Македонски Shqip English

Стамен Филипов

ПРИЧИНИ ЗА НЕИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ НА УСТАВНИОТ СУД

Ќе набележам само неколку причини за неизвршувањето на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија. Но, пред тоа, заради подобро разбирање на проблемот, ќе ги  наведам прописите околу извршувањето на одлуките на Уставниот суд.

 

Имено, според член 86 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, од 1992 година, одлуките на Уставниот суд ги извршува донесувачот на законот, другиот пропис или општиот акт што со одлука на Судот е поништен или укинат. Одлуките, пак, со кои Судот одлучува за заштита на слободите и правата утврдени со Уставот ги извршува органот што го донел поединечниот акт што со одлука на Судот е поништен. Согласно со член 87 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд го следи извршувањето на своите одлуки и, по потреба, ќе побара од Владата на Република Македонија, како орган на извршната власт, да го обезбеди нивното извршување.

 

Според член 37 од Законот за Владата на Република Македонија од 2000-та година, беше предвидено дека Владата го обезбедува извршувањето на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија во случаите кога надлежните органи за извршување на овие одлуки не ја извршиле одлуката на Судот, а според член 38 од Законот, во зависност од природата на предметот на извршувањето, како и од органот кој во смисла на член 37 од овој закон бил непосредно надлежен и должен за извршување на одлуката, Владата донесува заклучок со кој поблиску го определува начинот на обезбедување на извршувањето.

 

Меѓутоа, Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука, У. број 131/2000, од 21 март, 2001 година, ги укина членовите 37 и 38 од Законот за Владата на Република Македонија, со следново образложение:

 

,,Според член 112, став 3 од Уставот на Република Македонија, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, а според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредува со акт на Судот. Тргнувајќи од содржината на наведениве одредби, според мислењето на Судот, Уставот е категоричен во определбата дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Поаѓајќи од категоричноста на уставната определба за конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд и од определувањето на начинот на извршувањето на одлуките што е во надлежност на самиот Суд, а имајќи предвид дека со оспорените одредби може да се наруши принципот на конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд, односно дека тие содржат елементи кои допуштаат Владата на Република Македонија да ги толкува одлуките на Уставниот суд, да го пролонгира и оневозможува нивното извршување, Судот оцени дека членовите 37 и 38 од Законот за Владата на Република Македонија не се во согласност со одредбите на член 112, став 3 и член 113 од Уставот.”

 

  1. Имам поднесено повеќе од 100 иницијативи до Уставниот суд по одредени одредби во разни закони по еден ист основ – правните последици од осудата. Зошто? Затоа што автоматски настапуваат правните последици од осудата по сила на закон, а можат да се изречат само со конкретна правосилна судска одлука, како санкција од страна на суд во рамки на видовите казни, а не како ограничување на правата на граѓаните. По сите тие иницијативи донесени се одлуки со кои се укинати таквите одредби. Меѓутоа, извршната власт и законодавната власт и понатаму предвидуват такви или слични одредби, што значи не се извршуваат и почитуваат одлуките на Уставниот суд, па е и тоа една од причините зошто толкав број Уставниот суд донесува укинувачки одлуки.

 

  1. Според член 106, став 5 од Кривичниот законик, никој нема право од граѓаните да бара да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност. Но, токму Министерството за правда не ја почитува оваа законска одредба, затоа што, според член 5, став 2 алинеи 3 и 4 од Правилникот за програмата и начинот на полагање на испитот за извршители, донесен од министерот за правда во 2005 година, беше предвидено дека кон  писмената пријава кандидатот за полагање на испитот за извршители ги приложува и следниве документи:  уверение за неосудуваност и доказ дека против кандидатот не се води кривична постапка.

 

Со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, У. бр. 219/2005, од 24 мај 2006 година, се укинаа овие две алинеи како несогласни со Уставот на Република Македонија.

 

  1. Иста е ситуацијата и со законските одредби во кои се предвидува дека ако не се платени јавните давачки и придонесите не може да се формира трговско друштво или друг субјект. Уставниот суд ги укинува таквите одредби, заради тоа што за наплата на даноците и другите јавни давачки постојат други механизми - Законот за даноците на имот, Законот за комуналните такси, Законот од задолжително и социјално осигурување и Законот за даночна постапка. Така, со Одлука на Уставниот суд, У. бр. 132/2008, од 3 декември 2008 година, укинат е член 3, алинеја 3 од Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија од 2007 година, донесен од министерот за животна средина и просторно планирање, во која беше предвидено дека кон барањето за добивање дозвола за оператор се приложува уверение од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки пропишани со закон.

 

Со Одлука на Уставниот суд, У. бр. 153/2008 од 11 февруари 2009 година, е укинат член 29, став 2, точка 3 од Законот за трговските друштва, со која беше предвидено дека трговско друштво не можат да основаат лица кои не ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат.

 

  1. Уставниот суд, со Одлука У. бр. 229/1997, од 3 јуни 1998 година, го укина член 29 од Законот за внатрешни работи од 1995 година, кој гласеше:

 

,,Овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи имаат право да задржат лице најмногу 24 часа, ако истото го нарушува или го загрозува јавниот ред и мир, а воспоставувањето на јавниот ред и мир или отстранувањето на загрозувањето не може да се постигне на друг начин и во случај кога лицето го испорачал странски орган на безбедноста заради спроведување до надлежен орган,, - со образложение дека таквиот начин и постапка излегува надвор од контекстот на член 12 од Уставот, од кој произлегува дека лицето лишено од слобода мора веднаш да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода. Бидејќи оспорената одредба содржи елементи според кои ограничувањето на слободата се врши од страна на органот за внатрешни работи, а не со одлука на судот, Судот оцени дека член 29 од Законот за внатрешни работи не е во согласност со член 12 од Уставот.

