Македонски Shqip English

ПРЕДГОВОР

Почитувани читатели,

Со задоволство Ве информираме дека продолжуваме со издавање на стручното списание Правен дијалог, овој пат со финансиската поддршка на Цивика Мобилитас. Досега беа издадени 9 броја, а првото издание на Правниот дијалог беше објавено на 20 Ноември 2010 година. Почнувајќи од овој број 10, во иднина Правниот дијалог ќе се издава квартално.

Во времето на издавањето на Правниот дијалог, Институтот доби многу позитивни реакции од страна на домашни и меѓународни институции и организации кои го поздравија издавањето на ова стручно списание оценувајќи го истото како мошне корисно за унапредување на правната мисла, како за теоретичарите така и за практичарите, и дадоа голема поддршка за негово понатамошно издавање.

Тоа и беше мотив да продолжиме со неговото издавање, а со цел во Правниот дијалог да се презентираат мислењата и ставовите за актуелни теми кои ги засегаат правата и слободите на граѓаните во Република Македонија. Правните написи и написите за човековите права играат значајна улога во развојот на демократските процеси во секое општество и преку нив се влијае на развојот на правната мисла и практиката како и нивниот квалитет, а особено имајќи го предвид фактот дека критичкиот пристап во Македонија во последните години е значително намален.

Темите кои се обработуваат во овој Правен дијалог се најразлични, но пред се’ ја засегаат заштитата на човековите права, а изготвени се од еминентни експерти за човекови права, професори, правници. Написите се авторски трудови и не секогаш ги изразуваат ставовите на Институтот за човекови права.

Се надеваме дека ќе го споделите задоволството што сме и понатаму со вас.