел од членовите биле пратеници во Собранието на РМ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а други се во блиски роднински врски со функционери од владеачката гарнитура. Од биографиите на именованите членови на Комисијата за заштита од дискриминација, е видно дека одделни членови имале објавено трудови од разни области или учествувале на разни семинари и други настани, но истите немат допирни точки со заштитата на човековите права, ниту се работи за лица кои на јавноста и се познати како експерти од оваа област, додека одделни членови во биографиите ги наброиле сите семинари од други области на кои учествувале, во траење од еден или повеќе дена. Одредени трудови поврзани со заштитата на човековите права и одделни видови на дискриминација се нотирани само кај двајца членови на Комисијата, од кои еден член магистрирал на тема поврзана со недискриминација во меѓународното право и Европскиот суд за човекови права и имал објавено повеќе трудови, бил вклучен во проекти, истражувања и други активности поврзани со човековите права и дискриминацијата по разни основи, меѓутоа за пошироката јавност не е доволно препознатлив по јавни настапи и ангажмани во насока на практична примена на овие теориски знаења.

Она што посебно треба да се нотира е фактот што на огласот не се пријавил ниту еден од реномираните експерти од редот на универзитетските професори или од НВО секторот кои на јавноста и се познати поради нивниот ангажман и стручен капацитет, интегритет и професионално искуство во областа на заштитата на човековите права и превенција од дискриминација. Причината за ова треба да се лоцира во недовербата дека надлежната комисија за избори и именувања при Собранието на РМ и самото Собрание при именувањето ќе ги оценуват професионалниот капацитет, искуството и кредибилитет на кандидатите, како и  убеденоста дека огласот е обична фарса заради формално задоволување на законската обврска, додека имињата на лицата кои ќе бидат именовани се однапред познати и утврдени надвор од Собранието на РМ-во партиските штабови.

Забележително е што во новиот состав на Комисијата нема претставници од помалите етнички заедници, што претставува дискриминација на етничка основа, ниту претставник од маргинализираните категории на граѓани, кои што фактички се најмногу подложни на дискриминација и кои најчесто се обраќат до овој орган заради заштита на своите права.

Сомневањата дека во Комисијата за заштита од конкуренција се поставени лица блиски до владеачките партии наместо реномирани експерти од оваа област се потврдија со фактот што дури и по нивното именување оделни членови, вклучувајќи го и председателот на Комисијата, продолжуват да бидат гласноговорници на политичките партии преку разни форми на јавни настапи. Ваквото однесување е спротивно на законската поставеност на Комисијата како независен и самостоен орган и го руинира кредибилитетот на ова тело кое функцијата треба да ја извршува непристрасно, со строга дистинкција помеѓу партиските и државните интереси, особено што се работи за орган кој по дефиниција треба подеднакво да ги заштитува правата на граѓаните без оглед и на нивната политичка припадност. Со ова се губи довербата на граѓаните во интегритетот на членовите на Комисијата и во објективноста и непристрасноста при одлучување по нивните барања за заштита од дискриминација. Ваквото однесување на дел од членовите на Комисијата за заштита од дискриминација, креира сериозна загриженост кај здруженијата на граѓани за заштита и промовирање на човековите права и слободи дека Комисијата доследно ќе ја остварува својата основна мисија за која е формирана и принципите врз кои е заснована и дека во таа насока ќе соработува со невладиниот сектор, а во интерес на остварување и заштита на овие темелни вредности.

Со начинот на именување и делување првенствено на заштита на партиските наместо интересите на граѓаните, во јавноста се креира сериозно сомневање дека Комисијата за заштита од дискриминација ќе претставува уште една нефункционална институција, чие формирање е повеќе резултат на барањата на меѓународната заедница и обврските кои произлегуват од меѓународните документи, отколку заради вистинските потреби за заштита на човековите права и слободи загарантирани со Уставот на РМ.

За да се надминат ваквите слабости и се спречи партиското влијание врз работата на Комисијата преку именување на членови блиски до политичките партии, како и да се врати довербата во оваа институција, неопходно е да се:

  • изврши Измена и дополнување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и утврдат попрецизни и построги критериуми за именување на членови во ова тело по однос на нивната компетентност, интегритет и професионално искуство;

 

  • Со измените на Законот, треба да се предвиди и учество на здруженијата на граѓани кои се бават со заштитата на човековите права и слободи- во својство на мониторинг при изборот на членови во Комисијата од пријавените кандидати, но и како задолжително учество на претставници од граѓанскиот сектор во составот на Комисијата, особено од редот на маргинализираните групи на граѓани;
  • Исто така, потребно е да се следи примерот на земјите со развиена демократија и  во Законот да се предвиди забрана за функционерите и јавните службеници  да ја истакнуват својата партиска припадност и јавно да ги подржуват политичките партии и нивните политики, а за повреда на овие забрани да се предвидат и соодветни санкции, вклучувајќи и разрешување од  функцијата.