 

Од истите причини Уставниот суд, со Одлука У. бр. 137/1998, од 10 февруари, 1999 година, ги укина член 21, став 1, точка 3 и членовите 29 и 31 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи од 1998 година.

 

Меѓутоа, и покрај овие две одлуки на Уставниот суд, укинатите одредби повторнио законодавецот ги воведува во член 50 од Законот за полиција од 2006 година, па полицискиот службеник може да задржи лице за кое постојат основи за сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност, при што задржувањето може да трае најмногу 24 часа. Полицискиот службеник може да задржи лице затечено при извршување прекршок, како и лице кое го нарушува или го загрозува јавниот ред и мир или отстранувањето на загрозувањето не може да се постигне на друг начин. Лицето кое го испорачал странски орган на безбедноста, заради спроведување до надлежен државен орган, може да се задржи најмногу 24 часа.

 

  1. Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука, У. бр. 152/2008, од 11 февруари, 2009 година, го поништи член 44, став 2 од Законот за даночна постапка, кој гласеше: ,,Даночен управен акт се смета за доставен до даночниот обврзник при пратка во земјата – третиот ден по предавање во пошта (точка 1) и при пратка во странство – еден месец по предавање во пошта (точка 2),, - затоа што не е јасно од каде и на каков начин лицето на кое се однесува даночниот управен акт ќе добие сознание дека за него, од некој орган, во поштата, на конкретен датум е доставен акт, по однос на кој, тој дополнително може или мора да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската.

 

Меѓутоа, до сега оваа материја не е уредена со измена или со дополнение на Законот за даночна постапка и се` уште Управата за јавни приходи постапува по поништената законска норма, со што се повредува член 112, став 3 од Уставот на Република Македонија.

 

Значи, очигледно е дека не се извршуваат одлуките на Уставниот суд, односно се игнорираат, а за тоа нема одговорност! Како да  се работи за инает или за пркос од страна на извршната и на законодавната власт спрема одлуките на Уставниот суд!?. Таков е мојот заклучок!

 

  1. Дека е тоа така, може да се утврди и од овој пример.

 

Имено, Собранието на Република Македонија, во 2000-та година, го донесе Законот за здравственото осигурување. Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување (,,Сл. весник на РМ,, број 84/2005) во Законот за здравственото осигурување, во член 9, по ставот 1 се додадени два нови става 2 и 3, кои гласат:

 

,,Основните здравствени услуги од став 1 на овој член Фондот ги обезбедува на осигурениците во здравствените установи со кои склучил договор.

 

Ако осигуреникот користи основни здравствени услуги од став 1 на овој член во здравствена устаниова со која Фондот нема склучено договор, трошоците ги плаќа осигуреникот,,.

 

Меѓутоа, со Одлука на Уставниот суд, У. бр. 45/2006, од 11 јули, 2007 година, укинат е член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, како несогласен со Уставот. Оваа Одлука е донесена по повод иницијативата поднесена од Народниот правобранител.

 

Подоцна, со измена на Законот за здравственото осигурување, на еден заобиколен начин остварувањето на здравствените услуги од основниот пакет што ги надоместува законодавецот повторно го условува со тоа дали Фондот има склучено договор или не со здравствената установа што ја дава услугата. Затоа, Уставниот суд, со Одлука, У. број 185/2009, од 27 јануари 2010 година, го укина и член 10, став 1, точка 8, во делот: ,,или извршена здравствена услуга во здравствена установа каде што Фондот не обезбедил вршење на здравствени услуги на негов товар ,,од Законот за здравственото осигурување, како несогласен со Уставот,,. Оваа Одлука е донесена по повод поднесени иницијативи од Билјана Живковска од Скопје и од мене – Стамен Филипов.

 

Но, законодавецот со тоа не се помирил, па затоа и во член 70, став 6 од Законот за здравственото осигурување (,,Сл. весник на РМ,, број 50/2010), повторно ја внесува веќе два пати укинатата законска одредба од Уставниот суд, која гласи:

 

,,Здравствените услуги на осигурените лица, кои се извршени спротивно на став 1 на овиој член, не паѓаат на товар на средствата на Фондот,,.

 

Став 1, од член 70 од Законот, гласи:

 

,,За извршување на здравствените услуги, Фондот, како купувач на здравствени услуги, склучува и раскинува договори со здравствените установи,,.

 

Како граѓанин и како правник, на 8 ноември 2010 година до Уставниот суд поднесов иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и на член 70, став 6 од Законот за здравственото осигурување.

 

За Собранието на Република Македонија, по се` изгледа, не се однесуваат одредбите на членовите 51, став 1 и 112, став 3 од Уставот, според кои ,,секој е должен да ги почитува Уставот и законите и одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни,,.

Ако Собранието на Република Македонија, како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републикава, не го почитува и не го спроведува Уставот и одлуките на Уставниот суд, како тогаш да очекуваме почитување на Уставот, на одлуките на Уставниот суд и на законите од страна на граѓаните и од другите правни лица.?!